Шарлин Спитери (ТЕКСАС): За Македонија првпат слушнав на „Евровизија“
Со директен лет од Малме, денеска во попладневните часови во Скопје пристигна Шарлин Спитери (50), пејачката на шкотскиот бенд „Тексас“ кој задутре првпат ќе се претстави пред македонската публика во спортско рекреативниот центар „Кале“.
- Имав време само да се истуширам и дојдов да се видам со вас. Прашувајте ме сѐ што ве интересира. Веројатно не дојдовте да се гледаме - се пошегува музичката ѕвезда на денешната средба со новинарите во „Мериот“.
Ни даде интересен одговор на нашето прашање кога првпат слушнала за нас.
- Искрено, секогаш слушав како извикуваат „Македонија“ на крајот од евровизискиот избор.. Отсекогаш мислев дека тоа име е симпатично – изјави таа за „Женски Магазин“.
Вокалистката на легендарната група отворено зборуваше на повеќе теми. За нејзината 16-годишна ќерка ни откри дека повеќе ја сака новата модерна музика како хитовите на Џастин Тмберлејк, но и дека особено ѝ се допаѓала музиката на „Кјур“.
Пејачката пред само две недели се омажи со долгогодишниот партнер, познатиот готвач Брин Вилијамс со кого живее една деценија. Носеше креација на Стела Мекартни, нејзина блиска пријателка.
- Заедно ја одбравме венчаницата. Некако ми е чудно кога новинарите наеднаш почнаа да ме прашуваат за работи поврзани со модата. Никогаш не ме интересирало како изгледам – искрена беше Спитери.
„Тексас“ во Скопје ќе се претстави со best off сет во времетраење од 100 минути. Како специјални гости се најавени членовите на „Ареа“. Концертот е во организација на „Авалон продукција“.
Ѓ.С.