Признај си

Добивај вести на Viber

Свесна дека се обраќам на жени со длабока разлика во генерациски јаз, ќе се обидам да го доближам моменталното мое чувство кон секоја една од вас. 

Се сеќавате на Дизни и целата идеологија Си живееја среќно до крајот на животот? Имаше една цела екипа на принцези кои поминаа кроз се можно за да го најдат својот принц, (тие го поминаа процесот а не принцот) и секој крај беше ист, свадбени звона, прекрасен амбиент сите среќни и насмеани. Пепелашка, Ариел, Снежана, Заспаната убавица….

И се случи Покахонтас, го испрати јаден Џон да го оправат од примениот куршум за неа, а ние никогаш не дознавме дали се земаа. Имаше некој обид за продолжение, каде што многу смело покажаа една реална приказна, таа тргна да го најде, и да, го пронајде, но во прегратките на друга жена. Реално, нели..

Во цел тој процес каде што системот ни тврдеше дека љубовта е засекогаш, напоредно мајките, поголемиот дел бар, не учеа како од љубов не се живее, како за да се реализираш треба да се омажиш и да родиш, инаку не постоиш, те нема на мапа. И така, се загинавме, ни ваму ни таму. Па така, со прст на чело, целата опшетсвена склопка, не стави на клада, со осуда и презир кон секоја најмала грешка. Требаше да се едуцираме, но по туѓи очекувања, да се омажиме, но по волја на семејството и роднините, да родиме, но најмалку од безусловна љубов, најмногу од потреба. И од нас направија мажи, од голем дел од нас. Една тежина падна на грб на современата млада жена, да биде семоќна. Да исполнува сечии критериуми, да се потисне себе си за да ги спаси другите околу неа, да го има тоа што другите го замислуваат за неа, а најмалку таа за себе. 

Кога последен пат, Прелепотице, си се разбудила среќна? Кога последен пат, некој ти донел кафе во кревет, без да очекува нешто за возврат? Кога последен пат, си имала можност да бидеш во ситуација да одбереш точно и само тебе што ти се прави, без некој да го осуди твојот избор?

Стани утре, и признај си на себе што сакаш! Признај си дека ти е важно што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш, затоа што ти си тоа, тоа е основата на твоето битие, твојата среќа. Признај си дека си во состојба да го сакаш целиот свет, без очекувања назад, затоа што таков ни е чипот, тоа е суштината на создавањето на нов живот. Признај си дека сакаш да си љубена само ти, единствено ти. Признај си дека времето трае бесконечно долго додека да го видиш, се замрзнува кога ќе го погледнеш и лета со брзина на светлината додека сте заедно. Признај си дека сакаш да имаш негово дете, за заедно да му го дадете целиот свет, за да бидете ваше единствено семејство, кое ќе ја дели и среќата и тагата на свој начин. Признај си дека е тешко, дека те изневериле безброј пати и нема заштита од тоа, дека се бориш како лавица за своите права, за себе, и за возврат добиваш само омраза и негација. Признај си дека ти треба помош, признај си дека те боли. Признај си дека те оставија сама, кога најмногу ти требаше некој покрај тебе, и признај си дека можеш, ама не сакаш. Да, силна си, да, непобедлива си, да, носиш своја и туѓи планини на твојот грб, да, поправаш туѓи карми и ДА ќе успееш да се избориш за себе. 

Во оној момент кога ќе си признаеш дека не се плашиш, дека среќата е во тебе а не во другите околу тебе, дека сакаш Љубов, сакаш исполнетост, сакаш свое, сакаш тебе некој да те чува, сакаш ти некому да дадеш се, цело свое срце, сакаш да читаш, сакаш да патуваш, сакаш да одиш на шопинг, сакаш да се радуваш, сакаш да си своја пред се, е во тој момент Прелепотице моја, ти ќе се ослободиш и ќе добиеш се она што сакаш за себе. Само признај си те молам, дека заслужуваш Љубов, дека заслужуваш кариера, дека заслужуваш почит, семејство, среќа, и дека истото можеш да го вратиш дупло. Дека веруваш во себе и своите одлуки, и дека се одплаши веќе, доста е. 

Јас сум Ивана Кнез, Прелепотици мои, признајте си вие дека светот е ваш, и ќе биде. Ќе се избориме за Љубов нели? Онаа правата, што ти го тресе срцето пред спиење. 

Се читаме следната недела. 

П.С. За денес, This Love, Craig Armstrong. Со чаша коњак, смрзнато црно грозје и црно чоколадо. Живели, за нас.