ШЕРИФОВИЌ ГО ЗАПОЗНА ЗАЕВ И ПОСАКА КРОФНИ ВО ОХРИД
Српската пејачка Марија Шерифовиќ вчера во Охрид го запозна премиерот Зоран Заев, кој беше гостин во отвореното летно студио на „1 ТВ“. Шерифовиќ гостуваше во истотото студио, а телевизијата на својот сајт објави фотографија од Заев и од Шерифовиќ како се прегрнуваат.
Поп-ѕвездата сношти одржа концерт на Стадионот „Билјанини извори“. Моќна во вокалот и непосредна со публиката, Шерифовиќ го развесели Охрид по дождот кој врнеше цело попладне. Фановите на Марија имаа среќа, невремето престана токму пред нејзиниот концерт.
„ Ми замириса на крофни. Кој спомена крофни? Имате ли нешто благо за јадење?“, и се обрати Шерифовиќ на публиката. Оние од првите редови не чекаа многу, па веднаш почнаа да и фрлаат колачи на сцената, кои таа со радост ги пречека и ги подели со бендот. „Ако не го намалите ова бело светло за барем 20 до 30 проценти, јас ќе ви умрам овде на сцената“, беа дел од духовитите зборови на Шерифовиќ.
Концертот беше шаренило од репертоар на нејзини хитови и хитови од нејзините колеги. „Мерлин“, „Бијело Дугме“, Здравко Чолиќ, Саша Ковачевиќ..., од грлото на Марија слушнавме од се по малку. Публиката сепак најтопло реагираше на нејзините песни, следејќи ја во секој стих. Концертот го организираше „БМЈ Медиа груп“.
М.Џаровска
Фото: „1 ТВ“