Промоција на „Дното се стеснува“ од Кирил Бисероски во „Литература.мк“

Добивај вести на Viber

Иако „Дното се стеснува“ е дебитантско поетско (и, воопшто, книжевно) остварување на филозофот Кирил Бисероски и иако една од песните е веројатно посветена на Радован Павловски, голем дел од стиховите во оваа книга како да немаат свои претходници – или, барем, како тие да не твореле на јазикот на кој се напишани песните од оваа збирка. 

Водејќи се според сугестијата на Вордсворт од предговорот кон „Лирските балади“, Бисероски умешно ги претвора во предмет на својата уметност и „најтуѓите откритија на хемичарот, ботаничарот или минералогот“ и, елегантно ракувајќи со иронијата, парадоксот и полуримата, успева околу нив да обликува еден особен есхатолошки светоглед, кој – иако навидум составен од ограничен број на контрапунктни слики (ноќ/светлина, потоп/пролет, небото како тло и обратно) / оддишува со свежина и меморабилност на речиси секоја страница.


Кирил Бисероски е роден 1984 година во Прилеп. Средно образование завршил во Битола, а високо (Филозофски факултет – група филозофија) во Скопје. Живее и работи во Прилеп. Коавтор е на една студија од областа на здравството и повеќе преводи. Објавувал поезија и теоретски статии во неколку списанија и интернет-портали.
Промотор на книгата ќе биде писателот Иван Шопов.

Збирката поезија „Дното се стеснува“ од Кирил Бисероски ќе биде промовирана денеска (21 ноември) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, со почеток во 19 часот. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е поделена на пет тематски целини, кои содржат вкупно 88 песни.