Прифати се и љуби се!
Една од лекциите кои се учат низ текот на целиот живот
е и онаа која подразбира да се сакаш себе. А една од најтешките (барем за мене)
била онаа која ме научила да се прифатам таква каква што сум. Нема формула со
која човек учи низ животот да биде она што е, да живее онака како што му сака
душата. А душата, таа знае и да се поболи ако не е тинтрана онака како што сме
научиле да ги тинтраме тривијалните нешта. Колку пати сте се фатиле себе дека
се обидувате од петни жили да ги направите среќни сите околу вас, да угодите,
да ги исполните очекувањата, без притоа да чувствувате мир во себе? Порано, бев
убедена дека тоа е себичност и без око да ми трепне ќе обвинев или ќе се
самообвинев. Како стареам, сфаќам дека зад превезот на сета таа благородна
мисија да се усреќат сите, лежи само потреба да се биде прифатен од околината.
Да, прифаќам и признавам дека има огромно задоволство во тоа да се посветиме на оние околу и да им дадеме време, внимание...или со еден збор, да ја извршиме нашата мисија на „ичтинесесекирајјасќесторамсе“. Но, она што почна да ме измачува е следново. Колку е сето тоа искрено и вистинито, ако притоа чувствуваме празнотија. Нели, по дифолт, би требало да сме среќни кога даваме. И тоа е така, доколку човек го совлада балансот во давањето и усреќувањето себе и другите. Секоја крајност само исцрпува и остава чувство на горчина. Колкумина од вас, во трката со себе и принципите кои сами си ги наметнувате сте си се истинтрале во последниве....хмммм, 12 месеци? Не зборувам за тоа да си приуштите патување, да одите на фризер, маникир, да се накитите со посакувано парче кое ќе ви светка во ушите или на прстите. Кога последен пат сте направиле за себе нешто што можеби и се коси со она што некој однадвор го очекува од вас?
Најтешкото ропство е кога човек робува во себе и од себе. Не прашувајте од каде знам! Сум била таму и сум се чувствувала виновна кога моите потреби и желби биле дијаметрално спротивни од туѓите. Уште помизерно сум патела кога сум си ги газела желбите.
Низ животот научивме да живееме за признанија. Дали се во вид на пари, моќ, слава...сеедно. Признанија кои минуваат брзо и кои нема да бидат вечни. Признанија кои ги добиваме од оние чие мислење и не ни е баш нешто посебно важно. Робувањето во умот е најстрашниот вид на ропство.
Не бранувај!
Не биди различен!
Немај став кој не е како оној што сите го имаат!
Зошто?! Сакам бранувања, сакам да чујам мислење кое не е исто како моето. Сакам да сум будна, да ми врие мозокот, да се надмудрувам, да згрешам, да научам. Имам паничен страв да не отапам. А секој од нас отапува ако се слее со другите. Сакам луѓе-борци, жени кои имаат тестиси не само да се изборат за себе, туку и да љубат со цело срце, тестиси за да се предадат без да му ја мислат. Сакам луѓе борци...мажи кои не се помалку мажи ако ја љубат земјата по која гази нивната љубена, а истовремено и кои ќе бидат столбови. Сакам луѓе кои се кадарни да се живеат себе, да се прифатат со сите недостатоци и да не прават фама од доблестите. Сакам да учам од вас, да станам подобра во се’.
Сите луѓе низ животот кои сум ги запознала, ми оставиле печат. Дури и оние со кои набрзина ќе се гушнам на сред улица. Секој од нив е Универзум за себе. Сите посебни, сите свои. И скоро сите покорени од сопствените стравови. Да се плукнам на таквиот живот! Не ми е предизвик само да протрчам низ животот, а токму тоа го правев. Бев само дел од публиката. Сега, сега учам да сум во главната улога. Учам да бидам своја и храбра на начин на кој не сум знаела дека умеам. Дали имам сомнежи?! Секако, не сум супер-жена. Дали имам страв? Секој ден. Дали сум среќна? О, да. Среќна сум што прогледав и што ми се отворија нешта кои не сум знаела како да ги доживеам.
Не робувајте. Никому, дури и на сопствените навики. Направете нешто поразлично од вообичаено. Експериментирајте со себе. Сменете го чипот во умот, ослободете се од очекувањата што сте си ги наметнале. Не бидете совршени, бидете свои. Научете да кажете НЕ, без расправии или да се објаснувате. Научете да кажете ДА без да ве јаде совеста. Не бидете совршени родители, не постои такво нешто. Бидете дете со своите деца и ќе знаете точно што треба да правите. Не се вадете дека не ви личи нешто заради годините. Одете на танцување, излезете без чадор на дожд. Голема работа ако ви се расипе фризурата или ако накиснете. Навадувајте си ја душата со љубов. Најдете го она што ве исполнува. Не бидете робови на домот, тоа се само 4 ѕида, па макар биле и најлуксузните на светот. Дишете со полни гради и запомнете дека освен нарушеното здравје, се’ останато е решливо.
Следен пат кога ќе ми пишете коментар на песна колку сум посебна, нека ви текне дека оној кому му се восхитувате е огледало...ваше. Тогаш запрашајте се кога себе сте се доживеале така како мене што сте ме доживеале. Имајте на ум дека се тоа зборови во кои сте се нашле, дека сте тоа вие-внатре.
Најдете време и љубов кон себе, исто онака како што ми ја давате мене. Бидете свесни дека сте уникатни, дека сте подеднакво добри (ако не и подобри) како оние кои ги ставате на пиедестал. Не сум јас ниту царица, ниту совршена, ниту подобра. Само го живеам она што ми е дадено, но сега онака како што ме личи. Целосно! И памтете дека сѐ што ви давам ќе е само расфрлани зборови, ако немате моќ да ги доживеете онака како што ги доживувате. Памтете дека јас треба вам да ви се поклонам за секој коментар, порака, критика.
Дишете...сега, тука.
Љубете...сега, тука.
И бидете свои...секогаш и бескомпромисно.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Да не ти минат годините џабе
Колку само да прелетаат преку тебе
Ко штркојте секоја година над оџаков
Да не ми остариш без да сетиш
И како странец да се пулиш едно утро
Дур си ја чукаш глата за да се сетиш
Каде времето ти минало
И шо се’ имаш одминато
Отвори ширум очите
И вратите на срцето
Рашири рацете ко да сакаш светот да го гушниш
И живеј го мигот
Не тагувај за минатото
И онака немаш начин за назад да се вратиш
Пушти нека изврви низ тебе тагата
Само да помини без да се задржува
Без да ти го труе телото и умот
Силно со двете раце држи го овој ден
Сега
Сега, по ѓаволите
И овде!
Не му ја мисли за утре
Утрото можеби и оладени ќе сме
Пикнати во накитен дрвен ковчег
Налет
Налет се’
Дај вино да пиеме
На сонце да мижуркаме и да се смешкаме
Мрзливи за да зборуваме
Или без врска муабети да тераме
Сега
И овде
Без ниту една мисла за вчера
И исчистен умот од она “утре”
Оти можеби токму мигот кој го пропуштаме
Е мигот од кој животециве ни зависат
И во кој ете нешто во нас ќе кликне
И часовникот ќе се разработи
Како добро подмачкан механизам
И стрелките напред ќе кинисаат
А и ние со нив
Неосетно
Оти така коцките се наместиле
Насмевни се сега
Само насмевни се и дај да наздравиме
Пушти си ја душата
Па што и ако се поднапиеме
Барем песна ќе запееме
Наместо таговни гласој да испуштаме
Налет да е
Само живи и здрави да сме
Сега и тука
Ти пред мене
Јас пред тебе
Секој со својата чаша полна живот
А животот полн љубов
Та љубовта полна простување
Чисто како здив на доенче
Невино како детски поглед
Со страст како срце на млада невеста
Со мудрост како 80 да имаме
Сега и тука
Ти и јас
На здравје да ни е!
За здравје да ни е!