СЕ СРАМЕВ ШТО ЦРТАМ СО УСТА: Искрена приказна на уметницата Роза Мојсовска

Добивај вести на Viber

„ Бев многу гневна. Се мразев самата себе си, бев повлечена, не сакав со никого да контактирам. Многу ми беше тешко што не бев како другите девојки, бев разочарана од животот. Потоа во Заводот сретнав еден американец кој сакаше да пее духовна музика, а тоа беше токму пред Божиќ. Тој настапи со неколку духовни песни, а потоа не праша: дали некој сака да зборува за Господ? Јас го прашав: Ако Господ постои, зошто сум јас ваква, со телесен хендикеп?“, раскажа уметницата со редок талент. 

Речиси цел месец, на кејот на охридското езеро траеше изложбата на уметницата Роза Мојсоска која има редок талент, да слика со уста. Домашни и странски туристи се заинтересираа за делата на оваа храбра жена која е родена со телесен инвалидитет и од 1976 година живее во Заводот за рехабилитација „Бања Банско“ во Струмица. 

„Оваа изложба си ја организирав сама, и со помош на Господ кој ми даде многу добри пријатели. Многу ми помогна Здружението „Мобилност Македонија“ од Струмица, кое ми најде сместување за тие 20 дена во Охрид. Добив помош и од хуманитарното здружение „Мобилност“ од Охрид и хуманитарното здружение „Илинден“ од Скопје, кои ми помогнаа да добијам дозвола од Општина Охрид да ги промовирам моите уметнички дела“, ни раскажа Мојсоска. 

Туристите во Охрид се заинтересираа за делата на Роза Мојсоска 

Нејзиниот труд и посветеност го поддржува и Светското здружение на уметници кои сликаат со уста и со нозе, VDMFK, чиј член е од 2005 година. Таа е дел од семејството на уметниците од 82 светски земји. Роза, освен што е уметник е и поетеса. Својот мир, таа го пронаоѓа со пишување поезија со религиозна тематика. 

„ Родена сум во Скопје, три години по земјотресот, со телесен хендикеп.  Кога сум била бебе, лекарите на моите родители им препорачале да ме однесат во Белград, бидејќи болницата во Скопје не беше средена по земјотресот во 1963 година. Моите го послушаа советот на лекарите и ме однесоа во Белград. Тогаш сум била шестмесечно бебе“,  е почетокот од личната приказна Роза за Женски магазин. 

Во Белград, таа останала девет години. Била сама, затоа што според правилата на болницата, не смеел да ја придружува никој од родителите. Мајката на Роза подоцна и раскажувала колку ѝ било тешко да се раздели од неа и да ја одбие од доење. Додека била во Белград, лекарите и направиле седум операции, но ниту една не била успешна. Нејзината успешна сликарска приказна почнува токму во еден од тешките периоди од нејзиното детство. 

„ На седум годишна возраст, рацете ми беа оперирани и не можев ништо да правам. А беше Денот на жената, осми март. Тогаш сите деца цртаа честитки за празникот, а јас не можев. Со мојата желба и јас да направам нешто, ја зедов боицата во уста и нацртав цвет. Тогаш сите се воодушевија кога го видоа мојот цртеж“, ја сподели приказната Роза. 

„ По девет години си отидов дома. Требаше да одам на училиште. Кога моите родители ме однесоа да ме запишат во училиштето, од управата им одговорија дека нема да можат да ме примат, затоа што немаше кој да ми помага. Требаше некој од ташната да ми ги вади тетратките и книгите, требаше некој да пишува место мене“, продолжи Роза. Во тие тешки моменти од битката за своето дете, нејзините родители се обратиле до Центарот за социјални грижи во Скопје. Од таму ги упатиле во Заводот за заштита и рехабилитација„ Бања Банско“ во Струмица. 

„Им рекоа на моите дека тука ќе можам да го завршам училиштето. Немавме избор, ме однесоа во Заводот во 1976 година. Тука го завршив школувањето, тука сум се уште“, продолжи Роза. Додека била дете, никој не знаел за нејзиниот талент за цртање со уста, освен нејзините блиски и учителите.

„ Кога дојде донаторката што го изградила домот, ги виде моите цртежи и се воодушеви. Брзо по средбата со неа, англиската фондација за помош на лица со тешки здравствени дијагнози „Сју Рајдер“ ми овозможи моите дела да бидат изложени на групна изложба во Ватикан, Рим. Но, и тогаш, на изложбата, никој не знаеше дека цртам со уста. Сите мислеа дека цртам со раце. Не сакав да кажам бидејќи многу ми беше срам, си мислев на тоа што ќе кажат другите, и дали ќе ме прифатат таква каква што сум“, ни рече Роза за својата прва голема изложба во Италија. Во тоа време, таа си мислела дека е единствена на оваа планета која црта на еден ваков, специфичен начин. 

На седум годишна возраст, рацете ми беа оперирани и не можев ништо да правам. А беше Денот на жената, осми март. Тогаш сите деца цртаа честитки за празникот, а јас не можев.- Роза во Охрид 

„ Во животот бев многу гневна. Се мразев самата себе си, бев повлечена, не сакав со никого да контактирам. Многу ми беше тешко што не бев како другите девојки, бев разочарана од животот. Во 1995 година, во Заводот дојде еден американец кој сакаше да пее духовна музика, а тоа беше токму пред Божиќ. Тој настапи со неколку духовни песни, а потоа не праша: дали некој сака да зборува за Господ? Јас го прашав: Ако Господ постои, зошто сум јас ваква, со телесен хендикеп? Тој ми одговори: Што ако сум јас ваков кога внатре сум уште полош од тебе?“, открива уметницата за моментот кога настанал голем пресврт во нејзиниот живот. Пред да си замине, гостинот од Америка ѝ подарил книга за животот на американската активистка Џони Ерексон, автор, радио-домаќин и основач на организацијата „Џони и пријателите“. Ерексон, исто како и Роза своите цртежи ги создава со устата. 

„Кога ја прочитав книгата, јас се најдов во таа книга. Џони на осумнаесет години била повредена од скок во вода, си го повредила рбетот и станала инвалид. Тогаш си реков, кога таа девојка била здрава, и потоа станала инвалид и не се срами од тоа дека црта со уста, а јас така сум родена, и се срамам да ме видат како цртам. Во таа девојка, видов дека е полна со надеж, дека е силен борец, дека му се радува на животот“, додаде Роза за својата инспирација која и го сменила погледот на светот. 

Нејзината дејност како поет почнала кога неколку жени од блиско струмичко село ја посетиле и ја прашале дали може да напише песна за Исус Христос. Претходно, на еден од домашните Тв канали одела специјална емисија за Роза, а жените кои ја посетиле од таму слушнале за неа. 

„ Јас им реков: Како можам да напишам песна кога не го познавам? Брзо по таа средба, почнав да ја читам Библијата и некоја литература за Господ. Почуствував дека Господ затоа ме создаде на ваков специфичен начин“, додава Роза. 

Во 1999 година, се одржала нејзината прва самостојна изложба и промоција на  првата книга, насловена „Во прегратките на Исус“. „ Од тогаш, имам направено безброј изложби во земјата и во странство и до сега имам објавено пет книги со поезија која е посветена на мојот спасител, Господ Исус Христос“, вели импресивната уметница и додава: „Со уста цртам, со уста ви го пишувам и ова на компјутер. Во устата држам молив или пенкало, а тастатурата е прилагодена специјално за мене и донирана од здружението „Отворете ги прозорците“. 

Во Охрид, по неа ќе одржат изложби и други уметници, Елизабета Петковска и Дедов. 

Милица Џаровска