Се крчка нов закон за абортус
Министерот за здравство Венко Филипче на денешниот симпозиум на тема „Вродени аномалии - предизвици, дилеми и третман“ во организација на Македонското лекарско друштво кажа дека се подготвува нов закон за прекин на бременоста.
Како што кажа министерот со тој закон на жената и се дава можност за слободен избор за абортус до 12-та недела, во консултација со матичниот гинеколог како и слободен избор за прекин на бременоста жената ќе има и до 22 гестациска недела од бременоста, со оценка на комисија составена од двајца гинеколози и еден социјален работник.
„По наполнување на 22 гестациска недела, ќе се формира посебна стручна комисија која ќе треба да направи проценка за одобрување прекин на бременост. Таа комисија, освен гинеколози и акушери, ќе биде составена и од специјалист од детска хирургија, детска кардиологија, кардиохирургија, неврохирургија, анестезиологија и социјален работник. Во случај на вродена аномалија кај плодот жената има право да ја прекине бременоста врз основа на мислење од овие специјалисти, кажа министерот додавајќи дека одлуката за прекин на бременоста е право на жената и оти тоа никој не може да и го одземе.
Она што досега го немаше во постоечкиот закон според Филипче сега ќе биде на прво место.
„Волјата на жената ја ставаме на прво место во овој период,, драфт верзијата на законот е подготвена и потребна е уште една финална консултација со сите кои се заинтересирани за промена на законот, со стручните лица од Клиниката за гинекологија и акушерство, МТСП и невладините организации“, кажа министерот.