Се негувам со препарати од Сибир: Пред огледало со Ана Кондратенко
Прва виолина
или концерт –мајстор на Македонската филхармонија, атрактивна дама со волшебни
сино-зелени очи, Ана Кондратенко (38) , специјално за „Женски магазин“
ги открива своите ритуали за убавина. Вели, секое миење лице или тело ги завршува со контрастен туш што е добро за
зајакнување на имунитетот, а понекогаш и само со сјај за уста настапува на
сцена.
Кој е нејзиниот омилен парфем и што носи во несесерот, откријте во продолжение.
Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
-Секое миење лице или тело ги завршувам со контрастен туш. Така ме научи баба ми и сметам дека не само за надворешна убавина и свежина на кожа тоа е убаво, туку и за општо здравје и зајакнување на имунитет.
Со какви препарати го негувате лицето?
-Имам една линија на производи кои што ми одговараат и имаат поврзаност со мојата Сибир. Исто така сакам понекогаш да си правам пилинг со кафе или некоја дома направена маска . Засега мене ми се чини дека е тоа доволно конкретно за мене.
Посетувате ли козметички салони?
-Редовно.
Кои производи ги употребувате за нега на коса?
-Си правам исто како и за лице природни маски и користам производи за слаба коса. За жал во тој поглед јас немам добар ген.
Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Не сакам нападна шминка ни за концерти, а секојдневно ретко користам шминка. Ама и во секојдневна и концертна шминка ги истакнувам очи, а пазам карминот да не е прејак. Понекогаш и само со сјај одам на сцена.
Кои се Вашите омилени козметички производи?
-Бидејќи за нега на тело користам само природни масла (маслиново и кокосово), сакам понекогаш да експерементирам со производи за нега на лице и коса (Natura Siberica).
Што носите секогаш во Вашиот несесер?
-Само лабело и крема за раце.
Кој е Вашиот омилен парфем?
-Ги имам повеќе. Ги сакам Gioia Armani, Chanel Coco Mademoiselle. Исто така во време на нашето гостување во Оман си открив едно парфемирано масло што многу ми одговара и секогаш кога сум во арапските земји си го купувам.
Како ја одржувате линијата?
-Со колешките на работа си организиравме група што работи со инструкторка по Пилатес три пати неделно. Не држам диети засега, само се трудам да јадам толку колку што ми се јаде (да не претерувам) и кога ми се јаде. Си го слушам моето тело, сметам дека организмот знае што му фали или има премногу.
Л. Сабит