Радмила Костова-Мила: Со „Биди среќна ѕвездичка“ ги учам децата да бидат храбри и да се почитуваат
− Мислам дека секој од нас е роден под среќна ѕвездичка и е дел од еден голем синџир во кој имаме свое важно место. Мојата најголема цел со оваа книга ми беше децата да научат дека секое од нив е посебно и притоа да се почитуваат меѓусебно, иако се различни. Можеби некое дете е добро по математика, а помалку добро по македонски. Може друго ќе стане врвен спортист или ќе тргне по друг пат. Друго некое пак со својата насмевка може да ви го разубави денот. Но, секое од нив е важен дел од овој свет и има своја мисија и талент − посочи авторката Радмила Костова-Мила на вчерашната онлајн промоција на нејзиното дело „Биди среќна ѕвездичка“ која се одржа на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Оваа книга за деца е во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“ и е достапна во сите книжарници „Литература.мк“, како и да се нарача онлајн на веб-страницата www.literatura.mk.
Промоцијата ја водеше уредничката Бисера Бeндевска која ја престави „Биди среќна ѕвездичка“ како илустрирана книшка сочинета од 11 кратки поучни приказни за деца, во која главните ликови Виктор и Леона, братче и сестричка, усвојуваат искуствена порака преку авантурите и предизвиците со кои се соочуваат. Целта на оваа книга е децата да се мотивираат да ги гледаат убавите страни на секоја навидум безизлезна ситуација и самите да стигнат до решението на „проблемот“, помогнати од возрасните во нивното опкружување.
− Најлесен начин да се допре до децата е преку приказна или игра. Кога ги учевме буквите со моите деца имавме своја кореографија и песна. Кога се соочуваа со некој проблем, го решававме со приказна. Така, еден ден Виктор, мојот син, предложи да направам книга во која ќе ги ставиме приказните. Јас веќе имам напишано книга за возрасни и претпоставувам дека од таму ја доби и идејата, но така почна целата приказна – вели Костова и додава дека главните ликови во „Биди среќна ѕвездичка“ се именувани по нејзините деца, иако нивните карактери не се отсликани во секоја приказна.
Токму синот и ќерката на авторката биле и нејзини најголеми советници околу содржината на книгата. Секоја приказна им ја читала, а тие ги споделувале своите впечатоци за тоа што им се допаѓа, а што не.
− Мора да наспоменам и дека после секоја приказна има и поука, но и листа на прашања што родителот може да му ги постави на детето и така да дознае повеќе за него, за неговиот ден или, пак, за тоа како ги доживува работите околу себе – појаснува Радмила.
Илустрациите во „Биди среќна ѕвездичка“ се на Калиопи Трпчева, а книгата завршува со друштвена игра чијашто главна цел е играчите да се забавуваат и да се запознаат.
− Првичната идеја за оваа игра ми беше дека не е најважно да сме победници. Во ред е децата да се стремат кон успех, но додека стигнат таму ќе се соочат со предизвици. Поентата е дека не е најважно кој ќе победи во играта, туку децата да се забавуваат, да дознаат нешто повеќе за другиот, односно да го запознаат другарчето од друг аспект. Сепак, во играта има и победник, затоа што некој мора да стигне на целта прв, но неговата задача е да биде добар цел ден – појаснува авторката Костова.
Радмила Костова-Мила е авторка на текстови за личен развој на социјалните мрежи и тренер за личен развој и мотивациски говорник. Ја има објавено книгата „Инспирирај се за промени“, а „Биди среќна ѕвездичка“ е нејзино прво дело за деца.
Целата онлајн промоција може да се погледне на следниот линк.
ПР објава