Секогаш сам избирам од каде ќе работам, во Бали се чувствував како дома: Никола Атанасов за професијата „дигитален номад“
Работа од дома, на плажа или во кафуле на Бали? Фантазија која поради развојот на технологијата полека, но сигурно станува реалност на многу хонорарци. Што значи терминот „дигитален номад“, која е позадината на работењето под егзотични палми и кои земји се популарна дестинација за луѓето чија канцеларија е планетата Земја?
Кој почнал да го чита овој текст, сигурно барем еднаш во животот помислил и посакал да има работа во која нема пристигнување во 8 или 9 часот наутро, а дома повеќе од осум часа подоцна, по секојдневниот сообраќаен колапс. Факт е дека многумина посакуваат стабилна работа и сигурност, но сигурно сите понекогаш фантазираме да го смениме работното место или едноставно да ја напуштиме работата и да избегаме во потоплите краеви. Денес, за разлика од ваквите фантазии пред две децении, ова сценарио не е толку невозможно. Ако ви треба лаптоп и Wi-Fi за да ја завршите вашата работа и имате доволно храброст и волја за авантура, можете да станете хонорарец. Потоа вклучувате и патувања во далечни, па дури и егзотични земји, немате претпоставени кои одлучуваат за дневни проекти, во пижами кои можат да ви бидат секојдневен костум и плажа или кафуле како место за работа. Иако на почетокот сето горенаведено изгледа невозможно (а некои би рекле несериозно), ваквиот начин на работа наречен „дигитален номадизам“ со години е тренд во странство. И додека веројатно прво го поврзувате овој тип на работа со фотографија на социјалните мрежи со додадена #enjoyinglife и мислите дека некои богати деца всушност не прават ништо, реалноста е всушност нешто поинаква.
Дигиталните номади се деловни луѓе кои користат технологија за да заработат за живот. Се разбира, мора да користите и компјутер и мобилен телефон за да ја завршите вашата работа, но дигиталните номади користат и друга придобивка од технологијата - мобилноста. Така, тие избираат егзотични локации за живеење, со висококвалитетен интернет пристап и ниски трошоци за живот, а своето класично работно време го надополнуваат со стекнување на нови искуства во често сосема различни култури, луѓе и храна.
Кога сѐ е собрано на едно место, воопшто не е чудно што сѐ повеќе луѓе ги привлекува овој бизнис, поточно, начин на живот. Еден од нив е Никола Атанасов, дигитален номад роден во Скопје, кој ни објасни повеќе околу дигиталното номадство
Никола има 34 години. Студирал во Италија и таму живеел 5 години. Веќе 8 години работи како фриленсер, патува и работи. Сака екстремни спортови, добра храна и убави плажи, а од него се едуцираме повеќе околу професијата која станува тренд во светот.
*Никола, ти си така наречен дигитален номад? Може ли на нашата читателска публика да ѝ го објасниш овој поим, што точно работат дигиталните номади?
-Дигитални номади се индивидуални професионалци кои со помош на новите технологии можат слободно да се движат и да работат на различни места затоа што доволно е да имаат компјутер и интернет. Користејќи ги дигиталните вештини, дигиталните номади ја уживаат можноста за живеење во нова средина и култура.
*Како функционираат дигиталните номади, кои вештини мора да ги поседуваат, за да речеме се прилагодат на нова средина?
-Дигиталните номади имаат мноштво од вештини меѓу кои би одвоил некои од најбитните: комуникација, организација, самомотивација, флексибилност, смиреност и можеби најбитно - постојан развој во професијата за да се биде конкурентен на пазарот на труд. Овој пазар на труд е доста флуктуирачки и голем во споредба со традиционалните пазари на труд.
*Дали како фриленсер, сам ја осмислуваш средината каде ќе работиш, или сепак тоа компанијата за која работиш го прави?
-Да, секогаш сам ја осмислувам средината каде ќе работам и тоа беше една од причините поради која се одлучив на овој чекор.
*Колку Македонија умее да привлече фриленсери, странци? Колку има потенцијал за дигитални номади кај нас?
-Не гледам дека има некаква опција за дигитални номади кај нас. Пред пандемијата имаше неколку co-working места/канцеларии, но се затворија. После тоа не сум слушнал никаква инцијатива.
*Некогаш живеењето дома може да биде поскапо отколку живеење во нова држава-колку ова може да се каже дека е точно?
-Ова е многу точно, посeбно ако номадот се наоѓа во Југоисточна Азија или во Латинска Америка. Најголем трошок е авионскиот лет, но потоа сè останато е поевтино и најчесто нема трошоци за греење.
*Од што сѐ може да се заработи како дигитален номад?
-Најчесто
номадите работат во областа на маркетингот и со креативни вештини како,
дизајнери, инфлуенсери, блогери и контент креатори, но исто така и во
потехничките области како програмирање, архитектура, продукт и акаунт менаџери
итн.
*Што е потребно за да се успее како дигитален номад: дисциплина, посветеност, или што според тебе?
-Според мене, потребна е истрајност, посебно на почетокот, затоа што овој свет е доста компетитивен и без претходно искуство и рецензии на платформите, мора да се вложи доста енергија и време за да се успее. Дисциплината е посебно комплицирана да се задржи затоа што работите од дома и немате никаков надзор.
*Кои се предизвиците со кои си се соочил досега како дигитален номад?
-Предизвици има многу, некогаш тоа може да биде непостојаноста на проектите, пандемијата исто така лошо влијаеше на пазарот, осцилирачките валутни трендови долар/евро и уште многу други.
*Многумина велат дека парите се првиот проблем со кој се соочуваат дигиталните номади. Колку според тебе има вистина во ова?
-Со оглед на тоа дека најчесто се работи за странски пазар и тоа за фирми од развиените западни држави не би рекол дека парите се воопшто проблем за дигиталните номади.
*Работата ти овозможува да посетиш многу земји. Од каде досега имаш работено?
-Буквално од секоја земја која што сум ја посетил, скоро цел Европски континент, Југоисточна Азија, Блискиот исток и Јужна Америка.
*Која земја ти оставила најголем впечаток и зошто токму таа ја издвојуваш?
-Најголем впечаток ми остави Малезија.
Толку добро организирана држава, може слободно да кажеме дека е прв свет. Со
одлични макроекономски параметри како просечна плата скоро 3 пати повисока
отколку кај нас, значи на ниво помеѓу Грција и Италија но со цени, за
најосновните продукти и услуги, дури поевтини отколку кај нас.
*Каде најмногу се чувствуваше
како да работиш од дома?
-Дефинитивно Бали. Најразновидни, но и комплетни услуги за сѐ што му е потребно на еден дигитален номад, од техничка поддршка до рекреација и адреналин.
*Кое место ти остави лошо искуство и зошто?
-Главниот град на Филипини, Манила. Иако Југоисточна Азија е позната по тоа што е мирна и безбедна, главниот град на Филипини има голем проблем со гетата и социјалната интеграција на тие луѓе во општеството.
*Кога би требало да избереш каде
би живеел засекогаш, каде би било тоа, а да не е Македонија?
-Нема таква држава каде би останал да живеам засекогаш.
*Кој е најдобриот совет кој би им го дал на оние кои би сакале да бидат како тебе, односно да се занимаваат со дигитално номадство?
-Совет од мене, никогаш да не се откажуваат. Упорноста и истрајноста секогаш на крај се исплатат.
ФОТО: Приватна архива
Ирена Ставрова