ПРЕПОРАКИТЕ ОД „БЕЛАТА КНИГА“ НА СОВЕТОТ НА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ - ТЕМЕЛ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ДЕЛОВНАТА И ИНВЕСТИЦИОНА КЛИМА ВО МАКЕДОНИЈА

Добивај вести на Viber

Билјана Пеева-Ѓуриќ, в.д. Извршен директор

Стопанска комора на Македонија

Првото издание на „Белата книга“ на Советот на странски инвеститори (ССИ) при Стопанската комора на Македонија излезе во 2014 година, како најважен писмен документ на Советот кој понуди конструктивни предлози, опфаќајќи група приоритети за економската политика, идентификувани од страна на странските инвеститори, а кои се во насока на подобрување на деловното опкружување во Македонија. Овој документ е како збирка на погледи за постигнатите цели и препораки за отстранување на непотребните пречки кои ги засегаат инвеститорите, со цел да се постигне подинамично инвестирање на странскиот капитал, преку искуството на странските инвеститори кое ќе послужи како основа за понатамошна и поголема соработка заснована на заемно разбирање и усогласување на локалната практика со меѓународните стандарди на функционирање и деловната етика.

Според странските инвеститори, можно е подобрување на бизнис климата во земјата доколку се следат препораките кои ги даваат во областа на администрацијата, законодавството, човечките ресурси, даночните и финансиските прашања. 

Дел од изнесените препораки во 2014 година се земени во предвид, како, на пример, барањето на инвеститорите моделот на раст да биде поттикнат од извозот, како и зголемена поврзаност со локалните добавувачи, што како мерка се најде во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, донесен оваа година, кој е позитивна стартна позиција во оваа насока. Прифатени се и забелешките дадени на Законот за јавни набавки во однос на критериумот за избор на најповолна понуда во постапките за јавни набавки и во Предлог на законот за јавните набавки, кој е во собраниска процедура, наместо критериумот најниска цена се предвидува економски најповолна понуда како одлучувачки критериум при изборот на најповолна понуда. Во врска со барањата за поедноставување на постапката за издавање на дозволите за престој и работните дозволи од аспект на кадарот, постапката за издавање работни дозволи за странски државјани во голема мера е либерализирана, како голема помош за компаниите поради тоа што им се даде можност да добијат дозвола за престој и/или дозвола за работа на членовите на нивниот персонал во пократки постапки со јасно дефинирана временска рамка, со што се поттикна и подобра комуникација и координација со Агенцијата за вработување, Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи. И барањето на Советот да им се даде можност на младите луѓе да стекнат професионални вештини и да се донесе Закон за практикантство, се надеваме, ќе стане реалност за кратко време бидејќи истиот е подготвен и е започната постапка за негово донесување. Но кога станува збор за работната сила која е квалификувана во областите од интерес за работодавците, се` уште има отворени прашања и потреба од измени во Законот за вработување и работа на странски државјани и Законот за работни односи. 

Анализирајќи ги препораките, евидентно е дека повеќето реформи кои имаат потенцијал значително да ги подобрат прописите со кои се регулираат правата на сопственост и други права од имотно-правен карактер не се спроведени. Електронската комуникација и недостатоците во дигиталниот систем се најчестите проблеми, односно воочено е дека капацитетот на системот за електронска апликација за пренос на информации се стеснува, наместо да се проширува (ваков е случајот со ЗЕЛС), додека пак транзицијата на Агенцијата за катастар на недвижности од аналоген во дигитален систем не е секогаш успешна во однос на усогласувањето, со што оценка е дека е потребна и подобра хармонизација на националните прописи за правата на сопственост со законодавството на ЕУ за сопственост. Во таа насока, се` уште е потребно да се работи на промена на регулативата во однос на поедноставување на административните постапки и начинот на наплата на таксите, поедноставување и скратување на постапките за издавање дозвола, усогласување на катастарските планови со деталните урбанистички планови донесени од општините, ажурирање на катастарот на недвижности и негово вклучување во проектната документација. Треба да се вложат напори за усогласување на Агенцијата за катастар на недвижности со Законот за градење со цел да се спречат различни толкувања и недоследна примена на некои правни регулативи од надлежните јавни органи, како и од органите на локалната власт. 

Сериозно прашање кое предизвикува тешкотии за деловниот сектор е прашањето за нееднаков третман меѓу субјектите од приватниот и јавниот сектор кога станува збор за правната регулатива, со оглед на тоа дека често се случува државните ентитети целосно да бидат исклучени од примената (Закон за извршување) или им се дава можност за задоцнета примена (Закон за финансиска дисциплина).

За странските инвеститори од клучна важност е натамошната реализација на градежните проекти долж паневропските коридори 8 и 10, која треба да продолжи со засилен интензитет, изградбата на железничката пруга кон Бугарија, како и градежните работи за модернизирање на Рутата 9 и Рутата 6 од автопатиштата од македонската граница до Приштина. Кога станува збор за инфраструктурата и тоа енергетската, едно од барањата на Советот е процесот на гасификација да остане стратешки приоритет за државата и независно од предизвиците кои се јавуваат во оваа област да се продолжи со напорите и активностите за изградба на примарниот национален гасоводен систем и на системот за секундарна дистрибуција на гас во Скопскиот регион, но и да се најде решение со кое би се осигурило долгорочна стабилност на дистрибуцијата на гас. Ова се приоритетни прашања од аспект на зголемување на конкурентноста на македонската економија, а во овој правец не помалку важно е и очекувањето да се стави приоритетот и на постигнување взаемни договори со царинските управи од соседните држави кои би овозможиле заеднички процедури за царинење, што сега е можно само со Србија на граничниот премин Табановце. 

Според членовите на Советот на странски инвеститори примената на законите сè уште е предизвик, особено кога станува збор за административни постапки неопходни за добивање разни дозволи, лиценци, одобренија и регистрации. Советот си останува на ставот дека во процесот на подготовка на законодавството мора да бидат вклучени сите засегнати страни, без разлика дали се работи за закон или за подзаконски акт. Притоа, годишната програма за работа на Владата мора да се објавува на почетокот на годината, а објавениот документ треба да ја претставува вистинската програма по која Владата ќе работи во дадената година, а не да се прават дополнувања и отстапки кои само ќе ја зголемуваат непредвидливоста во услови кога е неопходно водење на стабилни бизниси. 

Произлегува дека и препораките за подобрување на правосудството не се спроведени, на пример, интернет-страниците на судовите често се нефункционални и недостапни. Обидот за приклучување на интернет-страницата одзема многу време, а дополнително на тоа, клучната препорака, според која треба да се класифицираат судските пресуди по година на донесување и по предметот на спорот за да се олесни пребарувањето воопшто не е земена предвид. Некои подзаконски акти се централни документи за компаниите, но дури и како такви не се земаат предвид и не се третираат како релевантни документи во рамките на судските постапки или кога се донесува судска одлука.

Од горе наведеното може да се констатира дека и натаму остануваат како предизвик клучните приоритети и предлози иницирани од членовите на ССИ, за кои не може да се очекува целосна разрешница во период од 4 години, иако и за нив се преземени одредени мерки но не во доволна мера за да може да се видат поголеми ефекти и тоа пред се` во делот на:

воспоставување стабилно, предвидливо и конкурентно опкружување преку предвидливост на регулаторната рамка, како и политичка и макроекономска стабилност како елементи од суштинско значење за секој странски инвеститор;

зајакнување на јавно-приватниот дијалог преку засилување на соработката помеѓу деловната заедница и владините институции, како суштински фактор за создавање подобро деловно опкружување преку отворен дијалог меѓу властите и засегнатите субјекти, наспроти досегашната пракса честите и брзи промени на законите да доведуваат до нестабилна клима која влијае на сегашните и идните странски и домашни инвеститори;

намалување на севкупните административни постапки и законските оптоварувања, како и продолжување на борбата против корупцијата и поддржување на владеењето на правото;

со забрзано темпо да се одвиваат реформите во јавната администрација за да се подобри спроведувањето на прописите и

да се спроведат суштински реформи во образовниот систем за да може да се обезбеди висококвалитетен и стручен кадар, кој ќе има соодветни знаења и вештини потребни на пазарот на труд, како за странските, така и за домашните компании.

Дел од овие препораки сигурно ќе се најдат и во новото издание на „Белата книга“ на Советот на странски инвеститори за 2018 година, кое ќе биде промовирано до крајот на оваа година, но збогатено и со нови предлози и идеи кои треба да наидат на слух во државата за да се обезбедат подобри услови за инвеститорите и да се зголемат повеќекратно ефектите од нив, како предуслов за раст на вкупните економски перформанси во земјата.