Сѐ правам со голема среќа и задоволство: Утринско кафе со Александар Трајковски

Добивај вести на Viber

Обично си дозволувам да поспијам до подоцна, бидејќи работните обврски не ми почнуваат рано наутро. Откако ќе се разбудам, уште прилично долго време лежам и тогаш ги правам првите обиколки на фејсбук и инстаграм и „влегувам“ во актуелноста на секојдневието. Нормално, тука се и вибер преписките со оние кои се разбудиле пред мене, така што, за утринско кафе не ми останува време. Затоа, првото кафе го пијам околу пладне и тоа во друштво со колегите на работа или со студентите. Од оваа шема отстапувам во петок, кога пијам турско кафе во „Мирче Аце“ и во сабота, кога задолжително пијам нес кафе со моите најблиски во скопските кафулиња.

Постојано сум со некои креативни ангажмани. Покрај редовните часови и работата со студентите на Универзитетот ЕФТА кадешто работам, посветен сум и на ангажманите во СОС Детското село, каде, како долгогодишен член на управниот одбор, се трудам да придонесам во развојот и просперитетот на организацијата. Учествувам и во организирањето на активностите на Академскиот хор „Мирче Ацев“, а со големо задоволство и пеам во него, така што, често, денот ми е комбинација на часови, состаноци, седници и хорски проби... Секако, задолжително одвојувам време за попладневна дремка. Без тоа, не ми е потполн денот. Убав, пријатен, инспиративен и несекојдневен микс...

Ме мотивира убавината на животот. Да, тој често знае да биде испреплетен и со многу непријатни и помалку убави моменти, но во својата суштина, животот е најубавото нешто што ни се има случено на сите. Мојот живот е полн со луѓе кои ги сакам и обожувам и, самата помисла на нив, ми измамува насмевка и во срцето и на лицето. Покрај тоа, работам работа што ја сакам, а и сите други активности што ги правам, ги правам со голема среќа и задоволство. И, сето тоа, претставува моја мотивација.

Вечерта, откако ќе завршат сите активности, ја поминувам со најблиските, во многу долги муабети и уште повеќе смеа. Тоа ми дава сила, за, откако сите ќе заспијат, да можам да почнам да пишувам. Останувам до доцна во ноќта, сам, со лаптопот и книгите до мене. Сѐ што имам напишано е создадено во тоа „глуво“ доба од ноќта.

Многу сакам да читам и тоа го правам секој ден. Некогаш ќе прочитам само две страници, а некогаш ќе се задлабочам и ќе се заборавам. Зависи од моментот и расположението... Ако некоја книга многу ми се допадне, се случува и да ја препрочитам. Сега ја читам „Ана Каренина“, инспириран од балетот кој неодамна го гледав, му се „предадов“ на ова извонредно книжевно дело. Исто е и со филмовите. Доколку налетам на ТВ - програмите на некој филм што сум го гледал, а многу ми се допаднал, без разлика колку пати го имам гледано, повторно ми го одвлекува вниманието. Новите филмски остварувања, претпочитам да ги гледам во кино.

* Д-р Александар Трајковски, професор по солфеж и историја на филмска музика