Се надевам дека некое лице со оштетен вид ќе ја прочита мојата дипломска на Брајово писмо: Беки си ја исполни долгопосакуваната желба
Беира Салифоска, позната како Беки, има глауком (целосно оштетување на видот од раѓање), препознатлива насмевка и магични раце. Оваа млада и позитивна девојка потекнува од Пласница, а веќе повеќе од 15 години живее во нашиот главен град.
Слепилото во ниту еден момент не ја спречило да ги оствари зацртаните цели во нејзиниот живот, но напротив таа живее со полн здив. Токму пред неколку дена Беки дипломираше на Институтот за специјална едукација и рехабилитација на Филозофскиот факултет при УКИМ, со дипломски труд на тема „Предизвиците на лицата со оштетен вид за време на Ковид-19 пандемијата“ којшто претставува прв дипломски труд во земјава напишан на Брајово писмо.
За време на вондредната состојба во нашата држава поради КОВИД-19, Беки секојдневно работеше со своите пациенти во Институтот за физикална и медицинска рехабилитација во Скопје, но и ги почитуваше препорачаните мерки за заштита, а како тоа изгледаше, тогаш раскажа за Женски Магазин.
Беки безрезервно своја и паметна девојка, која знае да се насмее на своја сметка, а и знае што сака од животот. Таа живее сама во свој стан, а за онаму каде не може да се движи сама, го има персоналниот асистент Димче Миланов, со кого вели дека се многу претставителна двојка каде и да се појават.
За нејзиното најново достигнување, како и за идните планови, читајте во продолжение.
*Беки, во 2019-та година за Женски Магазин откри дека новогодишна желба ти е да дипломираш, а сега благодарние на твојот труд и посветеност истата се реализира, и не само тоа, туку ти го имаш првиот дипломски труд напишан на Брајово писмо.
Колку долго го очекуваше овој момент, раскажи ни нешто подетално?
- Токму така, многу добро се сеќавам на тоа интервју дадено за вашиот портал и ете дојде време таа желба да си ја исполнам. Да бидам искрена долго го очекував, малку се одолговлечи работата, ама како викаат сè си има своја причина, едноставно така требало да биде. Темата е „Предизвиците на лицата со оштетен вид за време на пандемијата Ковид-19“. Дипломскиот труд го подготвував скоро четири месеци, а се одлучив токму за ваква тема, поради тоа што сите на некаков начин се соочувавме со предизвици за време на пандемијата. Јас како лице со оштетен вид, сакав повеќе да дознаам и за останатите лица во нашата држава кои се со оштетен вид, со какви предизвици и потешкотии се соочувале за време на самата панндемија, како и какви препораки имаат, доколку во иднина дојде до ваква или слична ситуација, да се подобрат условите и услугите за нас лицата со оштетен вид.
* Дали реализацијата трудот да биде на Брајово писмо беше лесна, кој ти помогна?
- Мојот дипломски труд на Брајово писмо го испечати, Институтот за специјална едукација и рехабилитација, на кој сум многу благодарна.
* Дали имаше трема, на презентацијата присуствуваше и претседателот Пендаровски, како и многу твои блиски луѓе?
- Да, имаше многу луѓе кои ме направија среќна, со нивното присувство, но морам да признаам дека имав огромна трема, ама како викаат таа била позитивна треба и навистина е така.
*Дали некое слепо лице имаше можност да го прочита твојот напишан труд?
- Сè уште не, но се надевам дека во иднина ќе го прочита некој од лицата со оштетен вид.
* Што значи диплома во рака за тебе. Дали ти се отвораат нови можности, дали можеби доби некоја нова понуда за работа?
- Сè уште немам добиено понуда за работа, но секако дека со дипломата се отвараат повеќе можности, па се надевам дека во иднина ќе ми се исплати целиот вложен труд што сум го дала за време на студирањето.
* На социјалните мрежи беше главна тема изминативе денови, едноставно немаше кој не кажа убав збор за тебе како личност. Колку ти значи поддршката од пријателите? Што е тоа што те прави толку посебна во нивните очи?
- Навистина бев многу позитивно изненадена од реакциите на социјалните мрежи, многу луѓе ми дадоа огромна поддршка и преубави коментари. Поддршката од пријателите за сите нас е од огромно значење, па така и за мене, убаво е човек кога има многу пријатели, со кои може да ја споделува среќата. Не знам што е тоа што е толку посебно во очите на другите, можеби мојата храброст, трудољубивост, начинот на кој комуницирам со луѓето, дај Боже секогаш да можеме да бидеме добар и позитивен пример за сите.
*Твои идни планови, дали да очекуваме магистратура?
- Магистратура секогаш ќе стои како опција, сега малку ќе си дадам одмор за себе и ќе се посветам на авантурите и предизвиците, кои сакам да ги исполнам, секако со поддршка на мојот асистент. Планирам да го трчам скопскиот маратон, да летам со параглајдер и многу други активности, за кои понатаму ќе бидете информирани.
*Д.Караташова Илиоска