САКАМ ДА БИДАМ ПОВЕЌЕ ОД СОПРУГА И МАЈКА

Добивај вести на Viber

Ни на крај на паметот не ми паѓаше да си го сменам презимето кога со партнерот стапивме во брак. Не гледав логика во тоа да се откажам од својот идентитет, од татковото презиме коешто до тој момент го носев триесет и три години. Денес, на свои триесет и девет години, се обидувам помалку да судам, а повеќе да ги разберам другите, па така, на регистрацијата на нашите пријатели (во вид на мала свадба од дваесетина луѓе) не влегов во жестока полемика на темата „менување на презимето во брак“. Не само мажите, туки и неколку од жените имаа „хард-кор“ став дека невестата требала да го зема презимето на сопругот!?!

Неколку пати го голтнав виното пред мене и решив дека свечената прослава не е терен за исправање на родова правда. Сепак, нешто длабоко во мене ме вознемируваше што во 2021 година сè уште се кршат копја на овие теми, наместо да се знае дека изборот треба да е неприкосновено човеково права. Матичарите ја прашаа невестата дали ќе го смени презимето, па кога негативно им одговори, ја прашаа дали во тој случај ќе го додаде презимето од својот сопруг. Во ниту еден момент не постоеше дилема дали младоженецот би го сменил своето презиме, или пак би го додал презимето на сопругата, таквото прашање воопшто не се постави. Со хумор направив мала дигресија во целата законско-правна процедура, и веројатно овие формалности немаше толку да ми бодат очи, ако потоа не следуваше разговор во кој по којзнае кој пат ми се покажа дека овој свет е дизајниран од и за мажи!


Неколку млади мајки потенцираа дека нивните мажи често се на службен пат, а дека тие се постојано дома со своите деца. Една се охрабри да каже дека има понуда за повисока работна позиција која ќе подразбира нејзино отсуство од дома (читај од детето) во период од три недели. Прва рипнав да ѝ кажам дека во мојот свет тоа би било неизводливо. Дека до сега, во овие пет години, откако е родено мое дете, одбив три научни конференции во странство (последната покана ми стигна пред десет дена за конферернција во САД) и неколку обуки во регионот. Да, сите професионални ангажмани ги одбив затоа што длабоко во себе се плашам да се одвојам од своето дете. Најдолгото раздвојување во овие пет години ни било само три дена, кога бев работно на еден филмски фестивал. На прсти се бројат мајките кои во првите години по нивното породување имале можност да ги зграпчат сите работни ангажмани што им биле понудени. Од друга страна, речиси сите мажи ги тераат своите кариери без застој во патот дури и тогаш кога ќе им се роди дете.


И, додека си муабетевме за овие женско-машки перспективи, една од жените која прв пат ја запознав, отворено и храбро сподели дека неодамна имала абортус. Како мајка на веќе две деца, не чувствувала потреба, ниту можност за трето дете. Молкот што ја пресече нејзината исповед, ми даде до знаење дека повеќето од присутните не го оправдаа нејзиниот чекор. Се фрлив во нејзина одбрана, иако не беше експлицитно нападната (осудата понекогаш доаѓа во погледите), и нешто ме натера гласно да кажам дека можеби и јас би го сторила истото ако останам бремена и ако проценам дека немам желба или услови за друго дете. – „А имаш ли“? – ме праша една од пријателките. Не сфатив дали ме прашува за желбата или за условите, сеедно, ја погледнав директно в очи и ѝ кажав дека во овој момент ниту јас, ниту мојот сопруг не размислуваме за второ дете. Во истиот миг почнав да се правдам дека сум свесна оти тоа е себична одлука, за набрзо потоа да се прашам што всушност ме прави себична ако не сакам второ дете?


Веќе седум години на пазарот на трудот сум фриленсерка. Сите кои добро ме познаваат знаат дека новинарската и писателската работа ми се најблиску до срцето. Сè друго – од односи со јавноста, обуки по комуникациски вештини и личен и професионален развој, концепти и модерација на разни проекти и дебати од културата, образованието и други социјални теми – се второстепени. Но, и покрај слободата и убавината да се работи консултантски и експертски, јас веќе седум години немам ниту здравствено, ниту пензиско осигурување. На скоро 40 години веројатно е нормално да чувствувам притисок за поинаква или постабилна работна позиција. Една таква ми е на дланка периодов. Но сигурноста бара и жртва. Тоа ќе подразбира дополнително усовршување со докторски студии во областа на Културолошките студии. Мојот син денес полни пет години и искрено се надевам дека еден ден ќе сфати дека неговата мајка се борела да биде добар пример во семејството, но и во заедницата, општеството... и дека „најсебично“ одлучила следниве три-четири години да ги посвети на науката, се разбира и на него. Затоа, одбирам да имам доволно време за грижа и едукација за своето едно дете, наместо да се решам за второ.


Но убавите работи никогаш не се лесни. Одлуката да запишам докторски студии ја донесв со многу страв. - Ќе најдам ли време за наука? Ќе можам ли да учам и истражувам преморена на крајот од денот после сите работни обврски и купот обврски со детето? Ќе имам ли поддршка од најблиските? Безброј прашања ми се свртија низ главата. Најпосле решив да верувам во себе и во супермоќите што ние жените ги имаме. И додека замислувам дека второто име ми е Супермен (се смее), станувам свесна дека секоја една жена која работи, која има мало дете и згора на сето тоа решава да инвестира во своето образование или што и да ѝ е важно во тој момент за професијата/кариерата, носи голема и тешка одлука за својата иднина.

Дополнително, она што станува иритантно е што сè почесто го слушам прашањето, односно не е ни прашање тука имплицира претпоставка – „Ајде, кога второ“? На сите добронамерни душегрижници би сакала да им одговорам дека крајно време е да престанат да ги притискаат мајките или генерално родителите со брзата одлука за второ дете. Тоа е толку деликатна и толку лична одлука, што навистина се невкусни коментарите од типот: „Полесно е со еден удар две - кај на едно менуваш пелени, таму и на друго“. Па, зар децата не ни се повеќе од обврската за менување пелени? И колку време реално сакаме да им посветиме за нивниот социо-емоционален развој? Да им овозможиме среќно и исполнето детство? Да изградиме здрави и психолошки стабилни поединци? Или таблетите и смарт-телефоните ќе поминуваат време со нашите деца место нас?


Баба ми родила и пораснала шест деца, сите здрави-прави и образовани, но дали баба ми била среќна во сите свои шест бремености? Имала ли воопшто време да размислува за себе? Сакала ли да биде повеќе од само мајка? Успеала ли да остави нешто зад себе во овој свет покрај своите шест деца? Дали можеби сакала повеќе од животот? Се плашела ли гласно да каже дека ѝ е доста? Дали заштитата, односно контрацепцијата и превенцијата за неа биле непознати или недостапни? Таа баба никогаш не ја запознав за лично да ја прашам. Почина еден месец пред јас да се родам. Другата баба, пак, која беше мајка само на едно дете, во една прилика ми рече: „Мојата најдобра пријателка од младоста набрзо откако го роди своето прво дете, повторно забремени, и тоа со близнаци. Немаше ни помош, ни пари, ниту добар сопруг за да роди уште две деца. И помогнав да абортира. До крајот на животот ја жегаше таа одлука, ама знаеше дека е правилна. Набрзо по абортусот се разведе. Остана да биде самохрана мајка. Беше сиромашна и едвај излегуваше на крај со едното дете, но беше вредна и се бореше за егзистенцијата на нејзината ќерка“. Меѓу овие редови на баба ми се криеше пораката: Немој никогаш да дозволуваш други да одлучуваат во твое име!

Овие зборови ми се појавуваат пред очи секогаш кога патријархално-конзервативните очекувања ми прават некаква вина. Најголем дел од жените коишто се одлучиле за абортус, носат длабока рана во срцето. Не им треба дополнителна осуда од другите. Сепак, длабоко во себе знаат дека ја донеле одлуката која е најдобра за нивното ментално здравје. На овој свет има доволно уморни и истроштени мајки. Доволно жени кои под челичниот притисок на општеството секојдневно се прашуваат дали се доволно добри сопруги и мајки.  За жал, и доволно луѓе кои не се свесни дека за среќни деца, потребни се среќни родители.

Една од жените на свадбата ми рече дека се истетовирала за да се почувствува повторно себе си. За да се потсети дека не е само сопруга и мајка. Колку и да ми се виде ова чудно, сепак ме замисли. Ме натера да се прашам: Kолку ли жени компензираат со разни работи за сметка на својата автентична среќа? Меѓу нив и оние кои гордо го носат презимето на својот сопруг. 

   

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој