Прочка, 8-ми март и една колумна помеѓу

Добивај вести на Viber

Да простиш е како да симнуваш камен од грбот кој си го носел наназад многу години и да почувствуваш после долго време дека можеш да одиш исправено. Да простиш колку да се рече, оти бил денот таков или оти си богобојазен е само симнување на каменот на еден ден, а веќе следниот да си го вратиш на врат како да си ставаш ланче или вратоврска-по навика. Да простиш со сета душа и никогаш да не се завртиш кон минатото за да спомнеш дека си простил, да простиш и да не ја отвораш повеќе Пандорината кутија е умешност и знак на достигнување на зрелост кон која сите се стремиме. Да се прости некому истовремено значи човек да си прости и сам на себе бидејќи верувал, бидејќи дозволил да му биде грешено или дека ги држел очите затворени толку долго што заборавил како се тера по патот со отворени очи. Но и обратно. Простувајќи си себе за сите човечки слабости е првиот чекор кон чистењето на душата и простување на оние кои ни згрешиле. И да, едното без другото не оди ако сакате да имате мир во срцето, оти гневот кон другите или себе ќе ве труе на секој чекор.

Простувањето е здравје и спокој. Нема полошо чувство од немоќта да се излезе од кругот на суета-омраза-навраќање и ако прашате од каде знам, сум била таму. Сум била во тој пеколен круг каде само го верглав филмот зошто, како, дали требаше вака да постапам, дали ако постапев поинаку ќе беше поарно. Џабе арчење мислите и џабе муабетот со себе кога се случило и поминало. Секогаш кога се прашувате дали можело поинаку да знаете дека може, ама во тој момент така требало да биде, токму онака како што се случило и никако поинаку. Ако се купува искуството, ќе ви го дадам моето гратис за да знаете дека да се јадете заради неможноста да простите (што на себе, што на другиот) е како да си го барате со боринче за да си навлечете болест. Знам дека секогаш е полесно да се каже или напише отколку да се примени, ама она што го научив беше дека колку побрзо си легнете на брашно дека неменливото мора да се надмине, толку поарно за вас. Од сегашен аспект, дури и смешно ми изгледаат ситуациите заради кои не сум можела да простам, ама пусто, арно велат старите дека на младоста и’ ги сакаат годините, ама не и паметот.

Не сакам празници баш многу, не знам дали некогаш сум ги сакала (освен кога сум била мала, па еуфоријата ми била како адреналин). Никогаш ништо не ми значеле, па кога ќе сум ставела статус на ФБ за некој празник дека секој ден треба да се сакаме, почитуваме, да си простуваме....секогаш се наоѓал некој кој бил лично погоден од тоа, како да сум сторила ерес или сум го осквернавела празникот. А мене душата не ми дава да направам лице во тој момент и да го истерам адетот. Она што ме теши е следново... вчера видов еден куп статуси за Прочка, ама најголем дел беа од луѓе за кои знам дека чинот на простување го применуваат секојдневно, а не само еден ден во годината. Како стареам станувам покрута кога се работи за мојот личен спокој (веројатно тука има и малку себичност, не велам не), ама сум и потолерантна кога станува збор за туѓите убедувања и размисли. Порано ќе се расправав за Прочка, а сега некако си велам дека секој треба да си тера како што му е убаво. Ако некој доживува спокој да тера адети за верски празници, нека тера. Ако некому му е спокојот во споделувањето икони, нека го прави тоа. Низ годиниве научив дека нема универзална вистина или кој е во право. Сфатив дека сите сме приказна за себе, дека она што ми е мене смешно некому е од суштинско значење, она што пак мене ми е важно некому може да е тривијално. Колку луѓе, толку приказни, толку вистини.

Истото го мислам и за утрешниот празник. 8-ми март кај мене дома не се слави, оти не го сметам за празник. Борбата не е завршена, нема што да славам се’ додека постојат машко-женски професии или се’ додека за иста работна позиција жената зема помала плата од мажот. Не можам да славам се’ додека има работодавци кои се дрзнуваат да прашуваат дали жената има намера да раѓа, што е исклучително безобразно и дискриминирачко прашање (впрочем, во денешно време и мажот често пати зема породилно отсуство). Пред 2 дена ќерка ми одоколу ме прашува какво цвеќе сакам и веднаш знаев дека ме прашува заради денот на жената/мајката. Седнавме да разговараме за тоа, па некако се објаснивме дека јас сум жена-мајка-ќерка 365 дена годишно (во престапните и 366) и дека нејзината љубов и почит кон мене ја чувствувам секој ден. Башка, кај мене дома цвеќе не вирее оти не знам да одгледувам цвеќе. Имам другар кој е самец (да не речете оти жена му се грижи за цвеќето) и кој ги има најубавите орхидеи кои ги имам видено. Јас сум дудук за цвеќе и сакам да го гледам само по дворови или полиња, не сум поборник за “убивање” на цвеќето колку да ми стои во вазна неколку дена. Нејсе, тоа не ми дава за право да солам памет или да осудувам ако некој си сака цвеќе за мартов. Крутоста/нефлексибилноста да се разберат туѓите ставови/потреби/размисли е исто како со Прочка. Како ќе се разбереме едни со други ако не си ги почитуваме разликите?

8-ми март е ден кој секоја од нас различно го доживува. Но, не смее да биде ден во кој ќе се потсмеваме на оние кои го доживуваат поразлично од нас. Јасно ми е дека некому му се неприфатливи моите видувања за празникот, знам дека некои од вас ќе се чудат зошто има жени кои не сакаат на овој ден да одат во кафеана или да добијат цвеќе, знам дека ќе има жени кои ќе бидат со прашалници за тоа зошто се слави овој ден. За жал, знам дека оние кои не го слават (кафеански) ќе бидат жигосани како “оние феминистките”, оние кои ќе го слават (кафеански) ќе бидат нарекувани “сироти, еднаш во годината излегле”. За жал, исто така знам дека се’ додека не се поддржуваме една со друга, ќе тапкаме во место и нема никаде да стасаме. Ако целта е да се оди напред, тоа си има своја цена. Напред се оди само со ширум отворено срце да се прифатат различните мислења, со почит кон тоа дека некои од нас сакаат или не сакаат да слават одредени денови. Борбата која ја биеме сите и секојдневно е посуштинска од тоа дали вторник ќе е ден за со музика и оро или не. Оти после вторник, ќе се редат сите денови во кои повторно и повторно ќе треба да докажуваме дека вредиме и дека не сме послаб пол.

Учам да го прифатам она што не можам да го сменам, да се издигнам над тоа со свесност дека никогаш не може да биде по мое, барем не секогаш, а некогаш ниту приближно како што би сакала да биде. Учам да не бидам надмена кон она што не го разбирам или не се сложувам. Некогаш потфрлам и не се чувствувам убаво кога се фаќам дека сум со предрасуди. И наместо да се казнувам и камшикувам, си велам “ќе научиш Ано, ќе разбереш и ќе се надеваш дека ќе те разберат”.

Денес е 7-ми март...простете ми ако сум ви згрешила.

Денес е 7-ми март...нека ви е честит 8-ми март на сите кои го славите.

Денес е 7-ми март...нека продолжи борбата во која рамноправноста не е само флоскула.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Јас сум секоја од вас

Онаа која утрата насмеана ги дочекува

Полна сила да помести пранини и реки

Која во денот чекори небаре светот го покорила

Со нежност која може и железо да свитка

И онаа сум која некогаш е преплашена

Од кревет да се извлечка избегнува и да стапне на земја се колеба

Која темни наочари и сред зима клава

И алишта за погреб си спрема

Јас сум ти

Да, тебе ти зборувам

Јас сум ти

И тогаш кога врескаш од бес

И солзите зад катанец ги држиш

Како брана на грлото ставено да имаш

Од пусти страв дека со нив и ти ќе се излееш

И иста ко тебе сум

Со сите борби во себе

Со сета љубов и колебливост

Со паниката дека полудувам

И непоколебливата помиреност дека сепак нормална сум

Со едно чудо прашалници за себе

Која некогаш го заобиколува огледалото од гадливост

И која знае со часови да седи и ко кокона да се токми

Исти сме

Исти сме кога на високи потпетици чекориме

И свесни дека мамиме погледи

И кога точак во патики возиме

Со коса ко од ветар однесена

Истите болести во умовите ги имаме

И се прашуваме дали некогаш вакцина против чувства ќе измислат

Иста ко тебе сум

Самоуверена и несигурна

Остра ко жилет и мека ко памук

Со грутка во срцето за чедото

И со грубост да уништиш се’ што рожбата ќе ти ја загрози

Исти

Како во калап правени

Иста ко тебе, иста ко вас сум

Оставана и згрчена од бол

Вљубена и неколку чекори над земја

Со ПМС кој е оправдание за да се изнавикате за години наназад

И кротки ко јагниња со питом поглед

Јас сум ти

Секоја една од вас во мене спие

Налудничава и смирена

Практична и неразумна

Борец и жртва

Џелат и ангел

Со душа ко од машина за перење алишта извадена

Мокра и згужвана

Страдна за љубов

И алергична на нечесност

Јас, твоето огледало сум

А ти, ти пак мене ми требаш за да се видам себе

Да можам да напишам за да ми олесни

А тебе да ти е полесно да дишеш откако ќе ме прочиташ

Секоја една од вас

Секоја сум

И сите вие сте јас...сакале или не

Оти исти сме

Само различни телата ни се

Од ист материјал темелите ни се

Ама куќите се секоја приказна за себе

Јас сум ти

Да, токму ти

Ти што сега во овој миг ме читаш

И ме знаеш

Токму онака како што себе се познаваш