Сакам да се претставам без зборови во најдобро светло: За стилот со Игор Марков

Добивај вести на Viber

Во моментов, тој е еден од нашите најдобри и најангажирани модни дизајнери. Восхитува со својата креативност и идеја, со луцидноста во презентирањето на дизајните, во неговата широка визија за модата. 

Игор Марков несомнено знае како да „игра“ на македонската модна сцена која и онака е кревка. Често ги облекува нашите познати имиња од различни сфери, а креациите се врвни. Балансира помеѓу мекиот гламур и урбаноста, со примеси на авангардност и класика. 

Секое парче со негов потпис си има своја приказна, а неговата лична модна приказна односно неговиот личен стил на облекување е сè, само обичен не!

Еве што вели: 

* Дефиниција за стил?

- Резултат, збир на естетски референци кои сте ги стекнале и ви оставиле впечаток интерпретирани во сооднос со вашиот карактер.

* А, Вие стилски се дефинирате како...

- Мојот стил би го дефинирал како еклектичен.

* Што е пресудно за добар стил?

Интелегенција, интересен карактер, храброст, самодоверба.

* Комбинирате елегантно со спортско или сте камелеон во облекувањето?

- Дефинитивно камелеон, морам да признаам дека спортските комбинации ми се послаба страна, мојот сензибилитет е многу повеќе према “дотерувачката” страна.

* Минимализам, хедонизам, авангарда?

- Комбинација од горенаведеното. 

* Гламур или класика ?

- Апсолутно гламур иако и класиката умее да биде гламурозна.

* Омилени нешта од вашата облека?

- Чевлите, капутите, јакните, очилата за сонце, бижутеријата со дизајнерски потпис.

* Дали практикувате брендирана облека или не ви е пресудна етикетата?

- Етикетата искрено воопшто не ми е пресудна, купавам и речиси секаде можам да си најдам нешто. Тоа кое што ми е важно е добар квалитет и дизајн, природни материјали. Како и да е, се разбира дека сакам и имам и брендирана облека. 

* Што сакате да постигнете со вашиот стил?

- Да се претставам без зборови во најдобро светло.

* Дали ако сте автентични, тоа значи и осудување од нашава средина?

- Без да бидам негативен, меѓутоа неизбежно реален, по мое мислење малкумина луѓе во нашето опкружување разбираат, следат мода и се префинети доволно да би препознале и ценеле. Иако би било неблагодарно да се пожалам бидејќи за својот изглед добивам бројни комплименти на дневна база и на луѓето кои ме познаваат и моите клиенти сум им go-to моден консултант. Осудување можеби не, меѓутоа не се слави доволно индивидуалноста и се чувствува завист.

* На кој дизајнер би му дозволиле да ви го преуреди гардероберот? 

- На никој не би дозволил да ми се вмеша во гардероберот. 

* Што облеувате денски, а што навечер?

Нема многу разлика во однос на моите денски и вечерни комбинации, се облекувам во сооднос на приликата, поводот и уште повеќе во зависност од тоа како се чувствувам.

* Ваши трикови за брз, но ефектен изглед...

- Добри чевли, кожна јакна, капут или очила за сонце. Секогаш имајте едно од овие работи на себе, идеално сите. Тоа се најважните парчиња според мене во кои треба да инвестирате и најлесно го комуницираат вашиот стил.

Небојша Толески

Фото: приватна архива