Секој со својата мака

Добивај вести на Viber

“Секоја планина, своја тежина” е изрека која се повторува многу често, а во која искрено верувам. Научени сме да си ја глорифицираме својата мака, да го издигнеме на пиедестал нашиот проблем и сето тоа го правиме со толкава умешност, што навистина, кога ќе погледнеме околу нас, сè ни се чини решливо во 2 потези. Вистината е малку поинаква, односно, колку и да сме во центарот на нашите сопствени проблеми, никогаш не треба да му дадеме помала тежина на проблемот на оној карши нас. Впрочем, сите сме создадени од различен материјал и различно им приоѓаме на проблемите, различно ги доживуваме и решаваме. Кога ми е светот свртен наопаку, ми се чини оти нема човек со поголем јад од мојот, иако сè станува релативно, од проблем до проблем.

Минатата недела бев избезумена кога ќерка ми на првото станување беше цела пребледена, со стомачни болки и нагон за повраќање. Во ова невреме, прво на што сите помислуваме е корона. Ми се испозавртеа милион слики во главата, која од која понеубава и стресна. Првиот тест, негативна на ковид. Наместо да ми олесни, одма си реков “ех, колкумина вака со прв негативен”. Тоа е она дека мајка што може да помисли, не дај боже да се случи. Трчаница за крвна слика, ЦРП, уште еден тест и седење на шајки. Мерење температура, чекај сега, дали се подзакашла од шлајм, вода, чај, сок. Мојот ангел чувар, кој се грижи за здравјето на ќерка ми од нејзината ненавршена 1 година, ме смируваше дека ништо од сето ова како симптом не асоцира на корона, туку на обичен стомачен вирус. Вториот тест, негативен. Температура блага, која сама од себе си помина, без парацетамол. Мајки и шајки дека во ек на сите можни вируси училиштата си работат ко ништо да не е, додека кога имаше услови за настава надвор или со отворени прозорци, децата ни скапаа дома. Изнапцув сè живо и диво, а оние кои добро ме познаваат, знаат дека можам да бидам прилично гнасна во тоа. Нејсе, како дојде сиот неочекуван стрес, така и помина после само ден и половина. Детето ко ново, јас со уште снопче бели влакна на главава (па нели така растеа децата, тие со настинки и вируси, а белите влакна кај родителите се бонус).

Во тој момент, додека ја гледав побледена и со црни подочњаци како е избезумена од страв оти мрази кога повраќа, ми се чинеше дека не постои на светов нешто пострашно. Во тој момент, сите  мои дрнданици и нервози, ги снема како со рака однесени. Чувството на немоќ и страв во принцип сите нè блокира во умовите. Нешто се случува, а ем немаме контрола врз тоа, ем немаме решение. Веројатно, тогаш да ме гледаше некој отстрана ќе си речеше оти сум будала што се потресувам толку, оти дете ко дете ќе се разболува и со постоење на коронава и без неа.

И мене ми се случува кога слушам или гледам туѓи проблеми да размислувам со мирна глава и да најдам барем 2 решенија кои би ги применила во моментот. Ама тоа е така сè до мигот кога мене ќе ми се јави некоја мака. Е, тогаш ама баш ништо паметно не ми текнува. Лесно е да се биде набљудувач и да се даваат совети, оди и биди толку умешен кога си насреде сопствените гом*еници. Башка, не секој има капацитет да се справува на ист начин со маките, како некој друг. За некои она што е лесно, за други е тешко ко црна земја и обратно. Баба ми, уште кога не беше модерно да се користи таа изрека, кажуваше “обуј му ги челите на чоекот, па после зборвај”. А туѓи “чели” не се за обување, оти ниту еден од нас не може да влезе во душата на другиот. Ама дали е секогаш вака? Дали ова со челите важи баш за секоја ситуација?

Пред некој ми пролета вест дека по седми пат Кели Озборн (ќерката на оној Ози, контроверзен и тој и жена му) ќе се лечела на клиника за одвикнување од зависности. Седми пат! Баш прогуглав (да де, си немав попаметна работа) и видов дека женава има 38 години, па се замислив од кога ли си има мака со зависности, за до оваа возраст да оди дури 7 пати на одвикнување. Па тоа поддршка од фановите, па ред солзи, ред мрсули дека ете, повторно потклекнала. Не ме сфаќајте погрешно, зависностите се страшна работа и невидена борба која бара многу голема поддршка, волја, храброст и истрајност, не само од оној кој директно се соочува со тоа, туку и од целото цемејство. Дека не само што е тежок патот, туку тешко е и после да не се скршне повторно. Ама 7 пати? И сега ќе речете дека сум контрадикторна со ова што го зборував погоре и во право ќе бидете. Не сум во “челите” на дотичната Кели, ама пусто и дотичната не е во челите на било кој од нас. Па си велам, колку капацитетот на издржување на нештата се тесно поврзани и со тоа кој каде и како е растен.

Кели има можност и привилегија да потклекне по којзнае кој пат (и да не ѝ е дури ни последен), оти голема пресија ѝ е популарното семејство и славата, додека овде кај нас немаме средства да си дозволиме потклекнување дури и еднаш. Потоа помислив на децата на сите оние кои редовно ги читаме по портали и ги гледаме на вести, па си реков дека или сме една многу издржлива нација, или сме навистина сиромашен народ за да не си дозволуваме забегувања. Па си помислив на тоа колку некогаш на секој од нас му доаѓа преку глава од сè и колку би било убаво да можеме одвреме навреме да си заминеме (не на клиника за одвикнување од зависности) на некое место кое што ќе е хотел, ама со спа, масажи, медитации и да не се грижиме за тоа дека ќе треба да нè чини еден бубрег.

И згора на сè, што би правела Кели или таквите ко неа доколку би живееле тука? И овде ќе повлечам една друга паралела која наместо Кели-ние, би била ние-оние кои се помалку среќни од нас. Дали ако веќе влегуваме во нечии кондури (а тоа да се кондурите на луѓето кои имаат минимум услови за живот), нашите маки би ни изгледале огромни? Ситуацијата во која бев избезумена за ќерка ми, да ја пресликав доколку немав ангел чувар (врвна докторка), доколку немав средства за скапите витамини со кои ја клукам, да немав да овозможам прегледи и тестови, свежо цедени сокови и грижа каква што секој од нас ја посакува за својата рожба...што ли ќе покажеше? Само тоа дека секој од нас е некому Кели и секој од нас е спротивно од неа (да ми прости што ја спомнав 100 пати).

Маката кој секој ја има не е нешто за величање, ниту за потценување. Не е калап сирење, па да измериме на кантар чија е потешка или поголема. Не е залак, па да кажеме оти овој полесно се проголтува, а другиот ќе се заглави в грло. Не се мери со метро, ниту со шолјата во која ставаме брашно оти рецептот е таков.

Колку и да сме со тежина, секогаш има и поарно и полошо. За амбициите да се фокусираме дека има и поарно, па да грабиме напред...а за она што го сметаме за лична трагедија, само да имаме на ум дека секогаш има и полоши судбини.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Се одродија душите човечки

Та се сокривме зад букви

Кои наши најмалку се

Украдени мисли од писатели

Чии книги не сме ги читале

Зад музика од некој за кој сме чуле

Ама никојпат не сме го слушале

Глумиме нешто што не сме

Како искусни актери

Во петпарачки филмови

И само огледалото не’ сепнува

Дека слабости и грешкиимаме

Та и нив со чаршафи ги покривме

За со себе да не муабетиме

Се одродија срцата

И не ја бараат топлината

На отчукувањето на оној карши нас

Катанци сме им ставиле

И клучевите во кутивчиња сме ги спастриле

А нив ко сеништа

Под кревети сме ги сокриле

Чоек со чоек се одроди

Затскриени зад лажни насмевки

И сомилост која милост не е

Толку совршено и извежбано

Што и сами во неа не веруваме

Тажни времиња се оние

Во кои љубовта за потсмев е

И во кои лагата доблест станала

Та ниту среќата не ја распознаваме

Оти таа бега од оние

Чиј живот станал пародија

И кои ја вагаат убоста

За евтино да ја продадат

Велат дека чоек старее

Кога тага по дамнешнината го фаќа

Та си велам оти староста затоа боли

Оти знаеш дека заминало нешто

Во кое уште веруваш

И душата ти го бара

За никогаш да не се врати

Дури ниту во спомените

Во кои чоек со чоек близок бил

И очи во очи си пулел

За себе да се види

За него да го види

За чоештината да не се заборави

Во ова време во кое

Секој со секого се одроди