Промовирана книгата „Херојски приказни“ со преводи од студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“
Група студенти од Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и нивната професорка, доц. д-р Мира Беќар, вчеравечер (29 април) ја промовираа книгата „Херојски приказни“, преку онлајн платформата Zoom. Книгата „Херојски приказни: Митови, легенди и приказни од различни делови на светот“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, e прв дел од едицијата „Мнемосина“. Изданието содржи 22 приказни, митови и легенди, кои од англиски јазик ги преведоа и адаптираа 11 студенти, под менторство на доц. д-р Беќар.
На промоцијата професорката истакна:
‒ Идејата за книгата настана на часовите на кои со студентите од трета година дискутиравме за компјутерски игри. Низ разговорот сфатив дека некои од студентите не се свесни дека многу од карактеристиките кои ги посочувавме за главните ликови од игрите се базирани на ликови од митови, приказни, легенди и дека е потребно тинејџерите и студентите да се запознаат со тие наративи. Исто така, како професор по Современ англиски јазик им посочувам дека треба да се насочат и да преведуваат текстови во одредена област за да стекнат експертиза за одредени теми, кои за жал немаме доволно време на факултет да ги покриеме и обработиме детално. Некои од студентите ќе се занимаваат со книжевен превод, па ова го сметавме и како добра вежба и подготовка. За наша среќа, на уредниците во „Арс Ламина“ им се допадна идејата да создадеме едиција на студентски преводи и така се случи реализацијата на оваа книга. Главните предизвици со кои се соочија студентите, а богами и јас беа имињата на ликовите и топонимите. Задоволна сум од проектот, особено поради тоа што преку него студентите учеа за својата идна професија и си помагаа. За некои ова ќе биде и главната егзистенција по дипломирањето (и духовна и материјална). Истовремено учевме и за убавината и можностите на македонскиот јазик ‒ рече Беќар.
Во проектот беа вклучени студентите: Ана Калајџиева, Деспина Филипашиќ, Драган Кабранов, Драгана Кнежевиќ, Елена Ацеска, Ема Близновска, Изабела Целевска, Јован Оливер Павловски, Кристијан Гуновски, Лебишка Селоска и Срна Зафировска.
На промоцијата тие истакнаа дека преведувањето на приказните за ова книга било интересен и едукативен предизвик. Рекоа дека преку овој студентски ангажман тие научиле многу нешта за нивната идна професија. Преведувањето на митовите за нив била одлична подготвителна вежба, пракса и ретка шанса за практикување на книжевен превод. За дел од нив овој проект бил добра можност да ги откријат предизвиците на преведувањето митови и легенди.
Тие одлично се надополнувале, бидејќи некои се талентирани за пренесување дијалози на пожив начин, некои се добри со македонската синтакса, некои со деталните описи (употреба на придавки), некои со познавање на митологија. На некои им бил возбудлив преводот, на други потежок, но пребродиле сé. Практично се изложиле на искушенија (преведувачки, професионални, тимски), на падови и будења.
На промоцијата беше откриено дека под едицијата „Мнемосина“ планирани се три изданија. Покрај преводи на митови, легенди и приказни од различни краишта на светот, во план е книга со приказни за големите истражувачи и умови, како и издание со сериозни и филозофски есеи.
Со отворањето на книгата „Херојски приказни“ тргнувате во авантура која ќе ве одведе од топлите мориња на Медитеранот до студените, страшни шуми на Северот. Ќе видите како Прометеј им го подарил огнот на луѓето, како Персеј ја поразил горгоната Медуза, и како Херкул ги извршил сите дванаесет задачи. Но, исто така, ќе ја откриете истрајноста на Фритјоф, љубовта на Лоенгрин и убавата Елса, и тврдоглавоста на ковачот Вејланд. Дури и ќе се потсетите на еден херој што ви е многу близок, а сте заборавиле дека и тој е дел од овој пантеон – Крале Марко.
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“, а онлајн може да се нарача на следниот линк: https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13689