Се навикнуваме да живееме со болката: Огнен Здравковски за семејството и за песната која е посветена на вујко му Џорлев

Добивај вести на Viber

Пејачот Огнен Здравковски својата нова песна  му ја посвети на покојниот вујко, познатиот музичар Зоран Џорлев, за која вели дека му оставил аманет што поскоро да ја промовира. Огнен за Женски магазин раскажа како тој и целото семејство се учат да живеат со болката, по големата загуба. 

Пејачот со многу љубов и емоции ја препеа песната „Душо моја“ од сараевскиот кантавтор Кемал Монтено. Интересно е што Огнен, кој е релативно млад, за оваа песна слушнал неодамна, а интересна приказна има моментот кога ја засакал и зошто токму неа ја снимил. За тоа е заслужна и неговата мајка, пејачката Софче Џорлева.


-Песнава за првпат ја слушнав додека се натпреварував на „Ѕвездите на Гранд“, пред скоро две години. Дознав од мајка ми, таа ми ја кажа. Во декември снимив аудио за песната, и му го пратив во истиот момент на вујко ми за да слушне и да ми даде совет и критика. Откако му ја пратив на вибер, ја ислуша, веднаш ми се јави и ми кажа дека беше наежен од глава до петици. Ми рече дека се чувствува исто како да го слушал Кемал да ја пее и дека сум го вратил 20 години назад во времето, и негова желба беше веднаш да ја промовирам“, ни раскажа Огнен.

За жал, Џорлев не дочека да го види својот внук како ја пее неговата омилена песна од Монтено. Тој почина на 1 јануари годинава, на Инфективната клиника вo Скопје, поради компикации од коронавирусот.

-Ја снимив во декември и немав во план да ја промовирам за брзо“, продолжи Огнен. “И сега решив да ја пуштам и да ја посветам на вујко ми бидејќи ми остана аманет од него“, додаде пејачот.  Здравковски вели дека си замислувал што би му рекол вујко му ако сега е тука и го слуша како ја пее: „Чувствував преголема емоција.. Дека е премногу горд на мене како и секогаш и да продолжам напред со истите чекори со кои што чекорам..“, рече тој и раскажа како се држи неговата мајка која беше особено врзана за својот брат, и целото неговото семејство по големата загуба. 


-Фала му на Бога добра е, добри сме сите, животот оди понатаму и полека се навикнуваме да живееме со болката. Бог нека ни дава сила“, ни изјави Огнен. 

На 21 јануари во 2015 година во Загреб, почина Кемал Монтено.  Како причини за смртта се наведуваат силната пневмонија и компликациите што следеле по трансплантацијата на бубрегот, која му била извршена во 2014 година. 

Кемо, како што блиските го викаа, одржуваше прекрасни концерти во Скопје, а неговата поврзаност со Џорлев започна токму на еден од нив. Зоран со својот гудачки оркестар ги отсвире сите песни на Кемал на тој концерт на кој во дует со него пееја многу наши познати пејачи. Меѓу нив беше прерано починатиот Влатко Илиевски, Биба Додева, но и Калиопи која заедно со Монтено, а со нејзиниот другар Џорлев на сцената, прекрасно ја испеа „Душо моја“, која сега ја преработи Огнен.


-Новиот аранжман и целото аудио (mix and master) го направи мојот драг колега и другар Александар Тарабунов,  а преубавото видеото го направи (според мене, најдобриот) Зоран Зонде Стојановски“, напиша Огнен во описот на песната на Фејсбук. Виолините ги отсвире неговата сестра Оле Шундиќ. 


М.Џаровска

Фото: Приватна архива