Промовирани осум грантови од Европската унија за општини и Националните паркови за подобро управување со заштитените подрачја
Во Националниот Парк Пелистер беа промовирани осум големи грантисти на Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, вредна над 4 милиони евра, финансирана од Европската унија, имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Добитници на грантовите во висина од 250.000 до 350.000 евра се:
НП Пелистер – Зајакнување на капацитетите на паркот преку едукација на вработените и мониторинг
НП Галичица – Промоција, конзервација и мониторинг на биодиверзитетот
НП Маврово – Конзервација и заштита на ретки видови
Општина Дојран (Дојранско Езеро) – Обнова на екосистемот на Дојранско езеро
Општина Ресен (Преспанско Езеро и Езерани) – Подобрување на капацитетот на општина ресен за заштита и мониторинг на Преспанското Езеро и Паркот Езерани
Град Скопје (Матка, Водно, Сарај) – Промоција на природните вредности на комплексот Водно-Матка-Сарај
Јасен – заштита на разноликоста на природните вреднисти преку намалување на притисокот врз природата
Општина Струга, Охрид и Дебрца (Охридско Езеро, река Сатеска) – заеднички проект за итно подобрување на квалитетот на водата во Охридското езеро
„Имплементацијата на овој проект ќе го направи поодржливо управувањето со природните ресурси во заштитените подрачја во земјата. На конкретен начин, со конкретни примери ќе покажеме дека инвестицијата во заштитата на природата ќе донесе огромни придобивки“, изјави на промоцијата министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки.
„Веруваме дека овој проект ќе помогне да се заштити богатиот биодиверзитет на земјата и заштитените подрачја истовремено подобрувајќи ги и животите на луѓето. Европската унија продолжува да и помага на земјата во градењето на подобра иднина за нејзините граѓани“, изјави амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар.
„Земјата е полна со чудесни природни богатства, но за жал многу од заштитените подрачја се заштитени само на хартија. Наша заедничка цел е да почнеме да ги претвораме ветувањата во реалност, да ја зачуваме животната средина за идните генерации“, изјави Луиза Винтон, Постојана претставничка на УНДП.
Во март, во рамки на истата програма, беа промовирани седумнаесет помали грантови, доделени на општини и граѓански здруженија кои добиа средства во висина од 50.000 до 100.000 евра за проекти за заштита на природата.
Тригодишната програмата е финансирана од Европската унија, а имплементирана од Програмата за развој на Обединетоте нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и физичко планирање.