Семејството ми е најголема мотивација: Утринско кафе со Ефтим Гаштов

Денот вообичаено ми започнува околу 7:30. Првите дваесетина минути се вистинска брканица по дома, а потоа и на пат кон училиштето на мојата ќерка. Откако ќе завршам со оваа обврска доаѓа на ред утринското кафе, во зависност од смената на мојата сопруга. Понекогаш го пијам сам, а понекогаш во нејзино друштво.

Земајки во предвид дека се ближи јубилејниот Саем за венчавки, плановите и обврските делумно ги планирам, а делумно се појавуваат сами во текот на денот. И годинава „Wedding Expo“ ќе се одржи во хотелот „Александар палас“ од 21 до 23 февруари. За отворањето подготвивме специјална програма, модна ревија на венчаници и машки костуми, специјален перформанс со музичка програма, ревија на накит и свечен коктел. Како модели и оваа година ќе имаме можност да ги видиме нашите познати естрадни дами и господа. Ревијата ќе се одржи во саемските сали (1700 м2 сите три хали) на хотелот, каде излагачите ќе претстават модели од своите нови колекции. Водителката Јелена Спенџарска е домаќин на 10-от „Wedding Expo“.

За се' што правам во животот, ме мотивира семејството. Меѓу себе сме си поддршка, и во добро и во лошо.  Со мали исклучоци вечерта ја поминувам заедно со семејството во домот.

За жал, не останува време за слободни активности. Морам да признаам дека порано повеќе сакав да читам, но во последно време сум повеќе по филмот и неколкуте омилени серии (Игра на тронови, Реј Донован, Пики Блајндерс, Младиот Папа и секако Преспав).

* Ефтим Гаштов, организатор на „Wedding Expo“ и на „Beauty Expo“