Секогаш се радувам на прегратки: Утринско кафе со Емилија Андоновска-Пападимитров

Денот секако ми почнува со кафе, кое кое го пијам само еднаш во денот, наутро, но голема количина. Во работните денови тоа е со колегите на работа и ми претставува вистинско уживање. За викенд, кога е топло, во дворот имам друштво од разни пиленца, славејчиња, врапчиња.. кои едвај чекаат да пуштам музика за да го интензивираат цвркотот и да му се радуваат на денот заедно со мене. 

Работните обврски и планови секогаш се приоритет. Во последно време, освен редовните настани, акцент ставам на организирање изложби во галерискиот простор каде што работам во Порта Македонија. Следат неколку меѓународни и домашни изложби кои ќе бидат вистинско уживање за јавноста. Се разбира тука се и обврските дома. Задолжително готвам ручек. Секој ден.

Оние кои ме познаваат знаат дека јас секогаш се радувам на мали нешта, прегратки, убави зборови, средби со пријателите, разговори, смеење.. Среќна сум кога ќе ги погледнам моите деца како растат во вистински личности, личности кои ги почитуваат правите вредности во животот, секогаш праведни и подготвени да им помогнат на другите, без отстапки.

Најчесто денот ми завршува дома, со семејството, но не ретко и со пријателите. Сакаме да се собереме и да си раскажуваме сѐ и сешто со добра музика,  добро вино и многу смеа. Најмалку два пати во неделата. Тоа не одржува расположени и млади во духот.

Во последно време поради обврските помалку читам, бидејќи јас кога ќе почнам книга МОРАМ одма цела да ја прочитам, а немам толку време, така што читам кога сум на одмор. Филмови гледам редовно, се обидувам да не ги заспијам (се смее). Последниот беше „Медена земја“ завчера. Ми недостасуваат повеќе патувања.

* Емилија Андоновска-Пападимитров, раководител на Порта Македонија