Секоја трета жена во Македонија е жртва на семејно насилство: Психотерапевтот Влада Илиќ откри зошто паровите остануваат заедно иако се несреќни

Како во светот така и кај нас, има голем процент на луѓе кои остануваат во бракови каде што се несреќни, а најчесто причините се финансиите, децата или стравот да останат сами.

Семејниот психотерапевт Влада Илиќ, гостувајќи во емисијата „150 минути“ на српска Прва телевизија, детално објасни зошто луѓето остануваат во бракови, дури и кога се несреќни во нив.

„Таквите луѓе генерално прават „лоши компромиси“ затоа што очекуваат дека придобивките во бракот можат да ги подмират и надоместат. Пред се, во позадина на сето ова лежи несигурноста во љубовта“, објасни психотерапевтот Илиќ и додаде дека корените на ова датираат од основното семејство – каде немало доволно љубов и не можеле да ја почувствуваат од родителите, па затоа сакале и мислеле дека ќе ја добијат во брак.

„Всушност наидуваме на вистински партнери кои всушност се слика и огледало на нас самите и колку и да е тој некој погрешен, тој е всушност најдобриот за вас во тој момент“, објасни семејниот психотерапевт и додаде дека партнерот може да ни помогне да „пораснеме“ и да се надминеме себеси.

Но, дали тоа значи дека кога ќе сфатиме дека партнерот ни е погрешен, треба да ставиме крај на таквата врска?

На тоа прашање, психотерапевтот Илиќ одговори дека во еден момент и таквата врска може да напредува, но доколку не напредува и стане токсична, тогаш е време да се прекине, бидејќи ваквата врска може да ескалира до насилство. 

Во Македонија, од почетокот на годината до октомври, од МВР евидентирани се 809 кривични дела од областа на семејното насилство. Кривично се пријавени 836 лица, а од жртвите 669 се жени.

Во Македонија секоја трета жена е жртва на семејно насилство. По Ковид-19, ситуацијата е многу позагрижувачка. Од вкупно 26 убиства на жени, извршени во периодот од 2017 до 2020 година, 22 се квалификувани како фемициди, сторители биле сегашни или поранешни партнери или други членови на семејството на жртвата. 

Затоа е важно навреме да се препознае психичкото насилство кое подоцна може да прерасне во физичко насилство. А ако не помагаат ниту разговорот со партнерот, договорот и комуникацијата, време е да ставите крај на вашата врска.