Роденденот на синот, Нова година и Божиќ ги поминав во болница: Елена Петреска за тешката борба со коронавирусот

Добивај вести на Viber

По две недели поминати на Инфективната клиника во Скопје и борба со коронавирусот, пејачката Елена Петреска е среќна што е дома, со нејзините најмили.

Нова година, Бадник и Божиќ, Елена ги помина одвоена од сопругот Андреј, од синот Михаел и од ќерката Софиа. Борбата со вирусот не единствената борба по која Петреска ќе ги памти овие празници. Споделувајќи го своето искуство, таа ни раскажа дека тешка била борбата со стравот кој го чувствувала гледајќи ја вистинската слика на болеста и атмосферата во болницата. Елена е вработена во хорот на Националната опера и балет, каде што настапува и како солист на концерти, и вели дека од вирусот се заразила за време на пробите. 

„Се заразив на работа. Имавме концерт во Филхармонија, секој ден имавме проби и скоро сите што учествувавме на концертот бевме позитивни. Преку пеење капките летаат до 5 метри и шансите за пренесување на вирусот се многу големи. Па така после концертот 80 проценти од колегите бевме позитивни“, ни раскажа Елена.

Во видеото кое го објави на Фејсбук, таа раскажува дека немала висока температура, но многу кашлала, до степен што не можела од кревет да стане и до тоалет да отиде.

„Ме задржаа во болница по предлог на инфектологот заради пневмонија. Имунитетот ми беше паднат, па докторката предложи да бидам таму за да примам соодветна терапија. И сметам дека тоа беше одлична одлука зошто за неколку дена веќе ми беше многу подобро“, додава пејачката.

Таа вели дека сега, откако била од другата страна, точно ги сфаќа зборовите на министерот Венко Филипче. Елена раскажа дека внимавала да не се зарази и претходно, но пред да ѝ се случи вирусот, на него гледала како на лош филм.

„ Тоа што го видов таму е една агонија, луѓе кои се борат за живот. Тоа е страшно и за слушање и за гледање. Ми треба време да ги заборавам тие слики кои ги доживев таму,  раскажа Елена во видеото на Фејсбук. 

„ Медицинскиот персонал е максимално посветен на сите пациенти подеднакво. Морам да напоменам дека веќе имаат огромно искуство со вирусот и ги превземаат сите мерки за излекување на истиот. И од оваа моја перспектива и искуство советувам да не си играте дома доктори и да експериментирате ако гледате дека симптомите се влошуваат, веднаш да се обратите на инфектолог, зошто сликата која ја дава вирусот рапидно, буквално преку ноќ се менува па затоа треба да се интервенира навреме“, вели Елена. 

Таа е благодарна што има прекрасни кумови кои на време ѝ го укажале тоа и како што вели,   буквално ја исфорсирале да отиде на Инфективната клиника за да добие соодветна терапија.

Најтешкиот дел за Елена, освен што не можела да биде со своите на Нова година и за Божиќ е што не била присутна на шестиот роденден на својот син Михаел. 

„Децата ги чуваше мојата свекрва на која сум ѝ неизмерно благодарна, со неа ги поминаа новогодишните и божиќните празници и роденденот на Михаел. А за Стара нова година јас веќе бев дома па го прославивме повторно роденденот“, ни раскажа Елена. 

„Психолошката состојба е многу битна кога се работи за овој вирус кој на сите некако ни влеа голем страв и создаде анксиозност, па тука е борбата со себе како да се остане при себе и дали од ова искуство ќе извлечеме поука или сожалување. Додека бев таму, се трудев максимално реалистички да го  визуализирам моментот кога ќе бидам повторно дома со своите најмили“, додава пејачката која е позната по својот специфичен и моќен вокал. 

Откако е дома, вели дека секој ден е сè подобра, и ѝ се враќа енергијата и силата.

Милица Џаровска