РСБСП: Во 2018 година 129 лица го загубиja животот во сообраќајни незгоди
Кога станува збор за загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди не може да се каже дека одредена бројка е добра, затоа што не станува збор за обична бројка туку за човечки животи. Секој загубен човечки живот на патиштата е огромна и ненадоместлива загуба за семејството и за општеството. Последиците од сообраќајните незгоди имаат дополнителна тежина ако го земеме во предвид фактот дека во сообраќајните незгоди многу често страдаат деца и млади лица. Исто така важно е да се истакне дека во сообраќајни незгоди најчесто животот го губат или се здобиваат со трајни здравствени проблеми лица кои претходно биле апсолутно здрави и способни.
Според податоците на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во 2018 година, во Република Македонија, се случиле 4534 сообраќајни незгоди од потежок карактер, при што 129 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 6738 лица се повредени.
129 загубени живототи во сообраќајни незгоди претставува значително намалување во однос на 2017 година, кога вкупно 155 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди во Република Македонија.
Гледано од аспект на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди може да се заклучи дека состојбата на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Република Македонија бележи тренд на подобрување, но исто така статистичките податоци потврдуваат дека безбедноста на патниот сообраќај не е на потребното и посакувано ниво и не е во согласност со целите и динамиката дефинирани во Втората национална стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата 2015 -2020. Имено, согласно целите од Втората национална стратегија, Република Македонија, т.е безбедноста во патниот сообраќај во Република Македонија, до 2020 година, треба да го достигне нивото и просекот на земјите членки на ЕУ, а тоа во апсолутни бројки , значи помалку од 100 загинати лица во сообраќајни незгоди на годишно ниво.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потенцира дека за остварување на целите од стратегијата односно за остварување на целите за помалку од 100 загинати лица во сообраќајни незгоди на годишно ниво, неопходно е во наредниот период, сите надлежни институции, органи и организации и сите поединци кои на било кој начин учествуваат во сообраќајот, безбедноста на сообраќајот на патиштата да ја имаат како заедничка одговорност, висок општествен приоритет и како највисока заедничка цел.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во согласност на своите надлежности и законски можности и во рамките на своите капацитети, во наредниот период, ќе продолжи со континуирана и засилена ангажираност, самостојно и во соработка со партнерите, да реализира активности и настани кои имаат за цел подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, намалување на бројот на сообраќајни незгоди и намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.
Година201320142015201620172018
Загинати лица во СН198130148165155129
Приложените бројки покажуваат дека безбедноста на патниот сообраќај се подобрува но истовремено предупредуваат на големиот број загубени човечки животи во изминатите години.
Податоците за месец јануари, 2019 година иако сеуште се неофицијални, покажуваат дека бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е значително намален во однос на истиот период минатата година, но и понатаму е висок бројот на случени сообраќајни незгоди и бројот на повредени лица во сообраќајни незгоди.