Прво издание на битолскиот „Џез фактори“ со светски познатиот Душан Јевтовиќ
Од 18 до 20 мај во Битола ќе се одржи првото издание на фестивалот „Џез фактори“. Главната програма ќе се одвива на терасата пред офицерскиот дом, а оф-програмата и работилниците ќе бидат реализирани во кафе-барот „Камарите“.
- Проектот доаѓа како спонтан резултат на досегашните изданија на „Џез Фабрика“ кои во изминатите пет години станаа синоним за промоција на џез-културата во Македонија. Спојот на авторскиот џез со едукативните работилници за млади го направија овој проект препознатлив, атрактивен и посетен. Автентичноста на оваа манифестација се огледува во поинаквиот пристап кон промовирање на џез-културата преку концерти, работилници, дискусии, изложби и филм – нагласува организаторот Сашо Поповски, џез музичар, професор и шеф на џез катедрата при музичката Академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип кој доби поддршка и од Центарот за културна деконтаминација од Битола.
На првото издание на „Џез фактори“ ќе се претстават реномирани светски имиња од џез-сцената, пред се специјалниот гостин кој доаѓа од Барселона, Душан Јевтовиќ. Тој ќе настапи со неговото трио во кое членуваат реномираниот Васил Хаџиманов и тапанарот од Израел кој живее во Лондон, Асаф Сиркиз. Неговиот последен албум No answer е меѓу најслушаните џез-албуми во светот.
Втората фестивалска ноќ е резервирана за македонските бендови, „Сашо Поповски трио“ и „Фирс“. Поповски го спојува современиот џез со традиционалната македонска музика. Повеќе од 20 години е на сцената преку различни проекти во кои соработуваше со многу уметници и издаде три џез-албуми и неколку соло композиции. Дел од ова трио е и Иван Бејков кој е основач и композитор во проектот „Жлуст“. Професионален музичар кој работел како басист со „Архангел“, Влатко Стефановски, „Мугер Фугер“ и Кирил Џајковски, а автор е и на филмска музика. Виктор Филиповски, пак, е претставник на најмладата генерација македонски џез-музичари, основач на бендот „Фирс“. Неговиот автентичен пристап во свирењето на тапаните допринесва за негова константна присутност на џез-сцената. Моментално е најмладиот предавач на Џез Одделот при „УГД Штип“.
Фестивалот зад кој застанаа и Министерството за култура и Општина Битола ќе го затвори добро познатиот Тони Китановски.
Ѓ.С.