Screenshot-грев или соочување со реалноста

Добивај вести на Viber

Деновиве на Фејсбук имав прилика да видам една дискусија која се водеше околу еден извадок од приватна порака со многу интересна содржина. Имено (Фатиме ќе ми прости за користење на нејзиниот израз), непознат машки лик започнува конверзација со “здр”. Одговор нема. По некое време повторно, ама овој пат мааааалкуцка проширено “како си”. Одговор нема.

По неколку неуспешни обиди, главниот машки лик губи контрола и почнува канонада од навреди. Жената кон која беше тоа упатено, направи screenshot од преписката и ја објави на Фејсбук.

Е сега, интересниот дел допрва доаѓа. Коментарите варираа, од споделување слични искуства, до познатата машка солидарност која одеше дотаму што жената беше обвинета за злоупотреба на лични податоци! Лични податоци на лик кој нема ниту вистинско име ставено на Фејсбук. Во ред дечки, да разјасниме неколку работи.

Прво, социјалните мрежи станаа плодно тло за швалерај и убивање време со дрндрн муабети. Како и секоја жена, така и јас сум добивала пораки со разни содржини. Од вакви, како погоре опишаните, до фотографии од интимни делови од тело. За среќа или жал, мојот желудник не го поднесува тоа, па сето тоа оди во ѓубре.

Второ, како жена точно знам како се чувствувала секоја од нас која добивала пораки со вакви содржини. Со оглед на тоа што мојот живот е изложен на јавноста, пораките оделе и со содржина во која се спомнува распуштеница која да вредела, немало да биде разведена (ама за ова ќе пишувам во следниот број), па дека сум стара и грда и дека треба да ми е чест што некој бил заинтересиран за мене, па дека сум била веројатно лезбејка и дека сум феминистка која машки полов орган не видела со очи.

Трето, не е мој стил изнесување такви работи во јавност, но не осудувам разгневена жена која ем не дава повод за таков вид комуникација, ем е нападната дека го разоткрива натрапникот.

Заштита на лични податоци?! Под превезот на тоа, може секој да си дозволи да пишува што ќе му падне на ум и да помине неказнето? А не! Јас сум тоа веднаш да се пријави. Никој, ама баш никој нема право да ме малтретира мене или било која друга жена, а особено не да навредува ако не сме заинтересирани за комуникација.

Сите вие што сте гласноговорници на оние кои ги злоупотребуваат социјалните мрежи за да изнакажат/изнапишат се’ што ќе им притекне, да ве потсетам дека имате мајки, ќерки, сопруги, сестри и другарки.

Барањето било какво оправдување за ликовите кои немаат ни доблест она што ќе го изблујат да го сторат тоа со својот вистински идентитет, ве прави да сте исти како нив. А верувам дека доколку некој од нив ве чачне по она што ви е вам свето и драго, дека нема да размислувате така.

Имам потполно право да одговорам или да не одговорам на било која порака. И никој не може да ми го земе или ускрати тоа право. Најмалку некој што никогаш не се ставил во мојата кожа или во кожата на жените кои добиваат секакви пораки и понуди.

Реакциите кои ги покажувате се навреда за било која жена. И не сме на социјалните мрежи затоа што ни треба внимание од непознати или комплименти од било кој вид. Имаме реален живот во кој добиваме она што ни е потребно, помалку или повеќе.

Тоа што сум разведена, не значи дека го користам Фејсбукот за да најдам некого! Тоа што имаме над 40 години, не не’ прави очајни и исфрустрирани женички кои скокаат од среќа кога некој ќе ни пише.

Имаме семејства, кариери, хоби, пријатели. Онлајн сме за пријателите, за да постираме она што не’ тишти, допира, да споделиме песна, писание, моменти од нашиот живот. Не бараме младо месо за “провод”, ниту пак си ја храниме суетата со вашите пораки, кои некогаш се праќани и во 2 часот по полноќ.

И не, не сме расположени за муабети во кои уште од самиот старт го намирисуваме мотивот.

Имам преубави пријателства на Фејсбук...и со мажи и со жени. Сме се виделе, сме си нашле заеднички теми и сродност. Ама се’ е до пристапот. Паметам кога еден женет човек, со воодушевување ми пиша за поезијата и кој уште во првата реченица ми рече “не сум манијак, сакам да се запознаеме, се разбира и мојата сопруга која Ве обожува сака да се видиме на кафе”. Сиве овие години, се дружиме и се почитуваме неизмерно.

Драги момци, мажи, господа....очекувам дека следниот пат кога на некоја навредена жена ќе и’ пукне филмот од некој здодевен маж кој со недели и месеци ја малтретира, па го објави тоа, да застанете во нејзина одбрана и да покажете емпатија. Да покажете со однесувањето дека не сте сите исти. Се разбира, истото важи и во обратна насока.

Впрочем, имам прочитано и од жени дека некоја сама си го барала за така да биде третирана.

Почитта изумира на сите нивоа. За среќа, имам доволно години за да паметам дека порано не беше вака сурово и сирово. И за среќа, имам премалку години за да станам огорчена и искрено верувам дека нештата може да се сменат. Го сакам назад времето кога имавме повеќе слух едни за други, времето во кое три пати се мереше зборот за да се исплука. Го сакам назад времето во кое жените беа третирани со почит која ја заслужуваат.

Она време во кое се кажуваше ИЗВИНИ...односно, она време во кое ретко се кажуваше тој збор, оти сите внимававме да не навредиме или повредиме некого.

Како стареам, имам се’ помалку нерви и толеранција кон навреди. А сум ги добивала. Некои сум премолчела, некои ме изгребале, ама некои ме засекле премногу длабоко.

Жената заслужува почит, исто како што тоа го заслужува и мажот. Взаемно и без мудрување. Внимавајте на зборовите, од искуство знам колку знаат да лекуваат и да поболат.

Од мене, простено на сите кои ми ги сервирале до коска. И барам прошка за моите со кои некого сум навредила, иако многу повеќе сум излекувала.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска