Новото
издание за креативни родители, „Радосница“ од Калиопи Трпчева, ќе биде
промовирано денеска (четврток, 31 октомври) во книжарницата
„Литература.мк“ на улицата „Македонија“, со почеток во 18.30 часот.
Радосницата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина –
публикации“, е наменета за сите идни родители. Во неа ќе можат на
креативен и интересен начин да ги бележат поважните моменти на своето
новороденче. Низ шарените страници на радосницата, која е осмислена и
нацртана од академската сликарка и графичка дизајнерка Калиопи Трпчева,
родителите може да ги внесат сите податоци во првата година на своето
дете: од периодот на бременоста, раѓањето, првото капење, прошетка,
патување, првите запчиња и чекорчиња, па сѐ до првиот роденден. Го следи
растењето на детето, месец по месец, меморирајќи ги најинтересните
мигови, промени и новости. Оваа радосница се разликува од останатите по
тоа што, покрај тоа што има простор за допишување и додавање фотографии,
може да се обои, по желба на родителите.
Авторката вели дека радосницата е работена со многу љубов во перидот
кога се родило нејзиното прво дете, синот Марко, кому му го посветува
ова дело.
Промоцијата ќе започне во 18.30 часот со работилница за родителите и за
децата, на која ќе бојат дел од страниците од радосницата. Во
продолжение ќе следува официјално претставување на изданието.
Промоторка на изданието ќе биде поетесата Ана Голејшка Џикова.
|