Радиото ти дава можност да играш театар со умот: Искрено со Тик Так и Зорка

Добивај вести на Viber

Секое утро различни, енергични, искрени, свои. Ги слушаат од цела Македонија, особено оние кои се цел ден зад воланот, кои имаат такви работни позиции, или луѓето кои возат до своите работни места.

Знаат да „закачат“ политичари, јавна администрација, актуелни случување, но и да „стаписат“ некого честитајќи му роденден од нигде никаде уште рано наутро. 

За читателите на Женски Магазин, водителите на утринската програма на радио 2: Тик Так и Зорка, искрено одговараат за себе на неколку прашања.

Едниот сака слатко, другиот кисело, Зорка сака да чита книга повеќе, додека Тик Так сака да се релаксира со филм, но двајцата се одличен тим кој и покрај своите разлики одлично се снаоѓаат во комуницирањето – водењето на нивната утринска емисија.


* Со вас се буди цела Македонија, но како се будат Тик Так и Зорка?

ТИК ТАК: Фала на прашање, со лесно се будам. Посебно што ноќното спиење ми се прекинува едно 4 до 5 пати од разноразни тегоби кои најчесто се јавуваат после 40-тата, ама јас некако успеав да ги пролонгирам 5 години.  Ако до пред некоја година ми требаше аларм да станам, сега, можам да се пофалам дека без никаков проблем се будам добри 30 минути пред почетокот на работните обврски. Денот го започнувам со ладен туш, затоа што некој заборавил да вклучи бољер на евтина струја, а веднаш по тушот, пијам микс од еспресо, свежо цеден портокал, лимон и црвен грејпфрут. Овие ритуали траат се до 7:15, кога Пепер, мојот лабрадор, видно возбудена сигнализира дека Зорка е некаде во радиус од 300 метри.

ЗОРКА: Најчесто ги игнорирам првите 3 аларми, па во 6 и 50 скокам од кревет. Имам точно 25 минути да долетам до студиото. И можете да замислите што се случува...

* Како се запознавте? Како дојде до вашата соработка како водители на утринската?

ТИК ТАК: Еден ден, далечната 2009/10 година вртејќи по радио станици налетав на глас што ми се слушна интересен. Тоа да ти била Зорка. Звучеше доста добро, ама беше очигледно дека никој не ѝ ги покажал осноците на форматирање, начин на говор на радио. И си реков, ако девојчево без било каква работа звучи вака, замисли што може да се случи ако некој земе да си ја калеми по свој терк. И си ја калемев доста долго, во една млада Фиданка, која сега седи до мене секое утро и кова план како шоуто да стане Зорка и Тик Так, нешто што, веднаш и реков дека не е можно, се до моментот на моето пензионирање. 

* Кој е ТикТак? Накратко да споделите со нас и читателите потекло, образование, женет-неженет, деца?

ТИК ТАК: Е ама суптилно го кажа ова. Тик Так е секој и никој. Една од работите кое го прават радиото персонален медиум е фактот што радиото ти дава можност да играш театар со умот. Фали визуелното, што, иако некој ќе каже дека е хендикеп, за мене е огромна предност затоа што недостатокот на слика дава можност на секој слушател да си створи имиџ за Тик Так онака како што нему му одговара. Додека не почнавме заедно да работиме со Зорка, јас воопшто не се појвавував со лик, а и сега, се трудам што помалце да ме гледаат, а што повеќе да ме слушаат.

* Која е Зорка? Исто накратко да се опишете, т.е да ги доближиме читателите до вас.

- За Зорка, ретко дека нешто не е кажано или видено досега (се смее). Мајка сум на 3 ипол годишно синче, маќеа на 11 годишен лепотан и среќна сопруга. Кога не сум на радио, сум на инстаграм под името @miss.mama.mk (се‘ уште немам објаснување за името, и не, не е поврзано со мис на свет). Дружам, вежбам, движам, мнооооогу сакам да читам книги, гласно се смејам но и плачам на филмови. Танцувам кога не гледа никој и сакам кога сум причината за насмевка на моите најблиски.   

* Најчудното нешто што ви се случило додека сте биле на емисија?

ТИК ТАК: Ми улета обезбедување у студио у МТВ затоа што на програма сум бил со кратки панталони. Настанот се случи во Август, кога во Скопје е пекол, ама ние мора да одиме на работа согласно некои нормативи за облекување кои не дозволоваат носење на кратки панаталони.

ЗОРКА: Не е најчудно, ама е смешно. Често кога треба да сум најсериозна ми се случува да кивнам или да се засркнам. Ми се случило неколку пати додека читам вести. A на програма во живо, тоа има можност да го слушне цела Македонија.

* Изјава од слушател која ќе ја паметите додека сте живи?

ТИК ТАК: Бракот е како буре фекалии прелиени со мед. Што побрзо го искраш медот, побрзо ќе дојдеш до фекалиите.

* Без што не можете да си го замислите работниот ден?

ЗОРКА: Веројатно 3-те еспреса додека трае емисија.... за кои не ми е издадена сметка од страна на Тик Так, но очекувам... 

* Најдрагиот подарок што сте го добиле од слушател?

- Тик Так и Зорка не се поддржувачи на мито и корупција и не примаат подароци без тоа да биде претходно договорена платена соработка. Се надеваме дека и сите други јавни личности ќе ги следат нашиот пример и ќе придонесеме за подобро општество без мито и корупција.

* Освен на работа се дружите и приватно, кој е секогаш расположен за дружба, а кој знае да замрчи?

ЗОРКА: Веројатно порасположен е Тик Так. Замисли да те викне колешката на мезе дружба и да те послужи со препечени (читај јагленосани) кифли. И пак да си расположен за дружба и мезе... некако така. Зорка пак, мрчи дека не и се вреднува доволно трудот, дури и кога послужува препечени кифли. 

* Како го трошите слободното време?

Тик Так на велосипед, прошетки, ТВ серии, филмови...

Зорка нема слободно време... а кога има, спие. 

* Блиц прашања:

* црно или бело?

ТИК ТАК: Се е сиво

ЗОРКА: Црно

*слатко или луто?

ТИК ТАК: Слатко

ЗОРКА:Кисело

*лошо или добро?

ТИК ТАК: Зависи што

ЗОРКА:дискутабилно....

*книга или филм?

ТИК ТАК: Филм

ЗОРКА:Книга

*Инстаграм или Фејсбук?

ТИК ТАК: Змија или Магаре?

ЗОРКА:Инстаграм

*јадење или пијалак?

ТИК ТАК: јадење

ЗОРКА:Пијалак

*ракија или вино?

ТИК ТАК: Вино

ЗОРКА:Вино се разбира... бело

*кафеана или кафуле?

ТИК ТАК: Кафеана

ЗОРКА:сеедно

*сон или забава?

ТИК ТАК: Сон

ЗОРКА:двете

* неостварена желба?

ТИК ТАК: Кога ќе ја скршиш 5тата декада, нема веќе неостварени желби. Има само работи кои можеш или не можеш да си ги дозволиш.

ЗОРКА:Да позајмнувам глас за цртан филм пак, АМА со било која друга улога освен кокошка и вештерка! (се смее) 

* каде се гледате за 10 години?

ТИК ТАК: На плажа, некаде на Медитеранот

ЗОРКА: На планина, некаде карши Медитеранот (се смее).


Наталија Миланова