Сакам да трагам по добрината: Утринско кафе со Љубица Ангелкова

Обожувам кафе, пијам само едно, утринско и мора да биде совршено. Под совршено подразбирам потекло на зрната, начин на подготовка.. мирис и вкус и софистицирана шолја за моето еспресо со соодветна музика, нешто за читање избрано со причина.. И мир! Совршен мир!

Времето за кафе е „нешто мое“ и моите најблиски луѓе знаат дека кафе сакам да пијам сама или многу ретко во друштво кое само јас знам да си го селектирам. Можеби звучи нереалано, но за мене кафето е медитација. Ги пуштам мислите и се враќам кон себеси.

Во друштво сакам да пијам се' друго и навистина уживам во тоа, но кафето со себеси или само повремено во микрокругот на луѓе е рецепт кој секој треба да го примени.

„Не ми го кради меѓувремето, тоа не е помеѓу тебе и мене, тоа е помеѓу мене и мене“, ќе напише Мика Антиќ. И често ми ѕвони таа мисла како животна филозофија да си дадете време себеси со еден совршен напиток во својот свет.

Денот го започнувам со благодарност. Така и го завршувам секој ден. Не знам што е тоа, будење на лева нога. Не ми се случило, бидејќи јас се будам со вибрацијата со која и заспивам. А за тоа на која вибрација заспивам, само сум јас одговорна.

Сакам да ја забележувам убавината, да трагам по добрината и да верувам во чуда. Храброста за мене отсекогаш беше возбудлив поим. Таа е прагот кој не' дели од животот кој сакаме да го живееме. Само да се сетиме на детството и храброста да се искчаиш на првото дрво, на младоста да скокнеш во море од голема висина или на зрелоста да се искачиш на највисоките планински врвови.

Она што на разумот му изгледа лудо, може да биде најважниот чекор во вашиот живот. Кога наместо од главата или егото, почнеме да живееме од сопственото духовно доживување и подароците кои ги носи срцето и интуицијата, ако ги слушаш.

Јас не го знам патот до успехот, но го знам патот до несупехот, а тоа е „Да им се допаднам на сите“.

Луѓето очекуваат да редиме зборови и состојби на среќа. Но, тоа нема значење. Сигиурно сите од нас искусиле во мигови на некоја среќа, да се чувствуваат празно.

Пред неколку години читав еден Руски психолог Лабковски, кој во еден свој текст постави само едно едноставно прашање: Дали кога наутро се будите сте среќни? Таа утринска среќа, доаѓа од тоа дали сте вистински среќни. На што прво мислите кога ќе се разбудите и дали тоа ве прави среќни или тажни?

Ме инспирираат попаметни луѓе од себеси. Сакам да сум опкружена со нив. Интелектуалната размена е суштинска.

* Љубица Ангелкова, ПР експерт