Радмила Костова-Мила: „Инспирирај се за промени“ на волшебен начин го отвора патот до лична трансформација

Добивај вести на Viber

Мотивациската книга, чијашто цел е да им помогне на сите што се соочуваат со навидум несовладливите предизвици на современото живеење, „Инспирирај се за промени“, беше промовирана вчеравечер (10 мај), „Литература.мк суперстор“ во „Ист гејт мол“. Авторите Радмила Костова-Мила и Иван Лапчевиќ, покрај тоа што ја претставија книгата, пред присутните одржаа инспиративни говори, споделувајќи го своето животно искуство и знаење.

Книгата, која е во издание на „Попули“, на магичен и уникатен начин го отвора патот на читателот, носи светлина во животот и инспирира за промени. Оваа книга им помогна на многумина на својот пат на лична трансформација, книга што ќе ја пополни празнината што можеби ја чувствувате и ќе го надополни делот што на многумина им недостига за да бидат комплетни и свои.

Авторката Радмила Костова-Мила вели дека идејата за книгата се родила сосема „случајно“ како и сè во животот.
– Барајќи се себеси почнав да читам литература за самопомош, да гледам инспиративни видеа но некако во приказните најмногу се најдов, бидејќи така можев да се идентификувам со некој од ликовите и да си извлечам сама поука. Кога видов дека тоа мене ми помага веднаш посакав да го поделам тоа искуство и со другите. Така настана и првото издание на книгата. Книгата се состои од 40 приказни, поуки и вистински искуства што имаат силна порака. Бројот 40 испадна случајно, но потоа открив дека тој број има големо значење. Освен што со полни 40 години ја пишувам книгата, бројот 40 има поголемо и позначајно место во целокупниот наш живот. Во нумерологијата е симбол на складност, симбол на крај на едно и почеток на друго, според неа бројот 40 носи порака дека сите ограничувања може да ги претвори во предност. Според астрологијата, бројот 40 е поврзан со планетите Уран и Плутон што означува промена. Според африканската традиција, тоа е број што симболизира мир и љубов. Постојат исто така верувања дека доколку се сонува бројот 40 тој носи обнова, стабилност и сила... Според некои обичаи, во некои култури постојат 40 дена за раѓање и 40 дена за заминување. Постојат 40 разбојници, но и 40 апостоли. Според некои древни верувања се смета дека кога човекот ќе наврши 40 години тој тогаш почнува да бара нова цел, нов пат – рече Костова.


Објаснува дека книгата е наменета за секој што сака поубаво утре, кој посакува промена во кое било поле во животот, за оние што живеат среќен и исполнет живот затоа што знаат дека можат и повеќе. За сите што можеби се соочуваат со некој предизвик во животот, на кои им е потребна поддршка. За оние што можеби изгубиле некој и им е потребно нешто да ги потсети дека не се сами. Книгата е четиво што не се чита само еднаш туку повеќепати и секогаш различно се доживува.
– Книгата на некој волшебен начин го отвора патот до себе! Секоја приказна е еден кат од куќа, од дом... кој се обидовме да го изградиме на цврсти темели, темели врз кои ќе можат и читателите да си го изградат својата дом, во којшто секогаш ќе бидат свои, дом во кој ќе се чувствуваат сакани, среќни и полни со љубов бидејќи ако домот го градиме во некој друг, кога тој ќе замине ќе станеме бездомници, затоа домот се гради во себе и само кога тој ќе биде полн со љубов ќе може љубовта да се шири и надвор од него – вели таа.
Радмила Костова-Мила е авторка на текстови за личен развој на социјалните мрежи и тренер за личен развој. Покрај книгата „Инспирирај се за промени“, ја има објавена и книгата за деца „Биди среќна ѕвездичка“.

Со Иван Лапчевиќ соработуваат неколку години, заедно држеле работилници за личен развој и успешно заедно помогнале многумина да го најдат својот пат. Првото издание на книгата го направила сама, но за второто издание го поканила Лапчевиќ, да ѝ биде гостин, т.е. коавтор, бидејќи знаела дека тој има големо знаење и животно искуство што треба да се сподели со другите.

Лапчевиќ, кој живее и работи во Белград, е познат и наградуван поранешен спортист. Играл за најдобрите ракометни клубови, како „Барселона“, а бил дел од српската репрезентација и учесник на Олимписките игри во Сиднеј во 2000 година. Но, по една сериозна спортска повреда неговиот живот почнува да се менува. Барајќи одговор зошто нему му се случува тоа, се пронашол себеси и својата мисија. Така, изминатите 15 години станува мотивациски говорник и како тренер за личен развој одржува многубројни работилници и обуки низ целиот свет. По покана на Радмила се вклучил во создавањето на оваа книга, за која вели дека му се допаѓа, пред сè, затоа што во неа Костова раскажува приказни и преку нив дава позитивни примери за личен развој. Тој го истакна значењето од раскажувањето приказни. Особено ја нагласи важноста да им се читаат приказни на децата, така полесно ќе се запознаат со вистинските животни вредности и ќе создадат битни навики и ќе се мотивираат да бидат најдобрата верзија од себе.
Книгата „Инспирирај се за промени“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн преку www.literatura.mk
https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14478

ПР-објава