Реосмислување на модата: 28-та сезона на Модниот Викенд Скопје поставува нова парадигма за одржлив шик

Добивај вести на Viber

Пролетното издание на Моден Викенд Скопје започна на 15 март со вечер посветена на италијанскиот дизајн, спојувајќи ја безвременската привлечност на италијанското модно наследство со итна потреба за одржливи практики во индустријата. Тогаш се отвори и поп-ап локацијата Ready, Steady, Shop! посветена на “бавната мода” и простор на кој излагаат селектирани македонските модни брендови.

Од вчера, Моден Викенд Скопје понуди програма на која домашните дизајнери ги презентираа своите креации, истакнувајќи ја моќта и креативноста на локалните модни сили, со изложби, работилници и настани за вмрежување.

Целта на ова големо финале е да се предизвикаат дизајнерите, уметниците и модните ентузијасти повторно да го замислат својот однос со облеката, со културата на живеење и со грижа за планетата. Па така, темата на оваа сезона на Моден Викенд Скопје докажа енергична почит на принципите на одржливо живеење, на иновативен дизајн и бавна мода, прикажувајќи ги македонските брендови посветени на етосот на долговечност, убавина и минимално влијание врз животната средина.

Настанот започна со настанот „Дијалози“ на Амбасадата на Шпанија, што на интересен начин го постави тонот за деновите што доаѓаат. Оваа презентација за мода и занает беше своевиден мастерклас во симбиотската врска помеѓу традицијата и иновативноста. Прославувајќи го занаетот и модата инспирирани од керамиката „Talavera de la Reina“ и жителите на Талавера-Шпанија, младите уметници и модни дизајнери Роберт Ивановски и Магдалена Таневска, заедно со занаетчиите и грнчари: Анета Попова, Слободан Столески, Христина Крстеска, Татјана и Борче Богоевски, ја открија капсулната колекција која беше дијалог помеѓу античката уметност на шпанската керамика и современите модни сензибилности. Оваа меѓукултурна соработка не само што го истакна заедничкиот јазик на уметноста и дизајнот, туку и ја нагласи посветеноста на настанот за одржливост, прикажувајќи ја модата што ги почитува и наследството и одговорноста за животната средина.

Паралелно со ова, течеа работилниците и панел-дискусиите под покровителство на Europe Hоuse Skopje, кои понудија длабоко нурнување во етиката на модата. Од работилницата „Од идеја до реализација“, која ги истражуваше одржливите опции за луксузна облека на „Кремастаре”, до Работилницата за редизајн и организираниот хакатон B-bags под водство на Social Integration & Empowerment Centre, како и Embroidery Workshop кој го води SIEC and Garderobe, Моден Викенд Скопје поттикна средина на учење и иновации. Овие настани не се осмислени само за споделување на знаење, туку за градење на заедница, за вмрежување на млади истомисленици обединети со нивната страст за модата и нивната посветеност за поодржлива иднина.

Вчера се отвори и одличната изложбата на Друштвото на ликовни уметници на Македонија под наслов „Лебдење” (Floating) со автори кои работат на текстил во ликовен контекст:

Јана Манева-Чупоска, Ана Ивановска, Јана Јакимовска, Страхил Петровски, Гордана Вренцоска, Марјана Којсточиновска Узунчева, и Маја Кировска. ДЛУМ, за прв пат заедно со Моден Викенд Скопје прават соработка која го истакнува светот на уметничкиот израз, спојувајќи ги наративите на текстилот и уметноста во изложба што ги предизвика перцепциите и ги покани гледачите да ја видат модата како медиум за раскажување приказни, како културен коментар на лично изразување на овие реномирани уметници.

Овие попладневни настани вчера, со заоѓањето на сонцето во перфектно скопско зајдисонце на хоризнотот, во офис просторот на East Gate Mall кој е совршен полигон за Моден Викенд Скопје, беа вовед за вечерните модни шоуа на модната писта, која оживеа под вештачките светла и во дизајнираниот амбиент со енергијата на исчекување. 

Брендот Crius, го скрши мразот во синоќешната агенда на ревии. Бренд под креативно раководство на Радмила Георгиева, која ја претстави „Носталгија“, колекција која беше љубовно писмо до минатото, до спомените и моментите кои го обликуваат нашиот идентитет. Со палета која беше ода на пролетта, на обновувањето и повторното раѓање - колекцијата беше потсетник дека модата не е тука само да биде украс на телото туку и да ја допре спиритуалната страна. Со Crius, пистата стана простор за изразување на смели и иновативни визии, еден наратив за новините на традиционалната средба со модата, колекција која зборуваше за желбата на модерната муза за софистицираност со пресврт, за облека што раскажува приказна, која во своите споеви ги носи шепотите на урбаните пејзажи и спокојството на природата.

Следуваше NotCol на Магдалена Таневска, која го претстави „Кочо“, како почит на македонскиот литературен великан Кочо Рацин. Оваа колекција беше манифест на одржливост и креативност, прослава на бунтовничкиот дух кој го предизвикува статус квото и повторно ги замислува можностите на дизајнот и материјалот.

Презентацијата на INT групацијата беше доказ за моќта на интердисциплинарните иновации, премостувајќи ги световите на модата, технологијата, и пошироко. Нивната колекција беше увид во иднината, каде што модата служи како спој на креативност, одржливост и технолошки напредок.

Naash.x, под креативната визија на Христијан Нашуловски, ја затвори вечерта со „Рурини“, збирка која навлегуваше во комплексноста на постоењето, на битието и на станувањето. Преку облеката што делуваше како втора кожа, Нашуловски не покани облеката што ја носиме да ја сметаме за складиште на нашите приказни, нашите борби и нашите триумфи. Модната ревија на Naash.x, е поддржана од Анита Гајтановска и Lotus Lounge Chair.

Денес продолжуваат настаните на Моден Викенд Скопје

Фото: Фото Гјоргиј Ристоски, Горан Бошковски