Претставата „Остави го таблетот, симни се пред зграда“ ги развесели децата

Добивај вести на Viber

Слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“ под кој летово се одржуваат детските креативни работилници во Центар беше главната тема на театарската претстава во која вчера имаа можност да уживаат стотина деца. Претставата беше дел од детската драмска работилница што се одржа во паркот Капиштец, како трет настан од проектот на локалната самоуправа „Во Скопје сум, на одмор сум - Општина Центар мисли на мене“. 

Актерите од Театарот за деца и млади, Дарко Богески ,Марија Горгијовска и Мики Анчевски  два часа ги анимираа децата и ги воведуваа во тајните на драмската уметност. Ги учеа што претставуваат улогите, како се подготвуваат актерите за претстава, што е сцена. Дел од децата кои присуствуваа на настанот имаа можност да учествуваат во неколку драмски игри, меѓу кои и „Црвенкапа“. Дел од нив учеа како се изработуваат костими, на малата костимографска работилница и ги цртаа своите омилени анимирани ликови. 


Најинтересен дел од работилницата беше претставата под наслов „Остави го таблетот, симни се пред зграда“ што ја одиграа актерите Мики Анчевски и Марија Горгијовска.  Со неа на децата им ја упатија и главната порака на овие настани дека дружењето и заедничката игра под отворено небо се меѓу најважните нешта во детството. 

И родителите се задоволни од досегашните работилници и велат дека треба да се најде начин да продолжат да се одржуваат слични настани.

- Со двете деца бевме на сите три работилници и добро се забавувавме. Сè што е поинакво од вообичаеното е интересно и убаво е кога на едно место има многу насмеани и разиграни деца. Посакувам да се најде начин ваквите собирања на децата и родителите да продолжат, за да се оттргнеме од седење дома пред телефони и таблети. Убаво би било и ние жителите сами преку урбаните заедници да организираме вакви настани со кои ќе ги навикнеме децата повеќе да играат надвор, како ние некогаш - вели еден родител. 

Минатата среда се одржа музичката, а претходната недела ликовната работилница. Наредните две седмици настаните ќе паузираат заради годишните одмори, а детските креативни и едукативни настани ќе продолжат од осми август, на друга локација.