Седи си онаму каде што те сакаат

Добивај вести на Viber

Мудриот човек учи низ животот каде припаѓа. Да се пикаме онаму каде што не ни е местото или некаде каде што не не’ сакаат резултира со фрустрација, отсуство на љубов кон себе и мачнина. Ова важи за се’ во животот, без исклучок. Да седите во пријателски однос во кој ќе добивате само критики или забелешки со кои другата страна ќе се велича себе преку тоа што ќе ве потценува или ќе прави да се чувствувате безвредно, е заморно и секако дека тој однос трае само некое време дур не ви се потсмачи и не кажете “аман, доста беше”. Да седите во љубовен однос во кој навидум е се’ ок, а кога ќе се загребе под површината всушност гледате дека е еднонасочен и не ви е убаво, е само губење време и себе. Да работите некаде каде што ќе ви се ставаат сопки или ќе бидете озборувани, деградирани и омаловажувани како работници и луѓе, ќе си навлечете само болести и нервози кои ќе ги носите со себе, дури и кога ќе бидете дома, на сигурно.

Да се знае границата од која секое ваше останување некаде е од страв, навика, желба да сте прифатени (а не сте) е вештина која можеби некои од нас ја учат бавно, но се учи. Упорноста е веројатно добра особина, но не по секоја цена. Не секоја цена вреди да се плати со здравје, физичко и ментално. Зошто секогаш настојуваме да бидеме прифатени и сакани особено онаму каде што чувствуваме дека не сме и нема ни да бидеме? Дали е тоа некој внатрешен револт и потреба да си докажеме сами на себе дека ако некој не’ запознае подобро ќе не’ засака или е само суета од која не сме спремни да се збогуваме?

Сум била и во пријателски и во љубовен, па и во работен однос во кој не сум била вреднувана. И тоа е ок, не мора секој секого да сака и почитува, нели? Она што ме мачело е зошто сум си го губела времето, кога сепак сум знаела дека нештата нема да се сменат и дека колку и да се трудам или настојувам, секогаш ќе застанувам на истата точка која се вика “не бива”. И не било до мене, ниту е до вас. Едноставно, ако не ве сакаат, не ве сакаат и точка. Можете да се превртите, да станете нешто што не сте, да бидете сенка од она која е вашата вистинска природа ама тоа нема ништо да смени. Реално, она што е најздраво да се направи е да се сопре и да се каже “ок, јас сум ова, земи или остави”. Ова секако потсеќа на најновите случувања во политичкиот живот, иако не ми е намерата да пишувам за нешто за што немам познавања, ниту поткованост, а уште помалку-решение. Затоа, ќе бидам (барем ќе се обидам) покреативна и ќе се задржам на други полиња каде што она што и’ се случи деновиве на Македонија, ни се случува редовно во сите други сегменти од животот.

Замислете дека го запознавате човекот на вашиот живот (како во бајка, една од оние кои сте ги читале како мали и која направила да си кажете “е, вака сакам”). Паметен, романтичен, успешен, вели дека ве сака ама...секогаш мора да има АМА. Ете, на тој навидум совршен човек за вас, не му се допаѓа како се викате, од само нему познати причини. Можеби таа пред вас која го напуштила и го повредила се викала исто како вас, можеби според неговите критериуми личите како некоја на која совршено би и’ стоело името Сања (сосем случајно одбрано) иако вие се викате Маја, Билјана или Ана. И тој ваш “совршен” партнер ви вели “знаеш, единствената пречка за ние да сме заедно е твоето име, мислам дека ќе сме најсреќни ако се прекрстиш во Сања”. И секако, после извесно време во кое вагате дали вреди или не таа жртва, вие си велите “па ок, Сања и не е така лошо име, ќе се навикнат сите после некое време”. Започнувате процедура за промена на името, водите битки со администрација, роднини, пријатели и познаници кои секако дека ви велат оти “волот нема право да бара такво нешто од вас”, ама па што е поважно од љубовта, нели? Па НЕ, не е така, ама одбирате да сте некоја која кога ќе ја повикаат со другото име кое дотичниот ви го одбрал, ви треба време да сфатите дека всушност вам ви се обраќаат. И кога веќе официјално станувате Сања и сте успеале да се убедите себе оти совршено ви се поклопуваат имињата со саканиот, наеднаш тоа не е крај на вашите маки. Лекција број еден (засега): кога правите компромис со некого, секогаш идентитетот е оној кој ве обележува како човек. Кога ќе се откажете од него, се откажувате од себе.

Никогаш нештата не застануваат на еден компромис (кој всушност не е компромис, туку ваше откажување од нешто свое), туку со првата издејствувана битка се отвораат вратите за уште поголеми и незаситни апетити. Следното можеби ќе е начинот на кој ја држите вилушката додека јадете, како се облекувате, како гестикулирате, што мислите, како се изразувате....нема крај. Поточно, крај секогаш има, а во случајов има две сценарија во вашиот љубовен живот (оти нели зборуваме за љубов, а не за политика). Или ќе станете глина која ќе добие облик на нешто што никогаш нема да е ниту сенка на она што сте биле, или ќе ви преседне па ќе го отерате принцот на бел коњ во мајчината, сочно и со добро одбрани зборови во кои ќе нема задршка во поганлакот. Мене ако ме прашате, јас би играла на второто, секогаш. Да бидам трофеј на нечија болна суета која ќе заблеска секој пат кога некому ќе му се присака да види колкава му е моќта врз мене ми е одраз на мојата лична неспособност да сум достојна за почит, пред се’, сама пред себе.

Секогаш и без исклучок да седите онаму каде што сте сакани и вреднувани токму такви какви што сте. Секако дека во секој однос ќе се брусите, ќе коригирате одредени особини, но без да се загубите себе. Можам да го зауздам мојот инает или самобендисаноста, но не можам да се помирам со тоа некому да му пречи моето пишување или став за некоја работа. Можам да бидам попустлива за тоа дали вечерва ќе излеземе или ќе седиме дома, да направам компромис дека кога има фудбал мојата желба за мазење ќе попричека, можам да се помирам дека ќе гледаме документарец наместо филм кој ќе ме остави разлигавена од емоции. Она што не можам, а и не сакам да го правам е да бидам играчка во нечии раце. Не можам и не сакам да се помирам моите чувства и мисли да бидат окарактеризирани како помалку вредни, неважни или напорни. Нема по ниту една цена да се помирам или да прифатам дека треба да станам некоја друга за да се допаднам некому.

На крајот, има една голема вистина во тоа дека ако сами себе не се почитуваме, не оставаме простор и другите да не’ почитуваат.

Ако сами себе не се љубиме, што оставаме на другиот да љуби во нас?

Има работи за кои се кажува НЕ...во пријателство, на работа, во љубов, па и во политика. Да се стои зад кажаното НЕ е веќе прашање на истрајност кон сопствената одлука која секогаш има и плус и минус. Некогаш минусот знае да биде најголемиот плус кој не’ челичи и после кој стануваме само поголеми, пред се’ во сопствените очи.

Да сте ми живи и здрави!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Велат дека од арен до будала

Многу малку има

Толку малку што линијата е како конец

Кој лесно можи да се скини

Исто ко онаа која е меѓу тивко езеро и небо

Та не знаеш дали небото во водата се огледува

Или водата небо станала

Ете така велат старите

Дека арен чоек лесно будала станува

И дека можиш мајтап со него да играш

На душата да му газиш

На наивноста да му плукниш

И грбот да го завртиш

Без појќе на него да помислиш

Од арен до будала малку имало

Толку малку што било скоро исто

А мене

Мене некако тажно ми иди

Оти јас знам

Ете и по себе си знам

Оти арниот чоек знај кога станува будала

И кога конецот сам го кини

Оти поинаку не умеј

Оти проколнат е да верува

И убото во луѓето да го бара

Ете

Арните луѓе сами знаат будали да се сторат

И да те гледаат со очи полни верба

Дека ќе знаеш да ги зачуваш

И од бол да ги сочуваш

Дека ќе знаеш оти арното во нив

Е како градина полна цвеќе

Во која не се влегува за да газиш по неа

Ниту е одаја чиста

Во која со чевли полни кал ќе изгазиш

Оти душата нивна не знај на кантар да клава

Ниту за ситни парички да се продава

Оти арните луѓе љубат без да мислат

Како кожичката да си ја сочуваат

И срцето да не си го распукаат

Ете тие

Тие арните

Тие кога будали стануваат

Никого не окривуваат

Туку ко кутриња после во дувло се кријат

И сами раните си ги лижат

И ноќи неспани минуваат

А во ноќите јадови ко богата вечера вкусуваат

И горчливи солзи голтаат

Ко некој скапо вино што пие

Тенка е линијата

Многу тенка е таа линија

Која од арниот чоек будала прави

И не оти учат пустите

Не научуваат нелуѓе да бидат

Оти на сета будалаштина

Која во себе ја носат

Душата разресена им е

Ама чиста останува

Како детска солза пролеана

Како млеко од млада мајка

Како вода изворска

И повторно арно-будали ќе бидат

Оти такви се

Оти такви сте

Оти таква сум