Прилепска пиварница со донација кон Центрите за аутизам во Скопје и во Штип
Прилепска Пиварница потпиша договор за донација на 500.000 МКД финансиска помош за Дневниот центар за аутизам во Скопје и за Дневниот центар за аутизам во Штип, кои претставуваат единствени центри од ваков вид во државата. Средствата се издвојуваат од Фондот за донации на Прилепска Пиварница.
Донацијата ќе биде наменета за потребите на дневните центри за аутизам за набавка на најразлични реквизити потребни за нормален развој и живот на децата, како и за набавка на специјално возило наменето за Центарот во Штип.
„Со цел да помогнеме и да ја искажеме искрената грижа и поддршка за децата со аутизам, тие да ги добијат потребните услови за нормален раст и развој, ние, од Прилепска Пиварница, одлучивме средствата од Фондот за донации да ги насочиме токму за нив. Силно веруваме дека ваквите иницијативи нема да останат изолирани случаји во земјата, туку ќе претставуваат позитивен пример за следење и од другите компании, да придонесеме за инклузија на сите жители во општеството. Оваа донација ја надополнува кампањата на нашиот бренд Златен Даб, насловена како „Без предрасуди, без етикети“, која повикува на меѓусебна толеранција, прифаќање на различностите и ослободување од предрасудите“ – изјавија од Прилепска Пиварница.
Прилепска Пиварница ја продолжува стратегијата за општествена одговорност и преку реализација на многубројни проекти во иднина ќе им даде поддршка на различни ранливи категории. На тој начин ќе придонесе кон позитивни општествени промени и кон градење заедница отворена и толерантна кон различните, за подобра иднина на сите нас.