Северина е уапсена во Загреб: Сестра ѝ ја пријавила за физичко насилство, извор близок до пејачката има друга приказна
Северина е уапсена...
Полицијата во Загреб ја уапси пејачката Северина Вучковиќ денес околу пладне, дознава „Јутарњи лист“.
Наведуваат дека до апсењето дошло откако добиле барање од колегите од Сплит за да ја приведат, заради кривична истрага.
Јутарњи пишува дека поводот за тоа била „непримерната препирка“ од вторникот во домот на мајката на Северина во Сплит. Според пријавата, напишана од сестрата Маријана, пејачката наводно се свртела кон неа пред очите на нивната мајка. Тоа се случило околу еден часот по полноќ, а Маријана наводно пријавила во полиција дека имале и физичка пресметка, односно дека се „тепале и ударале шлаканици“.
Очигледно Северина по конфликтот си заминала, а нејзината сестра поради полесни повреди заминала во болница, а потоа во полиција. Како што кажува, се здобила со низа модринки по главата и грбот, а лекарите забележале исекотини на телото. Врз основа на таа пријава сплитската полиција распишала потрага по Северина, врз основа на која пејачката била уапсена 12 часа подоцна на аеродромот во Загреб.
Северина попладнево била во седиштето на криминалистичката полиција во Хајнзелова, а во полициската станица со неа била и нејзината адвокатка Јасминка Билош, која за „Јутарњи“ потврдила дека била со Северина во зградата на полицијата.
Извор близок до пејачката, пак, тврди дека сестрата на Северина, Маријана лажно ја пријавила Северина за нанесување физички повреди. Северина престојувала во тој стан во Сплит, каде што живее нејзината мајка со нејзината тетка, а наеднаш дошла Маријана и, според изворот, ја нападнала пејачката и ја повредила. Северина си заминала, а Маријана почнала да удира по вратите на станарите, да плаче и да се фрла по скалите за да се повреди.
Адвокатот Мате Матиќ за „Јутарњи“ го потврди апсењето, велејќи само дека Северина во меѓувреме е пуштена на слобода и дека постапката ќе се одвива на вообичаен начин, бидејќи „нема потреба од сето ова шоу кое повлекува други работи како претреси по куќи како да е вмешан најголемиот криминалец“.