Самохраните мајки во магичниот круг од кој најтешко се излегува: Со Дороти Пачкова за позицијата на самохраната мајка во општеството

Добивај вести на Viber

„Отпорот да се работи на родова нееднаквост е маскулинистички нуспроизвод да жената се задржи во позиција на немоќ и угнетеност“ - Дороти Пачкова

Предизвиците со кои се соочува денешната самохрана мајка се како еден долг и мрачен тунел по кој тешко се стигнува до и онака бледата светлина. Од прашањето за егзистенција и финансиска нестабилност на прво место, до институционални лавиринти, родовобазирано насилство, дискриминација - долга е листата на проблеми и предизвици пред кои е исправена самохраната мајка во земјава. 

Поради фактот дека самохраноста во над 80% од случаите им припаѓа на самохраните мајки, произлегува дека ова е концепт на родова проблематика, оттука на површина излегува родовата нееднаквост - најчесто жените се тие кои се изложени на насилство, предрасуди, закани, невработеност, дискриминација.

Самохраните мајки секојдневно бијат битки за да го преживеат денот, неделата, месецот, годината - покажува една од најновите публикации за еднородителски семејства и самохрани мајки во државава, кое всушност ја обелоденува нивната реалност, како збир од анонимни сведоштви и дојави.

Токму со авторката на оваа значајна публикација и претседателка на Здружение за родова еднаквост и унапредување на права на еднородителски семејства „Една може!“ и Сојузот на здруженија на граѓани Mрежа за родова еднаквост, спречување на насилство, борба против дискриминација и залагање за подобрување на статусот на самохраните родители „ЈУНАЈТЕДФЕМ“ - Дороти Пачкова, зборуваме за позицијата на самохраната мајка во општеството.


Пачкова е инспирација за многу жени, за неа велат дека е генератор на промени и жена на новото време, а токму нејзината лична приказна е заслужна за она што таа е денес. Вели дека нејзиното животно искуство е исклучително „густо“ па според тоа женското движење „Една може!“ е инспирирано од нејзиниот засекогаш херој, нејзиното прво чедо Маркијан. Поучена од сопствените битки и борби, денес прва застанува на фронтот во име на сите самохрани мајки.


Кон крајот на 2021 година објавивте женско писмо, односно публикација во форма на компилација МЕГАФОН 1: „ Анонимна реалност/дојави на еднородителски семејства и самохрани мајки во Република Северна Македонија“. Што покажа публикацијата, каква е општата слика со самохраните мајки во државава?

- 2021 ја заокруживме со женскиот Мегафон 1, што е наша голема гордост. Оваа интердисциплинарна, феминистичка компилација е посветена на самохраните мајки кои секојдневно бијат битки за да го преживеат денот, неделата, месецот, годината. Лошата состојба во која се наоѓаат најголем број од самохраните мајки, е само резултат на непостоење на општествен систем кој ќе овозможува достоинствено секојдневие и за еднородителските семејства. Компилацијата од дојави е сведоштво за животот на овие жени. Реалноста која е скирена/прикриена, која не сакаат да ја видат полтичарите/ките, која одбиваат да ја прифатат како таква и уште повеќе, како резултат на нивното работење/неработење на оваа тема.

Многу ми е жал што морам да заклучам, дека низ сите изминати години секојдневен ангажман кон унапредување на правата на самохраните мајки, многу малку наоѓаме на разбирање и спремност да се „засукаат ракавите“. Она на кое најчесто наидуваме, е тапкање по грб, условување, рамка на проблеми и неможности, изговори, обвинувања, оправдувања... сѐ за само да не се излезе од статус кво, или да не се направи придонес за целната група да се изнесе од статус кво, и тоа сметам многу несвесно и несовесно.

Она кое е преочигледно во Мегафонот, тоа се резултатите кои произлегуваат од 30 години независна држава. Најголем број на случаи се оние кои бараат помош во форма на храна, облека, помош при плаќање на сметки, кирии, храна во училиште... После ова следат барањата за правна поддршка, помош при истерување правда пред државата во смисол на помош за добивање на социјална помош, помош при аплицирање за детски и за училишен додаток, правно разрешување на проблеми настанати низ државните апарати, при уписи во градинка, барање работа, при проблеми ао алиментација... ако памтите беше бомбастично најавуван државен алиментационен фонд за децата чии родители не плаќаат алиментација но тоа никогаш не се случи. Ние предлагаме и државен алиментационен фонд за децата кои немаат втор родител. Следни проблеми се проблеми со домувањето кои пак вродуваат со други проблеми од типот на насилство, родово базирано насилство. После големата застапеност на проблемите со родово базирано насилство следат проблеми со излегување на пазарот на трудот, со дискриминација на пазарот на трудот, со невработеноста, или пречесто со работење на самохраните родители на позиции многу пониски од тоа каков тип на образование имаат завршено и какви се капацитети имаат. Увидовме и преку Мегафонот и преку сите истражувања од изминатите години, дека самохраните мајки најчесто работат работи на позиции кои се прениско платени, што пак им е извор на мноштво проблеми. Ако платата не стигнува да покрие кирија, сметки кои сега дополнително се зголемија, градинка, школо, храна и облека, како тогаш да не се бават жените со кредити, извршители, присилни наплати и слично?

фото:Сведоштво на мајка - printscreen од публикацијата

Ова се само иницијалните проблеми кои израѓаат пак нови проблеми кои ги носат овие жени во магичниот круг, од каде најтешко се излегува. За ова треба систем, државен систем, систем на поддршка, „село за поддршка“ кое реално овде го немаме па учиме да се потпираме на сопствени сили каде само најиздржливите преживуваат. И ова е она кое нѐ прави рептили, не луѓе, и ова е она кое треба да нѐ боли најмногу како општество.

Со самохраноста, на површина излегува и родовата проблематика односно родовата нееднаквост. Најчесто, жените се тие кои се изложени на насилство, предрасуди, закани, невработеност, дискриминација – на што се должи тоа, односно од што произлегува, и колку институциите овде имаат улога, гледано од ваше лично искуство и работа со самохрани мајки?

- Родов проблем е проблемот на самохраноста, и тоа го аргументираме во нашата нова анализа „Триплет 1, - правно пејзажирање на самохраноста, 2022“. Накратко, кога над 80% од самохраните родители се мајки, кога има мноштво семејства предводени од жени сами со деца, тогаш проблемот е женски проблем, а отпорот да се работи на овој проблем е маскулинистички нуспроизвод да жената се задржи во позиција на немоќ и угнетеност.

Толку е едноставно, сакале или не да го слушнат, разберат и прифатат ова донесувачите/чките на одлуки.

Кога предавам за родовата еднаквост, никогаш не пропуштам да ја измерам состојбата во однос на родовата нееднаквост, и да ги прашам слушателите/ките, што мислат тие за родовата еднаквот/нееднаквост. Колку повеќе се сложат дека таа, родовата нееднаквост постои, толку повеќе надеж имам дека токму новите генерации ќе бидат оние кои ќе знаат поумешно да ја распредлат оваа торта наречена живот, за сите еднакво. Во случаите каде што пак мноштвото заклучува дека не постои такво нешто како родова нееднаквост, не само што им ги ставам на увид сите можни податоци и аргументи од глобално и национално ниво, туку им давам живи примери од моето секодјневие, кои пак тие си ги идентификуваат со своите животи, искуства и ситуации каде на сличен начин се соочиле со родовата нееднаквост, која е извор на дискриминација, стереотипизација, стигматизација и финално маргинализација на женската популација, или на половина од планетата земја.

Институциите и тоа како ја имаат главната улога во дискриминацијата и сите предизвици кои од неа произлегуваат. Државниот апарат е токму оној кој треба/мора/неопходно е, да прави не само заштита и превенција од дискриминација, туку и да ги анулира последиците кога таа веќе настанала. За жал, нашето општество е сѐ уште младо за да знае како да се носи со сиве предизвици, и сакам да заклучам дека, како општество, сѐ уште сме во основно училиште па учиме да пишуваме и броиме, или метафорично – учиме што е тоа дискриминација и да ја признаеме дека постои како таква, за да овозможиме простор каде би се решавала низ различни механизми кои современите држави ги испитувале, мереле, проверувале, граделе и преградувале за да функционираат.

Како предводник на женското движење „Една може!“, за што се залагате како здружение, кои се вашите барања и до кого ги упатувате?

- Како предводничка на Една може!, но морам да споменам и на лански создадената Мрежа на граѓански организации ЈУНАЈТЕДФЕМ, што пак ми е едно од новосоздадените љубимчиња, се залагаме за свет со можности. Можности за сите девојки и жени, право на избор, слободно одлучување и ненарушување на слободните избори.

Барањата кои ги формулираме низ документите за јавни политики кои ги создаваме, ги упатуваме до донесувачите/ките на одлуки, надлежните институции но истите се достапни за широката јавност, со тоа што форматот на прикажување го моделираме според јавноста на која ѝ го претставуваме.

Пандемијата дополнително ја влоши и онака лошата ситуација за многу од самохраните мајки, постои ли нешто што особено би издвоиле што се покажа како дополнителен проблем во време на пандемија?

- За време на пандемијата не само што се влоши состојбата со самохраноста и еднородителството, туку и се уназади севкупната позиција на девојките и жените, а посебно на жените со мали деца. Поразително е што од сите мерки, само мал дел беа родово сензитивни, те одговараа на потребите на жените, а само една единствена ЕДНОКРАТНА, симболична мерка се однесуваше на самохраните мајки, и тоа на најмалиот дел од нив.

Овој непобитен факт, говори за нашето општество и ја фиксира состојбата на институционална дирскиминација која одмна ја детектиравме и пишувавме за истата уште во 2016 во документот за јавни политики создаден низ работна група „Мултиплицирана дискриминација на самохраните мајки“, чија авторка сум и јас.

Продлабочените проблеми пак, за време на пандемијата, истражени во Анализа, ги формиравме заедно со Здружението за млади аналитичари и истражувачи – ЗМАИ, под наслов „Самохраноста во Северна Македонија: Ефектот од Ковид 19 врз условите за живот и работа на самохраните родители и еднородителските семејства во Северна Македонија“. Во документот, најголем процент 96%, 432 од испитаниците се од женски пол, а останатите 4% (18 испитаници) се од машки пол. На прашањето дали имале проблем за време на КОВИД-19 со чување на нивните деца (за тие што имаат мали деца од 0 до 6 год. возраст), 32,23%, односно 127 од испитаниците одговориле со „да“. На 15,74% , или 62 од испитаниците, децата им ги чувале дома (родители, роднини, дадилка). 30 од испитаниците (7,61%) немаат финансиска можност за плаќање некој да им го чува детето. Дури 86,5% одговориле дека не добиле финансиска поддршка од Владата како самохрани родители, а 66,58% oдносно 259 испитаници одговориле дека за тоа било потребно многу документација за да докажат дека се самохрани, дека надлежните институции ги враќале бидејќи системот не ги признава, пред сè дека се разведени, а законодавецот разведените родители не ги прифаќа како самохрани. И покрај тоа што поднеле приговори, тие немаат никаков одговор на истите. Само 5,91%, или 23 испитаници одговориле дека бил многу краток рокот, а пак 107 испитаници (27,51%) не биле информирани. Дополнително на ова, и ние, како Здружение за застапување на правата на самохраните родители, поднесовме приговор со потпишани мноштво одбиени самохрани родители, а кои легално исполнуваат услови за да ја добијаат таа мала еднократна поддршка, на кој никогаш не добивме одговор.

Во вакви услови, на непостоење на држава, ние, со донаторска поддршка која ја обезбедивме за конкретнава цел, на самиот почеток на пандемијата, дониравме до секоја самохрана мајка која аплицираше на наменски јавен повик, околу 400 пакети со хуманитарна помош, низ цела држава. Нас ова не ни е работа, не го правиме постојано, вака, во радикални услови, реагираме на овој начин токму поради потребата да се биде тука за жените и децата. И за жал, постоајно имаме ваков тип на барања, што само по себе индицира држава со неможности. Кој би барал да му се донира храна и облека, ако има услови да се реализира професионално, да биде дел од пазарот на трудот, да создава, да твори, да биде чесно вреднуван за она кое го работи, а и да дава пример на дете/ца, што значи да се гради кариера, да се даваш себе си за да ја работиш работата во која си одличен, за која си учел, си се образовал, си посветил години и години од животот? Нема поубаво од можноста децата да гледаат како родителите си ги остваруваат професионалните соништа и да земаат пример. Интелектуалните постигнувања се софистицирана медовина која овде ретко се вкусува. Затоа жалам за безбројните нереализирани кариерни соништа на жените со кои контактираме преку Една може!. Лично пак сум бескрајно благодарна што успевам да се сладам на плодовите од моите заложби и неоткажувања, посебно знаејќи во првите години колку лична жртва имам инвестирано за денес да бидам на оваа поизиција.

„One can! Една може!“ брои близу 5.000 членови, а на Фејсбук тие секојдневно ги споделуваат своите проблеми, кои се некои од најголемите грижи и предизвици со кои се соочуваат овие мајки, а на коj начин им помагате заедно со „Една може!“?

- Групата на Фејсбук, ја создадов охрабрена од драгата Фросе, професорка од Корчагин и активистка по душа, со која бев во контакт тој период, 2015 година, зимата. Единствен начин да ги обединам жените во тоа време, кога и јас имав две годишно детенце, и кога морав да научам да приоретизирам заради мноштвото обврски, беше да формирам заедница. И испадна совршена одлука. Тоа e буквално активистичка платформа. Никој никогаш не бил платен да ја уредува, координира, насочува или слично. Тоа е женска заедница за самопомош, во права смисла. Во групата може да бидат членки самохрани мајки, а порано имаше и онакви кои работат во областите на социјалната работа, правото, психолози и психотерапевтки, професорки... но останува дека сит на гладен не верува, и затоа групата настана и остана, исклучиво на самохраните мајки кои секојдневно си разменуваат огласи за вработување, информации за добивање одредени права кои им припаѓааат или не, начини за аплицирање на некакви мерки, насоки за воспитување на децата, искуства како тие се справуваат сами со деца и буквално 1000 зошто 1000 затоа.

Најголеми предизвици остануваат, непостоењето системска поддршка, проблемот со домувањето, неможностите за бесплатно образование, неуреденоста за излегување на пазарот на трудот, високиот степен на сиромаштија и социјална исклученост за што според Завод за статистика сме на највисокото второ место во светото, веднаш по Турција која се смета за лулка на патријахатот, каде жената е граѓанка од втор ред и според Уставот, каде јасно е нагласена дека жената е сопственост на мажот или на државата. Нашите бројки за високиот степен на сиромаштија и социјална исклученост, за еднородителските семејства, се премногу блиски со оние од Турција. Па замислете до каде сме со предизвиците и колку многу мора да се работи на темава и колку ние како експертска јавност можеме да помагаме директно...

Главната помош од наша страна, она поради кое сме формирани и за што постоиме а и во што сме стручни е, застапување и лобирање, аргументирани истражувања и препораки за системско општествена интеграција. Тоа е нашата визија, држава и политики кои овозможуваат живот во благосостојба и за самохраните мајки и за дечињата од еднородителски семејства.

Како голем борец за еднаквост и права на жените, колку вашата лична приказна придонела за тоа што сте денес? Дали и самото настанување на „Една може!“ е инспирирано од ваша животна приказна?

- Кога бев минатата недела на едукација која ја посетувам оваа, а и следната година, добив фид бек кој сакам да го споделам, баш по однос на тоа дека широката јавност ме перцепира како борец/борка. Личноста која ми го даде фидбекот се изрази така да кажа дека не знае зошто би била борец/борка, но со сигурност знае дека, главната асоцијација кога станува збор за мене ѝ е дека сум„ личност генератор на променето однесување кај човековиот род, нешто како „човекот на новиот век“. И решив ова да си го понесам за себе. Да се биде борец/борка, во 21 век, е огромна и многу тешка улога која најискрено пречесто си ја лепев во изминатите години, токму поради тоа што пречесто ми ја упатуваа луѓето, но и ја добивав како награда, од типот „Жена борка на годината“, во многу наврати. Драги ми се сите изминати години борба, но како жената расте, спиритуално, интелектуално, емотивно, така се менува и перцепцијата на она кое го прави.

Денес, повеќе ми лежи она „генератор на промени“ и „жената на новото време“ отколку борка.

Улогите кои ги играме низ животите, зошто нели животот е една голема игра на учење, кај некого помалку кај некого повеќе, се условени од животното искуство. Моето животно искуство е исклучително „густо“ па според тоа да, Една може! е инспирирана од мојот засекогаш херој, моето прво чедо Маркијан. 

Со неговото доаѓање на свет, донесе светлина која секојдневно ни ги грее душичките и мене ми направи шифт за кој немам зборови да го опишам. Затоа и ја имаме Една може! како еден од убавите резултати и само оние кои со години сведочат што сè е направено, на колку жени и деца е помогнато, без оглед дали воопшто имаме поддржани проекти или не, можат да се напијат и да бидат дел од овој убав извор светлина.

Мојата лична приказна, самохраноста, борбата, енормното количество на љубов кон човечките битија а најмногу кон дечињата, а според тоа и радикалното неприфаќање на лошата состојба во која живеат, отпорот кон тоа да се биде дел од мноштвото што слепо ќе голта што се сервира, непокорот да се живее недостоинствено преку дела, и неприлагодувањето кон општоприфатената игра на сенки, премногу придонесе за тоа каква работа работам, како ме перцепираат другите, која сум а уште повеќе која станувам. Најбитното за мене е „станувам“: се менувам, се трансформирам, се преобликувам се ремоделирам... зошто сум жива, а животот е жив нели, вибрантен, променлив. И сè  додека е вака ќе знам дека сум ок со себе, сè  додека ширам мапа на светоглед. Ете, ваква сум јас денес, и да, за ова е заслужна мојата животна приказна, која пак денес, додека одговарам на овие прашања, екстензира ширејќи го пејзажот на животот надвор од сите за мене познати рамки. Состојба која моментално ми доминира е БЛАГОДАРНОСТ ЗА ОВАА МОЖНОСТ НАРЕЧЕНА ЖИВОТИШТЕ.

Инспирација сте за многу жени, која е вашата порака до самохраните мајки и воопшто жените, како да останат цврсти и борбени кога животот им сервира неправда и болка?

- Познавајќи и контактирајќи со премногу жени и девојки, знам дека женските предизвици се многубројни па според нив одат и моите совети. Советувам контакт со себе, барање на својата животна мисија, вложување во себе низ најразлични аспекти, фокусирање на можностите кои ги има безброј во ова наше време. Самољубов, не како празна флоскула, туку како најдлабоко разбирање на себе, своето минато, своите постапки, желби и аспирации. Самољубов како прифаќање на сопствените рани, комуникација со нив, растајнување, откривање и менување на патерните кои веројатно нè разраниле. Особена внимателност кон прераскажување на личната приказна, слушнете се и увидете каква лична приказна раскажувате, многу важно пресликајте/насликајте каква животна приказна сакате да имате и тоа раскажувајте го преку секојдневниот живот најпрво. Почнувајте од себе, слушнете се каде сакате да стасате и ќе се изненадите колку животот може да биде прекрасен кога имате лична дестинација. Вложувајте во себе, вложувајте во своето знаење, своите капацитети, своите вештини, своите искуства, авантури, својата животна игра и личностите со кои си создавате полиња за раст и развој. Ова е највредно, иако има плејада спектари кои секојдневно со развојот се отвараат како нови книги. Тоа е убавината на живеењето. И сите можеме да ја искусиме ако се самозацврстуваме на овие и слични начини. Неправдата, болката, омразата, се труло, празно и површно, сами ќе отпаднат од вашата игра, тогаш кога вие ќе ги надраснете овие нешта. Сведочам преку личен пример за ова што го советувам, затоа и сум денес инспирацијата на многу жени како што гласи прашањето. И во миговите кога немате ништо да дадете, дајте се себе онаму каде ќе почувствувате дека требате, е дури тогаш ќе почнат богатствата да извираат и да умножувате сè што можете да дадете за да направите придонес. И како и мојот потпис, „за секоја една да може“, зошто знам, ве гледам како можете, да бидете тука за себе, едни за други и за ова труло општество, сите.


*Љ.Иванова