Приоритети
Цела недела ми е луда железница. Денот ми почнува и завршува со потсетници,
рокови, милион телефонски повици и пораки. Приоритети! Се ежам од самиот збор приоритет. Каде ли го научивме? ММЕ кој
прв почна да приоретизира! Не дека и јас не го правам истото. Приоритети. Од
важно, поважно, најважно. Сè e итно, неодложно, за денеска, за вчера.
Некогаш, не баш ретко, на крајот од денот, пред заспивање, да не кажам пред онесвестување, се сепнувам од помислата дека на списокот на важни нешта не се додадов себеси. Немав време за себе, за мојата главоболка, спондилоза, за физикалната терапија, за кафе со другарките од детството, за долг телефонски муабет со тетка ми. Третманите ги одложив за следната недела, или за неделата потоа, или за почетокот на следниот месец. Не знам, ќе погледнам во роковникот. Средбите и кафето ги оставам за од понеделник, овој, или следниот, или тој по него. А во меѓувреме? Во меѓувреме пијам апчиња што ми ја маскираат болката и негрижата за себеси. Немукает – велеше баба ми. Немукает сум, знам.
Во меѓувреме се сепнувам и на сон, на сред спиење, дека на списокот на најважни работи не стигнав да запишам: да си поиграм со децата, да прошетаме сами со сопругот (барем половина час), да зборувам со мајка ми на телефон подолго од пет минути, да појдам кај свекрва ми ненајавено, да ја поканам тетка ми на кафе и да си разговараме долго, долго... да појдам на торта кај пензионираната колешка, со која израснав и лично и професионално. Уште се топам на нејзиното „каде е мојата ќерка?“.
Сепнувањето е вознемирувачко. Сонот не се враќа лесно. А можев и поинаку, можев уште од оваа недела. Наместо список на обврски и штиклирани завршени задачи, можев за момент да застанам, да се слушнам себеси. Може ќе си ја смирев тахикардијата, ќе поминеше главоболката. Мораше ли да запишам нов онлајн курс со светски познат лајфкоуч? Немаше ли да биде поубаво, поедноставно и поприродно да појдам кај баба ми, на штрудла и чај?! Какви само вистиски приказни има таа да раскаже. Какви животни лекции се тоа, а јас не сум ни свесна дека се ексклузивно само за мене. Наместо бесцелно седење со телефонот в рака, можев да појдам кај тетка ми која со душа ме чека и не бара ништо, освен да ја слушам.
Премолчените и проголтани неправди на работа, приватните и професионални грижи и дилеми, ќе ѝ ги кажам на мајка ми. Таа ќе знае што да ме посоветува, ќе ме смири, ќе рече „има решение за секој проблем“. Во моментов ова ми се чини поделотворно од кое и да е советувалиште. Попотребно. Знам дека ќе ми помогне да си дојдам на себе.
Седнувам во кола. Овој викенд е само за мене. Ќе одам кај мајка ми на целодневен „третман“. Ќе одам да ме „думка“. Секогаш кога го изговара овој збор, таа се смее. Тогаш, повторно сум дете, а секогаш (ќе) сум нејзино бебе. Колку е полесно кога знаеш дека има кој да се грижи за тебе. Колку е полесно кога знаеш дека некој има дупло повеќе трпение за тебе од тебе самиот. Знаеш дека некој има доволно време за сè што те мачи и светот станува попријатно место за живеење.
Возејќи кон куќата на моите родители, кон мојата родна куќа, здогледав билборд. Мало девојче и баба како се поздравуваат или збогуваат, а горе слоган „Да ги слушнеме и гушнеме“.
За миг - јас сум девојчето, тоа е мојата баба. Следниот миг - тоа се мајка ми и моите деца до неа. Се поздравуваат или збогуваат? Се сепнувам: од кога ли не се виделе? Што беа тоа приоритети?! Грутката во грлото бара да излезе. Солзите тргнуваат сами, се тркалаат. Ми се брише списокот на важни нешта за следната недела, следниот ден, месец...
„Да ги слушнеме и гушнеме“ си повторувам. „Да ги слушнеме и гушнеме“ си запишувам и подвлeкувам.
Автор:
Една зрела, изморена жена, мајка, сопруга и ќерка, во постојана трка со себеси да биде добра во сите улоги одеднаш.