Промоција на „Пијанистика 1: Основи на музичката писменост за пијано“ од Дирона Соколовска

Добивај вести на Viber

Книгата „Пијанистика 1: Основи на музичката писменост за пијано“ од Дирона Соколовска вечер ќе биде промовирана на Факултетот за музичка уметност – Скопје.

Промоторки на книгата ќе бидат уредничката Бранка Бугариска и рецензентката Катерина Ќетковиќ-Фидановска. Промоцијата ќе биде збогатена со музичка изведба на Јована Трајчева и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје.

„Пијанистика 1“, која е во издание на „Арс Ламина – публикации“, претставува учебно помагало за целосно изучување на техниката на интерпретација на музичкиот инструмент пијано, наменето пред сè за возрасни почетници, вклучително и учениците во средните музички училишта кои немаат претходно музичко образование.

Како што соопшти издавачот, во книгата, освен теориски содржини наменети за објаснување на поимите од теоријата на музиката (тоналитет, скала, акорд, интервал, начини на свирење итн.) и историјата на музика (конструирање на пијаното, историјат и типови на пијана), се содржат близу 150 нотирани музички дела – нотни партитури од композиции за свирење на пијано со две раце.  Во книгата, авторката користи и обработени популарни класични теми, песни од мјузикли на Бродвеј, џез-стандарди, како и аранжмани за пијано на песни и ора од регионалните етнички и културни поднебја.

Според издавачот, методот за изучување пијано во „Пијанистика 1“ е оригинален, создаден од авторката преку грижливо евидентирање, анализа на податоци и педагошка практика со ученици од најмала до средна возраст, во текот на сопствената 25-годишна работа како педагог по пијано. Секоја тематска единица е грижливо обработена и содржи: воведен текстуален дел, кој на корисникот му помага да го поврзе знаењето со претходни знаења; практичен дел – избор нотен материјал од ризницата на светската музика за свирење, наменет за усвојување на новото знаење преку свирење и заклучен дел – за проверка на знаењето.

Книгата „Пијанистика 1“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, онлајн преку www.literatura.mk, а ќе може да се набави и за време на промотивниот настан во ФМУ. 

ПР објава