СЕВЕРИНА ЈА ОТПЕА „ИГРИ БЕЗ ГРАНИЦИ“ ЗА ТОШЕ

Добивај вести на Viber

Северина е вистинска кралица на шоу-бизнисот. Хрватската поп-ѕвезда тоа го докажа уште еднаш, сношти на концертот во Охрид, на стадионот „Билјанини извори“. 

Но, дури и да е сама на сцената, и да го нема бендот и фантастичниот придружен вокал Аленка, Северина е шоу самата по себе

Овој нејзин настап не беше шоу со театарско сценарио, многу танчари и пресоблекување по неколку пати, како оние од претходната турнеја, „Добродошао у клуб“. Но, дури и да е сама на сцената, и да го нема бендот и фантастичниот придружен вокал Аленка, Северина е шоу самата по себе. Секоја можна песна и е хит, публиката и ги знае сите наизуст, без оглед дали е новата „Туторијал“, „Тридесете“ или некоја од постарите, како „Пријатељице“ или „Девојка са села“. Меѓу своите хитови низ кои протнува духовити коментари и кокетно врти со колковите, Севе во својот репертоар вметна и македонски народни песни. Свирејќи ги „Македонско девојче“, „Битола мој роден крај“ и „Јовано Јованке“ беше начин да се претстави нејзиниот бенд.

Сосема  неочекувано, таа ја најави „Игри без граници“ и му ја посвети на Тоше Проески. „Се познававме, но не бевме толку добри пријатели“, беше искрена Северина. „Погледнете во небото и Тоше ќе знае дека сме со него“, додаде таа. Скокајќи и танцувајќи повеќе од два часа без одмор, своата чудесна енергија Севе и ја пренесе и на публиката. Охрид имаше среќа да се весели со неа, а организаторите, „БМЈ медиа груп“ да не заврне во текот на целиот концерт.

Северина со сопругот Игор со на аеродромот во Охрид (Фото: „1 ТВ“) 

Северина во Охрид дојде со својот сопруг, Игор Којиќ, за кого рече дека му ја посветила песната „Ја само пјевам“ иако е напишана уште пред да се запознаат. Слетаа со приватен авион од нејзиниот Сплит, и се сместија во хотелот „Инекс Горица“. Поп-ѕвездата со сопругот останува во Охрид и денес , на мини одмор. 

Милица Џаровска