Животна училница // Приказни
Продолжи да чекориш храбро со светлината дадена од Бога: Водителката Јулија емотивно за роденденот на ќерка си која се бори со рак
Пејачката, водителка и мотивациски тренер Јулија Мациевска, со емотивна објава на Фејсбук ѝ го честиташе роденденот на ќерка ѝ Адријана, која боледува од канцер.
Среќен роденден Адријана
Девојче мое, Хероино, Лавице, Убавице, Светлино ... Ти благодарам што постоиш, ти благодарам за секој ден, секој миг од кога си родена, во мојот живот веќе ништо не беше исто. Но, оваа година што измина, направи таков пресврт во нашите животи, дури и да сакавме, не можеме ниту да го замислиме, ниту да го измислиме. Помина една година ... минатата година на твојот роденден со тешка дијагноза, со болки кои едвај ги ублаживме за да можеш да застанеш на нозе и да се сликаме со роденденската торта што едвај ја купивме. Со еден куп прашалници, кои и не можевме да ги изговориме ... Не‘ болеше сите, не знаевме колку или каде ... но сепак застанавме, се насмеавме, се сликавме на твојата роденденска забава ... со Верба дека и догодина ќе славиме.
И еве, сине мило, помина една година ... стоиш на нозе, можеш повторно да одиш, да се смееш, да се сликаш, да ја рашириш светлината и да сведочиш, како што и самата велиш за твојот нов живот, на твоето ново раѓање. Што да ти кажам, Светлино моја ... ќе биде премалку, а ти знаеш, знаеш се‘, зошто си дел од мене ... ти ја познаваш мојата душа, ти ја познаваш својата мајка. Горда сум на тебе, не од егото, туку од љубов. Ти направи квантен скок, ти си моето чудо, Љубов, која од љубовта повторно се раѓа... ооох, му благодарам на Бога, Му благодарам понизно до земја и високо до небото, до бесконечност ... Му благодарам што милостиво ни ја подаде својата десница и чекор по чекор, денес го славиме Твојот нов живот во Бога и од Бога.
Мајчиното срце денес е радосно, иако солзите сами капат, додека ги пишувам овие редови. Но, срцето ми е полно со љубов, благодарност и верба дека заслужуваме заедно да одиме по патот на љубовта, по патот на светлината и да му служиме на Бога, како и досега.
Биди ми здрава, среќна, весела ... мојот Ан. Колку си силна, покажи ни ... продолжи да чекориш храбро и со самодоверба, со светлината дадена од Бога, и немој никогаш да се сомневаш во Божјиот план, зошто Бог има прекрасен план за Тебе.
Те сакам јас и Стеф, со сето свое срце
Инаку, пред неколку месеци водителката, исто така преку социјалните мрежи сподели дека ќерка ѝ Адријана ја примила последната хемотерапија и им се заблагодари на сите кои биле покрај нив.
Фото: Фејсбук/ Јулија Мациевска