РАНЛИВОСТА Е СИЛА
На игралиштата за деца низ Скопје може да видиш сè и сешто. Од разбеснети мајки, незаинтересирани дадилки, татковци што пцујат, фрустрирани баби и дедовци до разни прекрасни ситуации – насмеани дечиња, весел џагор, игра и среќни пријателства. Но не случајно почнав со лошите примери, за да може да се преиспитаме до каде сме со родителското прегорување. За жал, професионалниот „брнаут“ не е единствениот кој може да ни се случи.
Една немила ситуација на лулашките во маало ми беше повод да размислам кој е доминантниот модел со кој го воспитувам своето дете. Откако искрено си ги признав грешките, се дефокусирав од себе и почнав да размислувам какви родители најчесто гледам околу мене. Заклучокот до кој дојдов ме натера да напишам книга (се смее). Мала книгичка за деца, илустрирана сликовница со која сакав да пратам порака дека љубовта ни е единствениот лек!
Во свет во кој бруталноста ни се сервира на секој чекор, каде луѓе профитираат од искреноста на „наивните“, мангупи ни ги крадат насмевките, каде постојано некој се обидува да ни ги скрши крилјата, неизбежно е на децата (а богами и на родителите) да им ја вратиме вербата во добрината. Во ова технолошки софистицирано време, а емоционално деградирано, добрината често се смета за демоде. Во капиталистичката челуста главните алатки се итроштината и алчноста, и за жал, луѓето прифаќаат да живеат во една луда трка по профит и статус. Низ сето тоа структурно насилство, почувствував потреба да го анализирам местото на децата и нивниот психолошки имунитет.
Децата од мали ги учиме да се натпреваруваат. Нивните амбиции ги „билдаме“ со материјални награди, а ги казнуваме кога не се доволно успешни според нашите критериуми на возрасни луѓе. Често ги инхибираме и нивните емоции, фаворизирајќи ги крутоста и силата како средства за опстанок. Денес да се биде ранлив се смета за слабост. Ужасно погрешно! Вака се креираат емотивни инвалиди! Убедена сум дека само човек кој е нежен и емпатичен може да има еластичност во прифаќањето на разликите кај другите. Нашето емоционално конто е онолку длабоко колку што можеме да ги разбереме работите со кои не се согласуваме. Ама тоа се учи од мали...
Всушност, најголемиот дел од вредностите што ги негуваме до крајот на животот се усвојуваат во детството. Сум пишувала повеќе пати колку е важно од мали нозе да го култивираме процесот - од тоа како ги делиме ирачките со другарчињата во градинка до тоа дали го делиме оброкот со сиромавиот кога ќе пораснеме; од тоа како се учиме да си го собереме ѓубрето зад нас во паркот до тоа дали рециклираме. Дали ги сакаме и ги почитуваме животните или мислиме дека сме господари на оваа планета. Дали сме зависни, пакосни човечиња или луѓе со благодарност и широк дух. Конечно, решив да напишам и една приказна за деца во која ќе посочам на овие вредности. Во неа главен херој е петгодишниот Алекс, кој не се идентификува со Супермен или Спајдермен, но силно верува дека подобар свет е можен. Ова дете нѐ учи како да го чуваме срцето чисто, да не се плашиме да покажеме кога сме тажни и ранливи и да се избориме за тоа што го сакаме за да бидеме среќни – до небото и назад!
Низ емотивната приказна за добрината, љубовта, пријателството и емпатијата сакав да алудирам на разликите меѓу децата кои растат со/во љубов и оние дечиња кои се лишени од потребната грижа и топлина во домот. Првите, учат да ја сакаат природата, да се грижат за животните, да помагаат и да веруваат, додека вторите се учат да мразат, да исмејуваат и да напакостуваат. Некои деца, за жал, се жртви на пасивна агресија во домот, за која многупати и самите родители, обременети од премногу работа, обврски и стрес не се свесни за своето токсично однесување. Таквите деца, кои растат запоставени и под константен стрес, рефлектираат љубомора и агресија кон своите другарчиња. Веројатно тоа е коренот на булингот. Сами ќе ја пронајдете метафората за насилството.
Психологот Христина Стефановска вели: „Децата даваат и љубат од срце, без да мерат колку дале и колку треба да земат. Детето кое е сакано, љубовта ја гледа и наоѓа во сè околу себе, па лесно може да се поврзе со животните и природата. Во детските очи сите сме еднакви, но детското срце може лесно да го повредите. Детето кое чувствува дека не е сакано развива чувство на незадоволство, вина, страв, несигурност, небезбедност, неприфатеност и тоа го пренесува со нељубов и агресија кон околината. Всушност, децата се најдобри учители на патот до љубовта. Преку нив можеме да станеме подобри личности, подобри родители, наставници, воспитувачи“.
Имено, барав приказна која ќе им покаже на децата дека љубовта ја прати широк спектар на емоции од кои не треба да се плашат. Сакав да ѝ дадам простор и на тагата. Оваа круцијална емоција е голем дел од нашите животи. На децата мораме да им дозволиме да бидат и тажни, оти така го јакнат психолошкиот имунитет и го отвораат мудариот ум. „Емоциите не секогаш се пријатни, но секогаш носат порака до личноста. Тогаш кога ќе ја декодираме таа скриена порака, емоционално растеме“, вели Стефановска.
Сето ова ме натера да излезам од розовата кутија и да помислам на сите премрежиња по патот со кои ќе се соочува моето дете низ животот. Ќе има и такви што ќе му прават психолошко насилство, а богами и такви што ќе го повредат физички. На патот ќе му излезат нерешливи проблеми пред коишто ќе се чувствува мал и немоќен. Ќе има денови сиви и тешки. Ќе има загуби и мигови што ужасно ќе болат. Денови кога очите ќе му бидат суви, а полни со плач... Но она на што би можела да се надевам, е да успее длабоко во себе да наоѓа сила со која ќе се извишува над болката.
Така некако го замислив и напишав и мојот мал херој од сликовницата „До небото и назад“ која е дел од едицијата „Светулка“. Неговиот карактер и аурата со која зрачи одлично ги долови илустраторката Иванка НиБа. Нејзните цртежи фантастично го натопија целиот емоционален амбиент и на среќа и на болка. Алекс живее во една мала држава, во малку сив град, но во куќа полна љубов... Не откривам повеќе.
Во светот на децата не „палат“ тешки зборови, претенциозни термини, интелектуални мастурбации и слични јазични гимнастики, туку само чиста емоција. А таква есенција е најтешко да постигнеш! Не знам дали успеав. Дојдете сами да проверите (се смее). Сите вие кои сакате да растете заедно со своите деца, внуци, пријателчиња или соседи, и да растете негувајќи го детето во себе, ве канам да дојдете на промоција на мојата прва книгичка за деца „До небото и назад“ на 11 септември во 11 часот пред платото на Младинскиот културен центар (МКЦ), на отворено да се дружиме и да разговараме што можеме да направиме за да ги научиме децата да сакаат до небото и назад! Да не се плашат да бидат отворени кон другиот, да не се плашат да бидат ранливи или, пак, поинакви. Храбро да исчекорат од зоната на комфорот. А комфорната зона не е излегување од под „сукњата на мама“, туку излегување од закоравените позиции во општеството. Само нежен човек може да биде силен, затоа што има разбирање и капацитет за прифаќање! Во таков маж сакам да го пораснам мојот син!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој