Сеќавање на Тоше: Сé што гледаш околу мене е фарса
По сите победи и порази, по сите дофатени висини на светот, ги пакуваше куферите и иташе кон Крушево.
„Убаво е чувството кога по безбројните обврски, ќе отидам дома во мојот рај. Тоа е најисторискиот град во Македонија, кој сé уште ги задржал духот и културата. Не можеш да останеш имун на гостопримливооста на крушевчани! Зошто не дојдете да се дружиме, ќе ми бидете гости.“ Неговата искрена емоција ненадејно ќе се испреплетеше со носталгијата за родниот крај во нашиот разговор.
„Што правиш најчесто?“, ќе го насочев разговорот.
„Се одмарам, шетам по кафулињата, слушам или создавам музика, се возам со автомобил. Ама најубаво ми е кога сум во друштво на моите внуци Кристијан и Никола.“
Кога го прашував како е Кристијан, во неговите очи се појавуваше посебен сјај. Неговиот внук и мојот син Филип се врсници. Тие двајцата беа нашата неисцрпна тема на разговор. Јас зборував со жарот на мајка за синот единец. Но, со истата жар и тој ги покажуваше чувствата додека зборуваше за внукот единец. Шест години подоцна се роди и вториот внук, Никола.
„Многу сакам да разговарам со Кристијан, кој сериозно чекори по својот пат. Тој е веќе доволно возрасен да разговараме за сé. Тој е мојот најдобар другар. Како што расте, сé поинтересен станува и Никола. Тие двајца ми даваат чудесна енергија.“
„Ќе тргне ли Кристијан по твојот пат?“
„Полека го подготвувам, секогаш е покрај мене кога сум во моето студио. Многу е музикален, вујче за него е подготвен сé да направи. Имам многу свои песни. Нека порасне уште малку, па сам нека си одбере некоја од нив.“
И кога беше во Крушево, кај најсаканите, посакуваше да биде сам.
Како каменот на највисокиот врв. За убав сон се поздравуваше со Месечината и со ѕвездите. По преспиената ноќ чекаше да го здогледа Сонцето за да го помилува со своите зраци. Ќе легнеше на местото каде што денес е изграден крстот, на Вршник, на 1.650 метри надморска височина, највисоко на Балканот. Гледаше во ѕвездите. Во мислите му навираа спомените. Како дете ја прашуваше мајка си: „Мамо, зошто ѕвездите не паѓаат?! Можам ли да симнам една од нив?“.
„Со секое раѓање на нов живот, на небото се раѓа по една нова ѕвезда. Ајде да ја побараме твојата!“, ќе му одговореше Домника на својот љубопитен син. Сите во него гледаа ѕвезда симната од небото. А, тој ја бараше својата таму некаде горе. Купи и телескоп, читаше безброј списанија за вселената. Го откри и тоа што го немаше во нив.
Ѕвездата на небото никогаш не може да й ја подаде раката на таа што е до неа. Толку е сама. Исто како него. Беше ѕвезда на Земјата, опкружен со многу луѓе, но кога му беше најтешко, раката можеше да им ја подаде само на најблиските. Затоа често велеше: „Одам во Крушево!“.
Кога поради снимањата и настапите подолго ќе беше отсутен од земјава, ќе се јавеше и ќе ме прашаше: „Кое е она девојче? Пее и изгледа убаво“. Не ги штедеше комплиментите ниту за момчињата што ги правеа првите чекори на сцената. Внимателно ме слушаше кога му раскажував за новините во македонската музика. Не му кажував само дека никој ништо не ме прашува за него. Ниту за неговите успеси.
По начинот на живеење, пристапот кон кариерата, размислувањата, по срдечноста и наивноста во комуникацијата со луѓето, многу повеќе наликуваше на момче од соседството. Тешко беше да дојдеш до него, но кога ќе успееш да бидеш во негово друштво, беше сосема поинаку. Имаш чувство дека со часови можеш да зборуваш со него без да ти каже доста е. Негова доблест беше што на луѓето никогаш не им велеше дека го заморуваат или дека му го трошат времето. Дури и ги креваше во височина сите нивни позитивни особини. Иако му беше доволно јасно кој колку вреди и зошто посакува да се дружи со него. Во почетокот примаше сугестии, паѓаше под нечие влијание. Со годините почна да прави своја процена. Со некои од нив по прватa средба повеќе не се сретна. Само мал дел му останаа пријатели, со кои не се гледаше често, но им се навраќаше. Пред нив никогаш не беше ѕвезда.
Најмногу го разочаруваше лицемерството. Во една пригодарече :„Сé што гледаш околу менее фарса.. Само неколкумина од другарите ме сакаат и почитуваат. И знам дека на нив можам да сметам во секое време и за што било”.
Извадок од книгата „ Ова не е крај„ на авторката Соња Алексоска Неделковска