“Сакате ли војна?”
Ви текнува на онаа детска игра која ја игравме како мали, а се викаше “сакате ли војна?”. За оние кои се помлади, еве кратко објаснување за играта. Се формираа два табора, со по неколку играчи (не ми замерувајте, ама навистина не се сеќавам по колку деца беа во секој табор) и застануваа едни наспроти други на оддалеченост од неколку метри. Едниот табор (првиот) ќе викнеше “сакате ли војна?”, а од другиот (вториот) ќе се слушнеше едно развлечено “сакамеееее”. Потоа првиот табор прашуваше од кого сакаат војна, па вториот одбираше едно дете од првиот табор кое требаше со трчање да го разбие вториот табор, односно да помине меѓу било кои двајца (напомена: сите се држеа за раце). Доколку успееше да го разбие синџирот од раце, првиот табор си земаше едно дете од вториот табор, а доколку не успееше, тогаш детето од првиот табор остануваше во вториот и така додека сите деца не преминеа во првиот или вториот табор. Мене таа игра не ми беше воопшто интересна и тоа од неколку причини: прво, дудук сум за стратегии па затоа ич не играм игри во кои треба да се освојува нешто (Нина кога беше мала ме молеше да играме тоа, ама мораше да си наоѓа друго друштво, оти мене ни за Монопол не ме бива, а не па за територии). Второ, бев многу слабичко дете и кога ќе ме одбереа мене за да пробам да го разбијам синџирот, кај не успевав, туку после со денови ме болеше стомакот. Од денешен аспект ја гледам манипулацијата на играта...ќе го одбереме најслабиот за да победиме. Зарем нешто се сменило низ вековиве? Зарем секогаш не важи истото правило во “сакате ли војна?”, па се наоѓаат изговори за започнување на истите некогаш дури и истресени од ракав?
Не сум експерт за воени операции, стратегии и се’ што е поврзано со зборот војна или со неговото значење. Единствена “војна” која ја признавам е онаа в кревет и се вика страст. Сето останато во 21 век, со ниво на развој кое го имаме, ми е простачко. Нема да биде колумнава осврт на мојата “експертиза”за војните, оти ја немам. Нема да заземам страни, оти во војна губат сите, дури и оние кои се приморани да бидат напаѓачи. Генерално, како човек кој не кренал рака на никој, кој ќе седи со отворен џам за да излета осата надвор (наместо да ја реши со папуча, нели!), како човек кој со Тања другарка ми која ми беше дојдена на гости од Франција седевме пола ноќ мозгајќи како да ја помрднеме богомолката од стан-надвор, можам слободно да кажам дека сум пацифист до мера да му се приблуе на некој кој има борбен дух. Но, тоа не значи дека немам мислење или дека немам став. Тоа само значи дека моето мислење и став, како и на секој кој развива теории за се’ околу, вредат колку хартијата со која си го бришеме задникот после број 2 во тоалетот.
Имав 18 кога почна распадот на Југославија кој резултираше со војна, да, 18 се годините кога мојата генерација беше регрутирана и испратена да се бори против оние кои до вчера додека одевме на екскурзија низ Југославија се нудеа да преспиеме кај нив и се натпреваруваа кој ќе не’ нагости повеќе. Не скокајте сега дека сум југоносталгичарка (не дека не сум, ама тоа е друг муабет и да, имаше и арно и лошо...ама лошо колку што има сега, никогаш немало), оти ова го кажувам од аспект на тоа дека мои другари и познаници беа собирани и пуштани таму каде што се пукаше. Познавам мои блиски кои со судни маки си ги вратија синовите дома, познавам луѓе кои и ден денес (после изминати 30-тина години) имаат кошмари.
Наместо да ги користиме благодетите од она што го имаме во рацете како развиена технологија, ние, а кога велам ние мислам на светот, се натпреваруваме кој ќе направи нешто помоќно за да убие што е можно повеќе луѓе. Мајку му, до кога ќе си ги мериме силите со насилие, наместо со дела кои ќе го подобрат квалитетот на животот? Чуму толкава желба за моќ и власт? И без да ми кажете/потсмевате знам дека ова што го пишувам е утопија, ама пусто, дур имам надеж ќе имам и волја за живот. Што направивме од светот? Зошто не се вложува во наоѓање на лек за рак и други неизлечиви болести, зошто не се најде решение за гладните ширум светот, за бездомниците, за децата кои секојдневно умираат само со кожа залепена на коските кои штрчат? Која е бре таа шизофрена потреба да се гази, освојува, да се покорува, да се убива, да се чука некој во гради оти срушил!!! Та нели ловориките се даваа на оние кои создаваа и градеа, оние кои некако придонесоа светов да е подносливо место за живеење.
Најлесно е да се исценира војна, полесно од тоа здравје. Исто ко дома, ако едниот сака кавга, другиот колку и да молчи на крај повторно ќе е вмешан. Ако на едниот му се расправа, тогаш на ред се провокации, местенки, манипулации додека не се постигне саканото...кавга/војна. А како во секоја војна, оној кој ја бара е секогаш во позадина, на безбедно. Гинат нечии мажи, синови, татковци. Гинат деца во експлозии и “случајно” погодени болници или училишта. Да, секогаш е “случајно”, иако на сите врати претходно се објавува дека имаат толку прецизно оружје што не трпи грешки во проценката каде се гаѓа. И отпосле се сите со кратка меморија дека ако навистина било така, немало да има “грешки”. Војната сама по себе е грешка, без да се фаќаат страни за тоа кој е во право, а кој не е. Се’ што се случува надвор, а кое придонесува да има смрт и деца без дом, родители, да има родители кои си ги изгубиле децата...е грешка. Каде оди светов?
Каков свет ќе оставиме на генерациите после нас? Кратко ни беше паметењето на последната голема светска војна? Децата што ги раѓаме не сме ги донеле на овој свет да бидат марионети на неколкумина болни во главата кои имаат мегаломански потреби. Децата кои сме ги растеле и подигнувале со љубов не смеат да бидат жртви на ничии игри за моќ и власт. Тие треба да се новата надеж, кога веќе ние сме биле дудуци да им оставиме мирно тло. Тие треба да бидат новата ера за човештвото кое наместо да се убива меѓусебно, ќе се сплоти за да се најдат решенија за сите проблеми со кои се соочува планетата.
Многу потфрливме...некако ми оди мислата дека не сме ја заслужиле планетата која ни дава живот и дека како што ние се обидуваме да ја уништиме, еден ден ќе ни врати за се’. Таа ќе создаде нов живот, постоеле ние на неа или не. А можеби во битието на човекот е секогаш самоуништувањето, иако одбивам да верувам во тоа.
Да се чувате едни со други во овие тешки времиња и да сте ми живи и здрави. Се надевам дека лудилото ќе сопре, дека има...дека мора да има надеж.
“Сакате ли војна?”....”Нееееееее, доста беше” .
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Човековите корени се длабоки
Колку на стогодишно дрво
Испреплетени и силни
Удолу, до центарот на Земјата
Како јазли со кое јадрото е обвиткано
Човековите корени не се врзани за држава
Ниту припаѓаат на некоја химна или знаме
Ниту пак јазик некаков знаат
Оти сите сме можеле ваму или онаму да се родиме
Ама ете
Пишано ни било на ова парче земја светлина
да видиме
Човековите корени не се станови ниту автомобили
Скапи часовници и облека со потпис
Ниту оградата со која си го заградуваме она
Што и онака по смртта со себе не го носиме
Оти човек в ковчег ко’ ќе го стават
Само облека на себе носи
Која ќе изгние заедно со месото и кожата
И ниту едно азно со нас не си оди
Оти на оној свет голи стасуваме
Само со душите на мегдан
И делата кои зад себе сме ги оставиле
И по кои ќе нѐ паметат
Дали арно или лошо, кој како си заслужил
Човековите корени се луѓето
Оние кои нѐ зачнале
Оние кои над нас трепереле
И чија младост к’о свеќа за нас горела
Оние за кои не се прашуваме дали и како би умреле
Туку кога треба, ете тогаш би пресушиле
Корените ни се во луѓето без кои
Ништо на овој свет не би имало смисла
Кои заедно со нас се радувале и пееле
И кои за рака нѐ држеле дур’ сме тагувале
Кои чаеви во болест ни вареле
И со кои до зори сме се налевале
Луѓето кои срцето за навек ни го зграпчиле
И кои со отворени очи сме ги сонувале
На чиј глас сме се радувале
И чии лица како најубавото уметничко дело ни биле
Чии зборови како мевлем на душа ни легнале
И чии допири од мртви нѐ станувале
Човековите корени се во оние кои зад нас ги оставаме
Кои наши гени носат
И во кои себе како во огледало се гледаме
За кои нашата младост сме ја дале
За да ги израснеме и на пат да ги изведеме
За оние за кои со Бог се пазариме
Да нѐ поживее дур’ не пркнат
Дур’ крилцата доволно силни не им станат
За да летнат и да знаат како низ животот сами да врват
Не се
Моите корени не се во јазикот кој го говорам
Ниту во писмото кое го користам
Не се во бојата на државата во која живеам
Туку во думата која во душава ја имам
Во милоста за рака да подадам
Без трошка надменост и суета
Во искреноста на „прости“
И во силината на „те љубам“
И ниту каква било лажна припадност корен не дава
Ниту за нешто може човек да го врзе
Колку што го врзува чистата љубов
И отвореното срце кон секој што низ животот го
среќава
Коренот човеков не е во ставање граници
Оти тие закопани вземи граница немаат
И можат и на другата страна од светот да се најдат
Корените човекови
Љубовта човекова
Човекот во човекот