Сакаш слобода? Заслужи ја!

Добивај вести на Viber

Многу долго време ми требаше за да стасам до ова што сум. Обично сите прават некакви револуционерни чекори на млади години. Ете, мене к’сметот не ми бил таков. Зачауреноста во она што го живеев ме правеше долго време невидлива и за сама себе. Кога велам невидлива, не мислам на феноменот на јавна личност (Да се разбереме. Смешно е да се зборува за тоа во земја во која веројатно со пола народ е секој со секого роднина), туку на личност која живееше по некој вообичаен терк на нештата. Пишував уште кога имав 16-17. Бев бунтовна, дури имав и професори кои ми велеа дека презимето и не ми е баш туку така случајно залепено за табиетот. Не сум била нешто посебно проблематична ниту како тинејџер. Правев се’ она што го прават сите. Дали бев среќна? Да речеме дека не бев свесна колку имам празнина во сета таа посветеност да бидам во стадото.

Чудесијата која се случува тогаш кога на човек ќе му пукне филмот од се’ се вика слобода. После разводот, престанав да излегувам. Бев болно посветена на ќерка ми, која сосем добро напредуваше. Ми беше страв да се движам меѓу луѓе, па затоа светот ми се ограничи на одење на работа и дете. Повторно, дали бев среќна? Не знам...не бев ни свесна за себе. И тоа така траеше додека еден ден мајка ми и татко ми не ми рекоа да не се враќам по детето, туку да седнам некаде на кафе. Беше 4 попладне, а бидејќи Берза е во Дебар маало, седнав во едно кафуле, кое иако секогаш има гости, тогаш беше празно. Седев сама на маса, гледав никаде и плачев. Тогаш сфатив дека не знам што да правам со себе. Станав машина...работа, дете, пазарење. И така 3 години, секој ден. Не можев да се сетам што сум сакала да правам, што ме правело среќна и исполнета. Тие три години не читав, не слушав музика, не правев ништо освен што механички чекав да се стемни и раздени.

Сфатив дека имам сериозен проблем со самодовербата, со панични напади, со стравови за животот и здравјето на ќерка ми, моите, блиските пријатели. Бев незадоволна со изгледот, со животот, престанав да се радувам и на се’ да гледам како обврска која треба прецизно, како робот да ја извршам. Првите 3 години на Нина ги паметам во панично пипање да не има температура, дали е јадена, да не е многу јадена, дали пие доволно течности, дали пие можеби премногу течности. Не бев мајка која ужива во своето дете, туку мајка која панично реагира на се’ што беше околу нејзината рожба. И ве познавам такви еден куп околу мене. Затоа и го пишувам ова. Уживајте во мајчинството без да го сведете на тоа да бидете медицинска сестра на детето. Среќните и здрави деца се познаваат. Не си ја мачете душата, оти тие години не се враќаат.

Сфатив за себе дека сум фокусирана на ќерка ми, за да не се соочам со тоа дека станувам промашена личност која едноставно, нема свој живот и го живее преку детето. Се замислив себе после 20 години...огорчена, со дете врзано за мене, а јас нејзе сум и’ оков. И се згрозив. Од себе, од сопствена слабост.

Почнав да се учам да бидам сама. Но, овојпат не за да се посветам на сите околу мене, туку на себе. Ми требаше да научам која е Ана и што таа сака. И наеднаш, особата која не знаеше да се снајде сама, туку мораше да биде во толпата, ја снема. Почнав да уживам во сопственото друштво. Да носам книги со себе и да седнам било каде за да испијам кафе и да читам. Немав пишувано којзнае од кога. Не ни паметев веќе. Бебешки чекори. Отпрво ми беа смешни и патетични (веројатно за некои и она што сега излегува од мене е такво, ама па јас за вкусови никогаш не се расправам), после нешто зачувував. Немам осет ни ден денес дали е добро или не. Знам само дека терапијата за да се зачувам себе ми беше пишувањето. Спас од она во што можев да се престорам.

Да си сам со себе е нешто од што повеќемина бегаат, особено жените. Рака на срце, разбирам до некаде. На овие простори сама жена, седната некаде да мине час или два со пијачка или на ручек е се’ уште малку чудно. Ми се имаше случено во елитен ресторан да ми се обратат на англиски додека се сместував и го отворав лаптопот за да пишувам. Оти нормално е така да направи само жена која доаѓа од некоја друга земја. Сама жена е причина за потсмев, за жал. А јас пусто, уживам кога сум сама. Да, сакам и луѓе, сакам кога со блиските врвиме маратонски муабети и се кикотиме ко 12 години да имаме. Ама ми треба и времето поминато сама. Ама за да стасам до тоа, чесно си го испотив задникот. Престана да ми е важно кој што мисли за мене. Плетењето приказни за мојот интимен живот ама ич не ме засега, исто како што не берам гајле за другите. Ако можам да помогнам, ок...ако не, не си го турам носот кај што не му е место. Одам на кафе скроз сама и си молчам, одам на каде со пријателки, одам на кафе со пријатели...со еден збор, правам она што ми доаѓа во моментот, без да се оптеретувам. Научив да си го кажувам мислењето, научив да свикам и да се расправам кога сум обесправена. Научив да гледам луѓе во очи и да има кажам кога ме повредиле или навредиле, без да се мачам со мисли дека можеби јас сум виновна за нешто.

Сега сум мајка која е истовремено и другарка. Пишувам она што сакам и што ми доаѓа, без да се измачувам со прашања дали е се’ во ред со мене и мојот ум (ќерка ми би рекла дека повеќе сум се помирила оти не сум токму). Се чувствувам силна и секси. Не заради изгледот, туку заради тоа што имам се’ што сакам да имам без да аздисувам. Имам 47 години и знам каде одам. Се чувствувам убава...убава личност.

Дали сум среќна? Да речеме дека знам да си препознавам кога станувам несреќна и работам на тоа. Жива и здрава сум, сите ми се тука, на број...фала му на Универзумот.

Сакате слобода?

Сакате да живеете онака како што внатре во себе чувствувате дека можете?

Заслужете! Заслужете си ја сопствената слобода.

Мрднете од мртвата точка и не туку си давајте оправдувања. Сум била таму, знам колку е тешко, ама знам дека и не е невозможно. Сакам да знаете и да сте свесни дека овој живот кој моментално го живеете не е демо верзија на она што следи.

Ова е тоа!

Ова е вашиот и мојот миг. Нека не оди попусто.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Ниту една крв поцрвена не е

од онаа која ќе ја пролееш

за тие кои најмногу ги љубиш

ниту една крв погуста не е

од онаа која ќе капе долго и тешко

за тие чија смрт со твојата ќе ја замениш

ниту една воздишка не боли повеќе

од онаа која ја испушташ

за да се збогуваш со себе

и ниту еден вресок погласен не е

од оној кој телото ти го распорува

кога душата в кафез ти трепери

што би дал во замена за својата слобода?

или не! Не така, туку...

што би зел во замена за својата слобода?

колку чини вдишувањето и издишувањето

кога знаеш дека свој не си

та со полни гради бескрилни птици во небото гледаш

а таму огледало полно олово

и ти треба време

ах, време ти треба за да се видиш

да се препознаеш и да се одвоиш од толпата

еј

дали скапо би ја платил смеата која ти врие во гркланот

и чекорењето без страв од својата сенка

колку ти чини водењето љубов без синџирите во себе

кои те прават роб на навики

кажи ми!

колку ти чини слободата?

онаа која не умееш да ја видиш

ниту пак правилно да ја испишеш

за да можеш барем во себе да ја исчиташ

или еве

колку те чини слободата?

ако оставиш зад себе смет

и раце полни неважни допири

туѓи накарминисани усни

и облици по калап редени

туѓи мисли и искривени слики

та почниш да ровариш во она што од душата ти останало

ќе имаш ли сила

или барем храброст да започнеш

да ампутираш се’ што затруено ти е

без страв дека можеби од тебе ништо не ќе остане

м?

еве, во очи гледај ме и кажи ми

колку ќе бараш за својата слобода?

кому ќе ја продадеш и за колку

имаш ли цена до која грчевито ќе се држиш

или ќе дадеш попуст на оној кој прв ќе се јави

колку ти чини душата, душо моја?

и дали на срцето етикета имаш

на која неколкупати цената е прецртана

за да се продадеш барем за нешто ситно

колку

колку ти чинат соништата и ти

слободата...и ти