Секогаш сакам да ги кршам правилата во модата: За стилот со Ксенија Деспотоска
„Секогаш се
водам по тоа дека парите не купуваат стил, па така не мислам дека брендираната
облека или етикетата е пресудна за истиот. Особено кај нас кога понекогаш и не
може да се дозволи таа етикета, па мора да се експериментира со тоа што го
имаме и ни е достапно“, вели една од најпознатите инфленсерки кај нас Ксенија
Деспотоска, која годинава се закити со наградата моден инфленсер за 2022
година.
Таа има над 31.000 следбеници со кои редовно споделува модни комбинации, како се шминка, но и промените кои ги прави со косата.
Според Ксенија за добар стил е пресудно да имате храброст, смелост и фантазија. А во редовите подолу прочитајте на што уште внимава кога е облеката во прашање:
* Дефиниција за стил?
- Има една реченица која стои во описот на мојот профил, па ќе ја искористам како одговор на ова прашање: „Style is the way to say who you are without having to speak!“ (Стилот е начин на изразиме кои сме ние, без да зборуваме за тоа).
* А, Вие стилски се дефинирате како...
- Уникатна, нешто помеѓу трендовска и безвременска класика.
* Што е пресудно за добар стил?
- Да имате смелост, храброст и фантазија.
* Комбинирате елегантно со спортско или сте камелеон во облекувањето?
- Мојата работа налага да ги следам трендовите и да ги пласирам на мојата публика, но никогаш слепо не ги следам, сакам да комбирам сѐ со сѐ, но на крај тоа секогаш да биде елегантно. Тоа е некој мој печат.
* Минимализам, хедонизам, авангарда?
- Авангарда, секогаш сакам да ги кршам правилата во модата. Сакам да експериментирам и да сум иновативна, гледам секогаш да се издвојувам по нешто од останатие.
* Гламур или класика?
- Гламур и класика, во зависност од моментот. Но гламурот отсекогаш ми ја отсликувал жената. Па доколку би требало да изберам едно, тоа би било дефинитивно гламурот.
* Омилени нешта од вашата облека?
- Обожавам убави штикли, добро палто и чанта.
* Дали практикувате брендирана облека или не ви е пресудна етикетата?
- Секогаш се водам по тоа дека парите не купуваат стил, па така не мислам дека етикетата е пресудна за истиот. Особено кај нас кога понекогаш и не може да се дозволи таа етикета, па мора да се експериментира со тоа што го имаме и ни е достапно.
* Што сакате да постигнете со вашиот стил?
- Дека женственоста не се истакнува преку голотија.
* Дали ако сте автентична, тоа значи и осудување од нашава средина?
- Па секогаш ќе има некој на кого не му се допаѓа твојата автентичност, но кога стилот и нашата личност се изградени и знаеме да го изнесеме тоа, осудите преминуваат во воодушевувања.
* На кој дизајнер би му дозволиле да ви го преуреди гардероберот?
- Искрено немам одговор на ова прашање, немам некој кој баш би го издвоила, но има доста од кои се инспирирам и крадам идеи.
* Што облекувате денски, а што навечер?
- Преку ден секогаш гледам да сум удобно облечена, освен во ситуации кога имам некој наплив на креативност, па експериментирам. Додека на вечер во зависност од пригодата, гледам секогаш тоа да биде елегантно.
* Дали експериметирате со косата и шминката?
- Да тоа ми е омилен дел. Обожавам да правам експерименти со косата и шминката. Еден мој совет, кога имате обична комбинација и не ви е нешто баш... Само направете нешто поразлично со косата и шминката и одвлечете го вниманието од комбинацијата.
* Ваши трикови за брз, но ефектен изглед.
- Мојот трик за брз и ефектен изглед секогаш е монохроматска комбинација. Целосно црна или целосно бела комбинација е нешто што никогаш нема да погрешите. Ќе изгледате елегантно и како многу да сте се потрудиле. Особено кога на тоа ќе додадете накит и очила за сонце во иста боја.
Н. Миланова
Фото: Приватна архива