„Прв пат ја претставував Македонија надвор, им ја зедов круната и ја донесов дома“: Убавата Јулијана Ѓорѓиевска за титулата „Мис Европа“
Една таква девојка која е горда на она што мајка природа и го подарила е младата Јулијана Ѓорѓиевска од Крива Паланка. На свои 26 години гордо ја носи титулата Мис Европа која неодамна ја доби на изборот за убавина „Кралица на Евроазија 2024“, кој се одржа во Анталија Турција.
Дел е од модното студио „Црнокрак“ чија соработка започнала непосредно по одржувањето на изборот за убавина „Мис универзум“ во Македонија. Ја добила понудата да биде претставничка на Македонија на изборот „Кралица на Евроазија 2024“, прифатила, а тоа и донесе титула.
„Велат дека не е убаво човек сам за себе да зборува, затоа јас ќе бидам кратка и само ќе кажам дека Јулијана е Македонка која каде и да отиде гордо и достоинствено ќе ја претставува Македонија“.
Модните ревии и изборите на убавина ги следела од мала, па како и секое девојче посакувала еден ден да се најде на таа сцена и да добие круна.
„Уште од тинејџерските години гледав избори за убавина, модни ревии и сè што е поврзано со мода и убавина. Посакував еден ден да стапнам на тој подиум. Поттик беше да излезам од својата комфор зона и да ги поместам границите“.
Дебитантското јавно појавување на Јулијана беше на неодамнешниот избор за убавина „Мис Универзум“ во Македонија, каде освои 4-то место.
Предноста на учеството на меѓународни избори за убавина се искуството и пријателствата кои се стекнуваат.
„Генерално за изборот за убавина „Кралица на Евроазија 2024“, кој се одржа во Анталија Турција, можам да кажам дека имаше врвната организација, прекрасни луѓе, многу забава и пријателства за кои слободно можам да кажам дека ќе траат за цел живот. Најголемото искуство е тоа што својата држава за прв пат ја претставував надвор од Македонија, им ја зедов круната и ја донесов дома“.
Титулата Мис Европа, за неа е само потсетник на убавината и успехот, туку и на трудот, храброста и упорноста.
Учеството како модел во реклама за потребите на платена политичка програма, како статист во спотот на Боки 13 за песната „Само една песна таговна“ се помеѓу нејзините први работни ангажмани.
Велат дека покрај убавиот збор и надворешната убавина златни порти отвора. Искуството на Јулијана вели вака:
„Луѓето мислат дека животот е едноставно полесен за оние кои во нивните очи изгледаат убаво или атрактивно. За мене убавината не е само физичкиот изглед. Убавината е во душата на човекот! Со ова можам да кажам дека убавината отвора врати, но вистинското нешто што ги задржува отворени е внатрешната убавина“.
Изненадена е што покрај од посилниот пол, често добива комплименти и од понежниот пол, затоа што убавиот збор од жена за жена поинаку се доживува.
„Фрапирана сум од тоа колку жените знаат да делат комплимент и поддршка, со тоа ми даваат уште поголема мотивација да продолжам храбро да чекорам по својот пат“.
Жена на која и се восхитува најмногу е нејзината маја, иако како што вели ги има повеќе, но таа е посебна.
„Има многу жени на кои им се восхитувам, но пред сè на мојата мајка! Таа е жена која секогаш е подготвена да се жртвува за мене и моето семејство. Мојата инспирација да застанам исправено пред сите предизвици и никогаш да не се предадам“.
Нејзиниот убав изглед и витка става ги препишува само на гените, многу малку на начинот на исхрана, иако внимава на тоа секогаш да изгледа убаво.
Габриела Додевска Глигоровска