(Само)убиство

Позади секое самоубиство лежи прикриено убиство кое траело со години и кое (за жал) не е толку евидентен чин за да биде казнето по сила на закон. Позади секое самоубиство не стои психички лабилна личност, туку личност која е систематски малтретирана со години, или ако сакате народски кажано, за*бавана од државата, институциите, шефот, колегите, домашните, познати и непознати „хејтери“. Позади секое самоубиство стои горчина која само се крева угоре додека не ја прелее чашата и се случи потполна темница во која ниту сами себе можете да се најдете, ниту пак може некој да ви помогне. Позади секое самоубиство стои тага и болка, немерливи со било кои мерки на светов на кои може да ви текне за некој да крене рака на себе и зад себе да остави ужалено семејство. Позади секое самоубиство остануваат милион неодговорени прашања кои се сосем неважни кога човекот повеќе го нема, а никому не му текнало да ги постави додека бил жив. Позади секое самоубиство стои одговорност... ваша, моја, сечија... и празнина во која се давиме од немоќ дека сме потфрлиле заради себичлук, немање време, молк, страв.

Не, не е оваа колумна инспирирана од тазе веста за српската инфлуенсерка која на 21 година посегна по својот живот заради она што модерно се нарекува „сајбербулинг“. Ете, за неа ќе се пишува по медиуми, ќе биде 3 дена на насловните страници на сите портали во „бившите ЈУ простори“ како вест која ќе е СКАНДАЛОЗНА, ГРОЗОМОРНА, ШОК и ќе мине. Ќе полаат кучињата, а караванот ќе си изврви како и досега. Во меѓувреме, додека уште некоја позната личност не си го одземе животот заради Х причини, ќе си заминат на истиот начин уште многу, ама за кои нема да читаме оти не се доволно познати на јавноста. Затворивме очи и сè уште ги затвораме пред сето она што ја нарушува идеалната слика за лажен спокој. Одродувањето ни стана толку нормално и природно, толку некако се вклопивме во таа шема дека секој од нас треба сам за себе да си води сметка, што ништо друго не гледаме подалеку од носот. Емпатијата изумира, солидарноста исто, животот станува бројка која треба да се достигне  и патека која треба да се изоди, а на која нема да оставиме траги.

Ова е колумна за сите оние кои кренале рака на себе, а од кои многу време пред тоа, раце од нив кренале сите. Ова е колумна за самотијата, тагата, безизлезноста и стравот од кои се бега директно во смрт. Ова е колумна во која нема да се зборува дали самоубиството е чин на слабост или храброст (оти смртта е некогаш и награда за човек да си го најде спокојот), ниту ќе се зборува дали е христијански или не, дали се оди во пеколот или рајот, оти и рај и пекол има и на овој свет.

Ова е колумна во која ќе бидеме сите одговорни за секој што низ годиниве си заминал од таа проклета тага која јаде повеќе од болест и за која можеби и можело да има лек доколку сме застанеле зад жртвата.

Со децении не дочекувам да видам како одиме напред и како оние кои се на чело на оваа држава се грижат за луѓето кои помогнале да ги сместат задниците во удобните кожени фотељи, во кои се забораваат сите ветувања заради кои, пред сè и се сместиле во фотељите. Со децении не дочекувам да видам ништо друго освен реваншизам, омраза, „на*бување мајке на сите што не се од нашите“. Со децении малтретирате луѓе кои се способни и ги менувате од позиции оти не се ваши! А вашите кога ќе дојдат на директорските места истото го прават и со оние кои се под нив. Смрдежи! И гласни сте додека не се смени власта за која навивате, дотогаш сте први по социјалните мрежи, плукате, терате правда и правдина до мигот кога ќе ви ветат нешто. Тогаш замолчувате и си го давате га*от под кирија, оти не е дека сте биле загрижени за општото добро, само не сте имале храброст да признаете дека сте се бунтувале од себични причини.

Проста маса желна за власт. Да, ве обвинувам сите од врвот па надолу и тоа од секоја политичка гарнитура, оти сте неспособна багра која не гледа дека народот ви е очаен, депресивен, уплашен, измалтретиран и уморен. Најважна е борбата за вашето удопство, без да ѕирнете како живее обичниот народ, кој патем речено, е вашето гласачко тело. Оттука почнува сè... буквално сè.

Потоа на ред се оние кои ја имаат моќта да мобингуваат, држејќи ги работниците во страв дека секој е заменлив. О да, ама и вие сте во тие „секој“, никој не се родил ко директор, нели? Фуј! Колку ли треба човек да е гнида и ситна душа за да се изживува со оние кои мора да молчат за да извадат парче леб? Како совеста? Ах, простете ми, заборавив дека вие немате совест. Па на ред се колегите кои се миленици на овие гореспомнатите и кои булираат со муабети, ставање сопки, јадење трици за вашата способност, капацитет и можности. За вас се надевам дека има посебен круг во пеколот. Заради вас и вашата неспособност, се уништува креативноста на оние кои ги бива, оти најлесно е да владееш онаму каде што има кавги, озборување и простотилак.

Потоа ми се на ред оние кои во секоја можна прилика ќе се обидат да ви го укењаат животот преку милион ситници како што се: 100 пати враќање и шетање по шалтери оти сабајлето ве изнервирал некој па мора таа нервоза да ја истресете некаде, односот на оние од кои ни зависи здравјето и кои се обраќаат како да сме саделе тикви заедно иако им се обраќате на Вие... да продолжам? Секако дека ќе продолжам и без да ми дадете амин.

И на крај, сите кои седнуваме пред тастатурите сеедно дали сме со псевдоними или вистинските имиња. Ми се приповраќува секој пат кога седнувам да читам било што на социјални мрежи. Секој за секого има погрден назив, потсмевање, психичко малтретирање кое ги преминува сите граници. „цркни/ да ти умрат децата/ ку*во една се гледа од профилната шо ти треба/ хехехе, да те биваше ќе беше дама а не продавачка/ цела фамилија да се разболите/ глупачо/ гуско глупава/ ти не си маж бе“. Звучи познато? Било каде да отворите, секој има мислење за секого, секој има „право“ да изблуе гнасотии, да вреѓа, да плука...и без апсолутно никакви последици (освен ако тоа не е упатено кој некој политичар, па одма да се активира она познатото „говор на омраза“). Толку ли станавме слепи и глуви, па не гледаме и не слушаме дека се’ повеќе има говор на омраза, кој е веќе вообичаен начин на комуникација?!

Не, ова не е демократија туку анархија. Не, ова не е слобода на говор, туку распашаност која мора да е казнива. Децата трпат вербален булинг од своите соученици, родителите од претпоставените и сите над нив... додека еден ден некому не му пукне филмот. Додека еден ден некој, во овој хаос од држава и меѓучовечки односи не крене бело знаме и посегне по својот живот. Настрана тоа дали сме забележале или не дали некој има проблеми. Оти научивме да живееме во тешки ср*ања, научивме да веднеме глави пред секој облик на малтретирање. Додека не прелее, додека не пукне нешто внатре и затруе толку многи што веќе не се гледа излезот.

Не попувајте за тоа што е самоубиството, оти секој од нас е соучесник во она убиство-кое стои пред „само“. Слободата на говор, а и демократијата да си ги напикате онаму каде што не ве грее сонцето, оти има нешто што се нарекува морална одговорност и пред која сите имаме обврска да испочитуваме нечиј живот и да не дозволиме да биде загрозен од злоба. Некогаш е доволен само збор, за да се премине границата и да се тргне во амбисот, само еден збор. Следниот пат кога ќе ви дојде да напишете нешто гнасно или да кажете некому нешто неубаво, подзастанете и помислете дека можеби вашето ќе е последната капка која ќе ја прелие чашата. Спремни сте на таа одговорност и тоа бреме? Можете да живеете со тој товар до крајот на животот? Јас не!

Да сте ми живи и здрави... почовечни и со очи ширум отворени за секоја неправда.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ако на чо’ека немаш нешто уб’о да му кажеш

Молчи си, пиле, и не си ја погани устата

Оти чо’ек сам знае за ш’о арен не е

И не му треба твојот отров за да го дотепа

Кажи му ја уба’ината во него

Погали му ја со збор душата

Јазикот да ти биде к’о да си го гушнал

Со милост во очите кажи му збор-два

Ама уба’и да се

Да бидат мирисливи к’о на доенче здивот

И чисти ко детска игра

Нека бидат невини к’о млада невеста

И мудри к’о стар чоек

Гали го чо’ек

Кажи му го уб’ото во него

Оти некогаш оќоруваме

Некогаш, ете така низ животот ослепуваме

Та сами себе не можеме да се видиме

И троа лоши стануваме

Троа полни нетрпение и нервоза

Пиле

На таквите луѓе нешто уб’о да им кажеш

Оти подзабора’иле

Та потсети ги на чо’ештината

Покажи им ја љубовта

Во твоите очи себе да се видат како во огледало

За да можат да се засакаат

За да можат гла’ата да ја кренат

Над сите јадови да се исправат

И чекорот посигурен да им е

Да знаат оти сами не се

Оти уште некој љубов во срцето за нив има

И ќе видиш

Ех пиле, ќе видиш како ликот им се менува

Како ќе засветат

Како од милост и боја во образите ќе им се врати

И грбот како кроце им се исправа

Та смеата ѕвонлива им станува

Како од болест да оздравеле

А несреќата и тагата болест се

Затоа

Ете затоа треба чо’ек со чо’ек да се чува

И со убост да се гоштава

Со збор и рака подадена

Ама не за да турне и навреди

Туку да го избавиш чо’ек некогаш од сам себе

Како што некој некогаш и тебе од себе ќе те спаси

Гали ги луѓето

Гали и сакај ги

Оти векот тука на сите ни е краток

А часот дур’ да дојде, чо’ек биди

И памти ми ги зборо’ите

Молчи пиле, молчи и врви си по патот

само молчи и устата не погани ја

ако на чо’ек немаш ништо уб’о да му кажеш