Професорке прости ми

Добивај вести на Viber

Се сеќавам на првиот час во Орце. Да се разбереме, се запишав во општа гимназија со писмен договор со моите, условот беше заврши ја, после крши глава што сакаш биди, прво описмени се. Нормално јас сакав да бидам уметник и нормално ги натерав да ми потпишат документ дека по завршување на гимназијата одам на уметнички факс. Речено, сторено, моите беа прекул родители, се беше како треба додека бев во средно училиште. 

Имав супер класна, Ане, ни предаваше физичко. Се сеќавате на оние круговите околу сала што ги трчавме за петка, епа јас тие ги одев со цигарата во уста, трчав само во видокруг. Знаеше се бе срце едно, ама и знаеше колку ми е луд мозоков и што се може да го мотивира, па ме пушташе да глумам лудило. Првиот поим за професорка ми беше таа. 

Е сега втората..Првиот час по Македонски Јазик (ќе си дадам за уметничка слобода да не внимавам на правопис иако за тоа ќе пишувам) ќе го паметам додека сум жива. Не пречека една црна жена со плави очи, спастрена, средена, се соодветно со нејзините години, насмеана од уво до уво со тивик глас. Смилјана Донева, Професорка што до крајот на моето школување не повиши тон ниту еднаш. Ти ќе изрецитираш се од А до Сто и ќе ти се насмее и ќе ти рече седи маче двојка. Сите професори имаат љубимци, сите во животов секогаш без исклучок, даваме наклонетост кон некого повеќе а кон некого помалку. Јас не знам дали таа жена ме сакаше или не, само знам дека ме описмени. Не во форма на која буква каде оди, не во форма на будно и заспано проголтани лектири, туку ме остави да бидам. Имав од до со неа, знаеше да ми стави чиста петка со исшкратна цела писмена со црвено, па оди ти крсти се зошто ти е петката. Таа жена ме научи на театар, ме научи да голтам драми, ме научи да сакам литература. Со насмевка, со тивок тон, скромно, дотерано. Впрочем така и ги паметам сите професорки во Орце, некако имав среќа, се паднав во генерација каде што се уште учевме иако бевме поим за лудост сите до еден. 

Дојде ред да полагам Историја на Драма на уметнички факултет. Јас бев најслаба во ликовна експресија кај мене на факс, не знаев да цртам. Дојдов од општа гимназија, јбг тоа е цената на општото образование, по него страховито се трудиш да ги стигнеш насочените. Ама, се случи тој испит со листа од 100 драми кои мораше да ги прочитаме, и потоа ги биравме на среќа од ливче. Како да ви кажам цела моја генерација со крвопроличе се спремаа за тој испит, јас веќе ги имав прочитано сите до една. Тоа ми беше втор испит, првиот ми беше Историја на Уметност, едвај добив 6ка. Точно паметам како влегов на тој испит без ниту една скрипта, само со индексот во рака и го земав првото ливче од целиот куп. Здраво, здраво, ми се падна Шекспир. Елај си пиле, во тој момент го работев на чист Шекспиријански, го имав однесено од праисторија до современ ден. Додуша и за Коштана требаше нешто да прокоментирам, бар збор, два, но не остана простор. Го пополнив времето предвидено и добив 10. Прва на мојот факултет по тој предмет воопшто, откако постоеше катедрата. Излегов како најголемиот победник од таа канцеларија, и единствено нешто што се сетив во тој момент беше, е кај ми се сега моите од Орце да им кажам колку ми значи нивниот труд. Сигурна сум дека во моментот на средно образование, ниту ми текнувало ниту пак сум мислела колку ќе е тоа важно за понатаму. 

Сега на мои 34 години, со се што се случува околу нас, со сите изместени стандарди, со сета површност која ја живееме во лажна полна пареа, не знам дали сте свесни колку ни е важно тоа обрзование. Колку повеќе знаеш, толку помалку мразиш. Колку повеќе учиш, толку повеќе се надградуваш. Цела таа идеологија за кариери, успеси, милиони, фирми и бизниси паѓа во вода ако не си крварел над Злосторство и Казна. Сите идеологии за успешно и плодно општество се рушат ако не знаеш да процениш дали си капиталист, демократ или само свој. Ме болеа писмените, домашните, математика на сто задачи решени, ни една точна. Ама секој неуспех таму, секој пораз на факултет, ми вреди сега. Ми создаде навика за формирање на став и амбиција. Двете подложни на промена, но со длабоки корени вткаени од еден тим на луѓе кои своето време ми го посветиле на мене, и сите од мојата генерација. И пред и после мене, за нас, за да бидеме подобри секој ден. 

Јас сум Ивана Кнез, драги мои Воспитувачи и Просветители, извинете ако некогаш сум била прав Идиот. Од незнаење било. Сега знам. 

Се читаме следната недела. 

П.С Го знаеме Онегин? Ај…