Русите објавија: Несакани ефекти што можат да се појават од вакцината „Спутник V“

Добивај вести на Viber

Помалку од еден процент од пациентите може да доживеат забрзано чукање на срцето или висок крвен притисок.

Жителите на Москва, кои веќе започнале вакцинација со руската вакцина Спутник В против коронавирусот, добиваат упатства за пациенти, како и потврда за имунизација. Упатството содржи список на симптоми што може да се појават по вакцинацијата, како и совети за тоа како да се постапува во такви случаи.

Во упатствата, за кои дописникот на медиумот има увид, се вели дека секоја десетта личност, вакцинирана со вакцината „Спутник V“, може да почувствува слабост или гадење. Во повеќето случаи, вакцинацијата е добро толерирана. Ако се појави физичка слабост, нема причина да се грижите - тоа е нормална индивидуална реакција на организмот и еден од знаците на формирање на имунитет. Оние кои доживуваат слабост, општ замор и гадење по вакцинирањето, им се препорачува да ја намалат физичката активност и да одморат повеќе.

Исто така, се посочува дека 5,7 проценти од вакцинираните може да доживеат болка во коските, треперење или чувство на треска, главоболка или температура повисока од 37 степени.

- Во случај телесната температура да е над 38 степени, препорачливо е да земате таблети за намалување на температурата и лекови против болки (парацетамол или ибупрофен), а доколку температурата е над 39 степени и не падне во рок од четири часа по земањето на лекот, потребно е да се јавите кај лекар - наведено е во упатството.

4,7 проценти од вакцинираните доживуваат болка, чешање, оток и црвенило на местото на вакцинација. Како по правило, третманот не е потребен, но може да се земе антиалергиски лек со цел да се намали отокот и чувството на непријатност.

Еден и пол процент од вакцинираните пациенти може да имаат запушен нос, течење на носот или болки во грлото. Тие се советуваат да пијат многу течности и да користат спреј за нос.

Помалку од еден процент од пациентите може да доживеат забрзано чукање на срцето или висок крвен притисок.

Ден претходно, рускиот претседател Владимир Путин побара од вицепремиерката Татјана Голикова следната недела да започне масовна вакцинација против вирусот ковид-19.

Да потсетиме, вакцината „Спутник V“ произведена од Институтот за научно истражување „Гамалеја“ во соработка со рускиот фонд за директни инвестиции на 11 август доби потврда за регистрација од Министерството за здравство на Русија, со што стана првата регистрирана вакцина против коронавирус во светот.

Русија има уште една регистрирана вакцина „ЕпиВакКорона“ од центарот „Вектор“, а третата е во подготовка.


Можеби ќе ве интересира: